Десетте најдобро платени светски писатели меѓу јуни минатата година и јуни оваа година заработиле вкупно 269 милиони долари бруто, што е 86 милиони долари помалку во споредба со минатогодишната заработка.
Според „Форбс“, меѓу писателите најмногу заработил Џејмс Патерсон – 95 милиони долари. Патерсон пишува детективски романи и книги за деца, објавува од 15 до 16 дела годишно, а вкупно досега има објавено 147 книги.
Втор на оваа листа е Џеф Кини, со заработка од 19,5 милиони долари, кој потврдува дека децата се добра и „плаќачка“ публика. Кини се прослави со „Дневникот на еден мекуш“ („Diary of a wimpy kid“), кој од моментот кога е објавен во 2007 година, стана најчитаната книга во САД, а потоа се пишувани и неговите продолженија.
Уште еден детски автор е во друштвото на најпродаваните, Рик Риордан, кој е последен на листата со 9,5 милиони долари заработка. Многу пред него се наоѓаат Џоан К. Роулинг, авторката на „Хари Потер“, која од минатата година пишува крими-романчиња под псевдоним Роберт Галбрајт. Заработувачката ѝ остана иста, 19 милиони долари, иако успехот со Хари Потер ѝ донесе поголемо богатство, што се проценуваше на милијарда долари. На листата се наоѓаат и Џон Гришам, Џорџ Мартин, Стивен Кинг, Даниел Стил и Нора Робертс.
Ден Браун пред две години имаше приход од 28 милиони долари, но од тогаш до денес нема напишано ништо ново, што значи приходот му е преполовен, па оваа година тој падна на 9,5 милиони долари, со тоа едвај се задржа на листата на богати писатели.
Извор: