Ана Џејмс од The pool го прочита продолжението на (што всушност беше претходно напишано) Да се убие птицата подбивница во текот на една ноќ.
Ми се случи да ја убијам птицата подбивница доцна. Бидејќи не ја учевме на училиште, таа книга тивко ја прочитав и тивко ја засакав, пред околу пет години, така што тогаш можев да ја симнам од листата книги за кои се преправав дека сум ги прочитала (за среќа, веќе не го правам тоа – одбивам да бидам засрамена заради нешто што не сум го прочитала). Кога Оди, постави стражар беше најавена, мојата главна загриженост беше околу тврдењата за експлоатацијата на Харпер Ли, а не за квалитетот на книгата, бидејќи добрите книги секогаш се истакнуваат сами од себе. Всушност, да ја прочитате Оди, постави стражар како нов и различен роман е да ѝ направите на книгата, и на Харпер Ли, лоша услуга. Да ја прочитате како првичен нацрт на Да се убие птицата подбивница е фасцинантен увид во тоа како една од нашите најсакани книги стана само нешто што додава уште слоеви, а не ги отстранува постојните.
Гледано од ваква перспектива, радосно е да се гледаат моментите и ликовите што преживеаја и цветеа во текот на развојот на книгата. Скаут останува славно и цврсто Скаут и нејзиното одбивање да се конформира е во преден план, иако се губи нешто од приказната кога се раскажува во трето лице, повеќе од неимитирачкиот глас на Скаут. Тажно, но во ниеден момент таа не замолува никого да „ја подаде проклетата шунка“. Има исто така неколку извонредно привлечни слики од детството на Скаут што не се среќаваат во Да се убие птицата подбивница, вклучувајќи и еден многу смешен инцидент од матурската вечер на Џем со некои „влошки за гради“ и кога Калпунија ја подучува за време на нејзината прва менструација.
Се разбира, голем дел од досегашната обработка се фокусира на Атикус и на расизмот. Нема сомнение дека елементите од Оди, постави стражар се тешки за читање – во еден момент, Скаут буквално, и сериозно, го споредува Атикус со Хитлер. Предавството што Скаут го изврши над дејствата на татко ѝ е фасцинантна и трогателна приказна, но тонски е многу поразлична од она што го добивме од Да се убие птицата подбивница. Но, на крајот, мене ми се виде мошне триумфално што го прочитав ова, знаејќи дека Ли одлучила да раскаже поинаква приказна на крајот. Во Да се убие птицата подбивница, Атикус му вели на Чичко Џек: „Само се надевав дека Џем и Скаут првин ќе ме прашаат мене, наместо да слушаат муабети низ градот. Се надевам дека доволно ми веруваат…“ Ли ни подари, како читатели, огромна привилегија со тоа што ни дозволи да погледнеме од каде порасна книгата, но не можам а да не почувствувам дека се бара ниво на доверба кога нè замолуваат да ја сфатиме Оди, постави стражар онаква каква што е – приказна од која потекнува понатамошното дејство што нè води до „нашиот“ Атикус. Исто како во Живот после животот од Кејт Аткинсон, ние ја гледаме можноста од многу животи, овие две верзии на Мејкоум не треба да си противречат или да се пишуваат една врз друга – ова е Атикус како работа во тек.
Кога агентот на Ли, Морис Крејн, ја предаде Оди, постави стражар во 1957 година, таа беше надополнета со една белешка на која пишуваше: „Исто така и патем речено, г-ѓица Ли умее да пишува“. Таа книга не ја содржи токму таа напнатост или радост што ја содржи Да се убие птицата подбивница, но сладострастието на Ли сјае низ зборовите. Изразите како „ѕвончето на вратата од Финчиеви беше мистичен инструмент; тоа можеше да ја разоткрива состојбата на умот на секој што го стиснуваше“ и „таа го стисна вчера претпазливо, потем се повлече“ го покажуваат потенцијалот што Крејн и нејзиниот издавач, Теј Хохоф, веднаш го забележале. Фактот што Хохоф го забележал потенцијалот во детските приказни на Скаут, кои навистина се брилијантни, покажува дека еден вешт уредник вреди онолку колку што тежи во злато.
Не би препорачала редовно да останете будни по цела ноќ и да читате книга, но кога станува збор за нешто олку посебно, тоа престанува да биде домашна работа и почнува да претставува ситен дел од книжевната историја. Затоа, прочитајте ја Оди, постави стражар како приказна од која потекнува една иконска книга, прочитајте ја заради вештите изрази на Ли, прочитајте ја заради Скаут и, секако, прочитајте ја како ода за еден добар уредник. Но, потем земете ја Да се убие птицата подбивница и повторно посетете го нашето сакано семејство Финч онаму каде што вие ги оставивте и онаму каде што тие ќе останат.
Превземено од The-pool.com