Моќта е опасна игра…
Извадок од романот „Црвена кралица“ од Викторија Авејард
Сè што гледам додека паѓам е виолетово, додека светлосниот штит се крева да ме пресретне. Целиот шушка од електричен набој, парајќи го воздухот. Едвај имам време да разберам што се случува, ама знам дека испреплетеното виолетово стакло жива ќе ме свари, ќе ме испече целата, сосе мојата црвена униформа. Се кладам дека сè што Сребрените тогаш ќе направат е да почекаат некој да ме исчисти од подот.
Главата ми се удира од штитот и почнувам да гледам ѕвезди. Не, не ѕвезди. Искри. Штитот си ја врши работата, палејќи ме со електрични полнежи. Униформата ми гори, станува кора и почнува да чади, и јас го очекувам истото и од кожата. Трупот ќе ми мириса прекрасно. Ама, некако, не чувствувам ништо. Мора да сум во толкави болки што не можам дури ни да ги почувствувам.
Само што – можам да чувствувам. Ја чувствувам жештината на искрите додека ми се движи горе-долу низ телото, изложувајќи ми го на оган секој нерв. А тоа чувство, всушност, и воопшто не е лошо. Впрочем, се чувствувам некако, па – се чувствувам жива. Како целиот живот да сум била слепа, и како токму сега да ги отворам очите. Нешто ми се движи под кожава, ама тоа не се искрите. Си ги гледам дланките, рацете, и ù се чудам на струјата што ползи низ мене и по мене. Облеката изгорува, се гламјосува од жештината, ама кожата не ми се менува. Штитот продолжува да се обидува да ме убие, ама не може.
Сè е погрешно.
Жива сум.
Од штитот почнува да се извива црн чад, и тој почнува да се распаѓа и да пука. Искрите стануваат посјајни, погневни, ама постепено слабеат. Се обидувам да се кренам, да станам на нозе, ама штитот се затресува под мене и јас повторно паѓам, превртувајќи се преку себе.
Некако успевам да слетам во еден куп прашина што не е препокриена со шилести и назабени отпадни парчиња метал. Целата сум модра и со крајна слабост во мускулите, ама сепак сум цела од глава до петици. Мојата униформа не ја дели мојата среќа, и едвај се држи целата во хаос.
Едвај успевам да се исправам на нозе, чувствувајќи како поголемиот дел од униформата почнува да се лупи од мене. Над нас, мрморења и воздишки одекнуваат низ Спиралната градина. Можам да почувствувам дека сите очи се вперени кон мене, кон изгорената црвена девојка. Кон човечкиот громобран.
Евангелина зјапа во мене со ококорени очи. Бесна е, збунета – и исплашена.
Од мене. Некако, на некој начин, исплашена е од мене.
„Здраво,“ велам будалесто и глупаво.
Евангелина одговара со порој од метални парчиња, сите остри и смртоносни, насочени кон моето срце додека го параат воздухот.
Без размислување, ги кревам рацете, надевајќи се дека така ќе се спасам од најлошото. Но наместо во дланките да ми заврши една цела дузина остри сечила, чувствувам нешто сосем различно. Исто како претходно со искрите, нервите почнуваат да ми пеат, како оживеани од некаков внатрешен оган. Тоа се движи во мене, зад моите очи, под мојата кожа, сè додека не почнам да се чувствувам како нешто повеќе од самата себе. А потоа почнува да избива од мене, чиста моќ и енергија.
Избликот светлина… не, туку молња, молња ми избива од рацете, пробивајќи со блесок низ металот. Парчињата крекаат и чадат, распрснувајќи се на ситни делчиња од жештината. И паѓаат безопасно на земја, додека молњата удира во далечниот ѕид. Зад себе остава дупка што чади широка четири стапки, само за влакно избегнувајќи ја Евангелина.
Устата ù се отвора во шок. Сигурна сум дека и јас изгледам исто додека си зјапам во рацете, прашувајќи се што се случи со мене. Високо над мене, стотина од најмоќните Сребрени си го поставуваат истото прашање. Кога ја кревам главата, гледам дека сите гледаат во мене.
Дури и кралот се навалува над работ на неговата ложа, при што неговата пламтечка круна се оцртува наспроти небото. Кал е веднаш до него, зјапајќи надолу кон мене со ококорени очи.
„Чувари.“
Гласот на кралот е остар како жилет, заканувачки. Одеднаш, црвено-портокаловите униформи на сентинелите засјајуваат од речиси секој балкон. Елитните стражари чекаат уште само збор, уште само една наредба.
Јас сум добар крадец затоа што знам кога да бегам. А сега времето е дојдено токму за тоа.
Пред кралот да може да проговори, се престорувам во молња која минува покрај стаписаната Евангелина и завршува право во сè уште отворената дупка во подот.
„Фатете ја!“ одекнува зад мене додека се спуштам во полутемнината на одајата долу.