На приказните им треба приказна

Истрајна, посветена и издржлива, карактеристики што ѝ овозможија пред повеќе од десет години да ги отвори патиштата на односите со јавност, но и да ги реализира идеите на „Браво сине“ – движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ. Правната литература ја замени со комуникациската зад која не заостануваат класиците и популарната психологија. Откријте ја библиотеката на Анѓелка Пеева-Лауренчиќ – извршен директор на „Имиџ ПР“.

2

Дали има книга што си ја препрочитала повеќе од трипати?

Има неколку книги што сум ги прочитала неколкупати и повторно им се навраќам кога ми требаат. Веројатно „Будење“ од Антони де Мело и „Патот по кој поретко се оди“ од Скот Пек се двете најчитани книги во мојата читачка историја, а едновремено и најцитирани. Скот Пек ми беше „друштво“ во доцните осумдесетти од минатиот век, како потврда од „трета страна“ за моите внатрешни дилеми и дијалози во времето кога ја бараш смислата за многу нешта, тргнувајќи од себе. Де Мело го запознав малку подоцна. „Будење“ ми се допадна на прва. Другите негови книги не ме иницираа да ги препрочитувам. „Ние сме сите луди. Цел свет е луд. Тоа што не сме во лудница е што нè има премногу“, цитат од „Будење“, книга што успева да ти помогне во растргнувањето на пердето пред очи, составено од разни животни илузии, што сами во форма на предрасуди, ставови, стравови и етикети си го плетеме околу себе. Свесноста за моментот, како највисок стадиум на слободата на духот е конечната цел во „будењето“. „Животот е тоа што ни се случува, додека сме окупирани со други нешта“ – е можеби најцитираната реченица на Де Мело, на која сакам да се потсетам при секое ново читање на „Будење“. Двете погоре наведени книги и двата автори се мошне познати во популарната психологија. Им забележуваат за површност, за разлика од класиците во истиот жанр Јунг, Фром, Фројд, Адлер… И навистина е така, но совршено се вклопуваат во новото време на инстант-нешта.

Со кој лик од книга се идентификуваш?

Секоја книга си има своја приказна, но не би можела да издвојам проекција за себе во некој конкретен лик. Ме фасцинираат храбри ликови и вонсериски размислувања. Ако направам некоја ретроспектива, Пипи Долгиот Чорап е еден лик во кој би можела да се пронајдам некаде. Нејзиниот детски став дека за сè има решение, само треба да си трпелив, позитивен и спокоен да го пронајдеш е животна филозофија со која се согласувам и јас. Размислите од детството остануваат силно врежани и имаат најголемо влијание во креирањето на личноста за цел живот, можеби затоа и таа идентификација прва ми дојде на ум.

Која сцена, ситуација или опис од книга те оставила без здив?

Дефинитивно без здив:

„Судбината ме поставила на оваа патека, за друга не знам и ќе чекорам по неа додека во мене има сила. Така треба, тоа е мојата задача и мојата цел. Не прашувам дали е праведна, моја е“, Меша Селимовиќ.

Која е најскапата книга што си ја купила во животот?

Во периодот кога бев во средно училиште, осумдесеттите години од минатиот век, немаше голема понуда на изданија во нашите книжарници. Беше во мода да се купуваат сетови книги што домаќинките ги купуваа според бојата на перничињата на софата или дрвото на регалот. Речиси секоја куќа имаше по некој комплет. Најчести беа избраните дела на Толстој и Јосип Броз Тито. Имаше и други. Кардељ, на пример. Најчесто се плаќаа на рати. Во тој период српскиот магазин „Илустрована политика“ извади серија изданија што можеш да ги нарачаш по пошта и да ги платиш по преземање. Без да побарам дозвола од родителите нарачав десетина книги, неколку од нив беа од Херман Хесе – „Степски волк“, „Игра со стаклени перли“, „Демијан“… Се надевав дека додека стигнат книгите ќе присоберам доволно пари за никој да не ме разбере дека воопшто сум порачала. Исто така, сметав и на тоа дека поштарот најчесто доаѓа во работен ден, кога моите не се дома. И сама не знам, од денешна перспектива, зошто ми требала сета таа „драма“ околу едноставна и многу чиста работа. Ама ете, таков памет ме водел тогаш.

Поштарот дојде побрзо од што мислев и тоа во сабота. Пратката ја презема мајка ми. Потоа книгите „скапо“ ги платив. Ги чувам и денес во мојата соба во родната куќа. Убав спомен.

Дали пишуваш посвети на книги и дали паметиш некоја посвета на книга што си ја добила?

Често подарувам книги за различни поводи и се разбира пишувам посвети. Паметам, за еден роденден, мајка ми ми подари Лексикон на странски изрази и зборови, популарно наречен „Вујаклија“, според писателот Милан Вујаклија. Беше скапа книга за тоа време. Го немаше „Гугл“ да го прашаш, Вујаклија беше спасот. Го чувам и денес.

Дали книгата/литературата денес се продава сама или дали треба да се прави приказна за приказната?

Книгата е комерцијален производ. На сè што е на пазарот му треба приказна. Така и на книгите. Ако нема приказна, приказната ќе ја прочитаат мал број луѓе. Затоа, на приказните им треба приказна. Добро е кога добри приказни имаат добра приказна – лошо кога лоши приказни добиваат добра приказна – најлошо кога добри приказни, немаат приказна. Се разбираме, нели?

Кој наслов од „Арс Либрис“ го сакаш во твојата библиотека?

Едицијата „Бајки од Македонија“, што ја сочинуваат бајките „Вејко Северко“, „Двата цара“, „Момчето што се скри во златното јаболко“ и „Девојчето и 12-те месеци“ се мојот избор. Енергијата што ја вложивме за нивно издавање преку Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво сине!“ во партнерство со издавачката куќа „Арс Ламина“ ја доби вистинската вредност кај најмладите. Од друга страна, наградената млада илустраторка Катерина Николовска, која победи на отворениот конкурс на „Браво сине“ за најдобра илустрација, уште еднаш потврди дека Македонија е земја на талентирани и креативни млади луѓе и е ризница на голема народна мудрост.

1

Advertisements

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s