Роалд Дал: Приказна за мошне неочекуваното

19 септември 1949.

Еден мал авион двокрилец на Кралските воздухопловни сили се упатува југозападно кон либиската пустина. Последните зраци од сонцето на заоѓање го осветлуваат песокот со жесток црвен отсјај. Пилотот лета ниско. Тој има намера да се придружи на својата ескадрила, но не може да ја лоцира камуфлираната писта. Резервоарот со гориво му е речиси празен и наскоро ќе се стемни. Само една опција останува отворена – присилно слетување.

Очајнички, тој пикира над брановидната земја, барајќи место да слета. Но, никаде нема ништо соодветно.

Сонцето исчезнува зад хоризонтот, а тој се впушта во ризик, го намалува дотокот на гориво и ја допира земјата со 130 километри на час, молејќи се тркалата да не удрат во некој камен. Но, среќата не е на негова страна. Стојниот трап удира во една карпа и тој веднаш се урива, закопувајќи го носот на авионот во земјата. Пилотот е жестоко исфрлен напред над проѕирната купола од авионот. Носот му е набиен во лицето, черепот му е напукан, а самиот тој е онесвестен. Авионот пламнува.

Роалд Дал го преживеа тој судир по некое чудо. До крајот на својот живот тој ќе биде измачуван од повредите со кои се здоби таа ноќ. Сепак, човекот што ги напиша највеличествените книги за деца на дваесеттиот век, вклучувајќи ги Чарли и фабриката за чоколадо, ГДЏ, Твитовци и Матилда, честопати ќе одразуваат дека овој „огромен удар по главата“ ја променил неговата личност. Тој дури и се прашуваше дали тоа, на некој чуден начин, го претвори во писател.

По сто години од неговото раѓање, на 13 септември 1916 година, приказните на Дал продолжуваат да восхитуваат. По неговата смрт во 1990 година, продажбата на неговите книги се зголемуваше од година во година. Тие сега се преведени на 58 јазици, со глобална продажба што надминува 200 милиони. Современи писатели, како Џ. К. Роулинг и Дејвид Валијамс признаваат дека му должат на Дал, додека режисери од различни жанрови, како Тим Бартон, Вес Андерсон и Стивен Спилберг, уште повеќе го проширија неговиот магичен дофат. Како резултат на тоа, мрачните и комичните фантазии на Дал изгледаат речиси помоќно денес отколку што изгледаа во нивното време.

Роалд Дал со неговите кучиња Куки и Амбер

Сепак, нивниот создател, овој чуден џин што се извишуваше на 195 сантиметри и кој најголемиот дел од својот живот го помина во скромна колиба во бакингамширскиот крај, беше на многу начини колеблив патник кон оваа извонредна судбина.

Тој има специфична заднина. Двајцата негови родители се Норвежани кои создале нов живот за себеси во Кардиф. Татко му, Харалд, сопственик на успешна бродска компанија за превоз и осигурување на стока, почина од пневмонија кога Дал имаше три години, оставајќи ја сопругата Софи Магдалена сама да се грижи за своето семејство од шест деца.

За среќа, семејството имаше пари, а Софи Магдалена имаше силен карактер и беше дорасната на таквиот предизвик. Дал подоцна ја опиша како „несомнено најголемото влијание врз мојот живот“.

Во 1925 година, на деветгодишна возраст, Дал беше испратен во училиштето со интернат „Свети Петар“, во Вестон супер Мар, а оттаму во Рептон, типично британско државно училиште. Тој го мразеше тоа искуство, но мораше да го трпи до својата седумнаесетгодишна возраст. На разочарување на својата мајка, тој одлучи да не се запише на факултет, туку да се вработи во нафтена компанија, со надеж дека ќе го испратат на некое возбудливо место.

И го испратија. Во 1938 година, беше испратен за Дар ес Салам во Тангањика, денешна Танзанија, источна Африка. Таму, со можност „да правите разни заебанции освен да се потите“, тој живееше, според неговите зборови, живот на „смешен асолен млад сахиб во последните денови на Британската Империја“. Победуваше на натпревари во голф. Ги нервираше Германците во клубот Дар ес Салам со тоа што фрлаше стрелки во фотографија на Адолф Хитлер. И се опиваше. Понекогаш се дробеше од пиење.

Tоа се смени кога изби војната и тој одлучи да се придружи на Кралските воздухопловни сили. Го урна својот двокрилец „Глостер Гладијатор“ уште на првиот ден и му требаа шест месеци да закрепне. Но, тој повторно леташе во Грција и Палестина, каде што во 1941 година собори неколку непријателски авиони со својот „Марк 1 Ураган“. Потоа, повторливото губење на свеста го присили да се врати во Англија.

Наскоро беше испратен за Вашингтон, каде што работеше за Кралските воздухопловни сили како помошник воздушен аташе во британската амбасада. Дрскиот млад пилот стана дипломат. Тогаш, речиси случајно, почна да пишува кратки раскази за своите искуства со летањето, од кои првиот беше објавен анонимно во „Сатрдеј ивнинг пост“. Американската јавност го обожаваше. Волт Дизни прочита еден од тие раскази, насловен „Гремлините“, и одлучи да го филмува. И така згодниот млад воздушен аташе наскоро почна да ужива во холивудскиот висок живот, пишувајќи дијалози за Дизниевите аниматори, релаксирајќи се покрај базенот со американскиот текстописец и глумец Хоги Кармајкл и танцувајќи со Џинџер Роџерс на свадбата на Дороти Ламур. Иако филмот на Дизни на крајот беше прекинат, Стивен Спилберг во 1984 година сними филм што беше лабаво инспириран од тие ликови.

Дал беше неконформист. Тој подоцна се опиша себеси како „кловн“ кој ги користеше својот шарм и хумор да стигне до некои места и да постави некои прашања што би биле речиси невозможни за кој било друг.

Го посети претседателот Рузвелт на неговиот имот на село, бидејќи неговата сопруга беше обожавателка на Гремлините и играше тенис со вицепретседателот Хенри Волис. Беше регрутиран од британското воено разузнавање за да собере информации од неговите контакти и да рапортира што открил во Лондон. Се спријатели со Јан Флеминг, креаторот на Џемс Бонд. Дипломатот сега речиси беше шпион, промовирајќи ја британската пропаганда дизајнирана да ја држи Америка на готовност за време на војната.

Дал се забавуваше во Америка. Излегуваше со гламурозни глумици, како Ненси Керол, имаше врска со Анабела, сопругата на Тајрон Пауер, и јадеше јастози со Ноел Кауард. Но, неговиот вистински интерес беше пишувањето. Навистина, тој честопати одбиваше покани за вечери или забави за да седи дома и да составува кратки раскази за своите летачки патешествија.

Неговата прва збирка раскази, Префрлам на тебе, беше објавена во 1946 година. Тогаш тој имаше 29 години. Подоцна истата година, се врати од Америка за да пишува и да биде блиску до мајка му во бакингамширскиот крај. Првин тие живееја на рид близу Грејт Мисенден, во куќа што подоцна ќе стане дом на британскиот премиер Харолд Вилсон.

Потоа, тие се преселија на главната улица во Олд Амершам, каде што Дал живееше живот на едноставен селанец, одгледувајќи тркачки ’ртки кога не го пишуваше својот апокалиптичен научно-фантастичен роман Во времето никогаш. Тоа беше првиот сериозен роман што се однесуваше на свет уништен од нуклеарен холокауст.

Сепак, критичарите ги кренаа носовите пред Во времето никогаш и кога издавачите го одбија неговиот следен роман, Дал се врати во Америка во 1951 година. Тој имаше 35 години, неоженет, и со писателска кариера во застој.

Сепак, во следните две години, тој повторно се пронајде себеси, пишувајќи кратки приказни за „Њујоркер“ и за Би-би-си, само овој пат со мрачни комични преврти во сижето. Овие беа неговите познати Приказни за неочекуваното. Алфред Хичкок и други се нафрлија врз нив, вклучувајќи ја и злогласната „Јагне на колење“, што беше адаптирана во мошне ценета ТВ-драма од страна на Алфред Хичкок. Не помина многу пред американскиот печат да го прогласи Дал за мајстор на мрачното.

Во 1953 година, се ожени за Патриција Нил, една од најубавите и најславните глумици од нејзината генерација. Тие станаа селебрити пар. Следната година тој купи колиба близу мајка му во Грејт Мисенден. Циганската Куќа, како што ја преименува, ќе му биде дом до крајот на животот. Во 1955 година му се роди првата ќерка, Оливија, а по неа и Теса во 1957 година, и синот Тео во 1960 година. Кариерата на Пат стануваше сè поуспешна, а членовите на кралското семејство почнаа да претекуваат од Приказни за неочекуваното. Во средината на своите четириесетти години, Дал изгледаше дека успеал да стекне слава, богатство и среќа.

Тогаш, во 1960 година, се случи првата од трите семејни катастрофи. На пет месеци, Тео беше згмечен врз страничниот дел од еден автобус кога едно њујоршко такси, надвор од контрола, ја изби количката од рацете на дадијарката. Бебето претрпе ужасни повреди на главата, но преживеа.

По само две години, почина најстарата ќерка на Дал, Оливија, на седумгодишна возраст, откако беше зафатена со сипаници. По три години, неговата сопруга Пат претрпе катастрофален срцев удар додека беше на снимање во Лос Анџелес. Таа неодамна имаше освоено оскар за нејзината изведба со Пол Њумен во Хад и беше бремена со нивната најмала ќерка, Луси.

Смртта на Оливија речиси го уништи Дал, но тој им пристапи на другите две премрежиња со карактеристична решителност. Кога вентилот што го цедеше вишокот течност од мозокот на неговиот син постојано се блокираше, тој дизајнираше и создаде друг што беше многу поефикасен. А кога лекарите му рекоа дека сопругата веројатно ќе биде параплектична, тој одби да им поверува и наместо тоа создаде интензивен и успешен режим на секојдневно стимулирање што резултираше со извонредно закрепнување од страна на Пат. По три години од ударот, таа беше номинирана за друг оскар за Кога зборуваме за розите.

Цело време, Дал се држеше поради неговата способност да побегне во друг свет – фантастичниот свет на имагинацијата. Тој конструираше колиба за пишување во подножјето од неговата градина во Грејт Мисенден (сега дел од Музејот на Роалд Дал) и токму таму Дал најпосле почна да пишува за деца.

Како што почна да измислува приказни успивалки за деца, идејата за плод што не престанува да расте почна да му станува опсесивна. Тоа се претвори во неговата прва книга за деца, Џејмс и џиновската праска. Таа беше објавена во 1960 година. По четири години ја заврши и втората книга за деца, Чарли и фабриката за чоколадo.

И двете приказни веднаш станаа бестселери во Америка, но сите големи британски издавачи упорно ги одбиваа. Конечно, еден мал академски издавач, „Ален & Унвин“, ги издаде и во 1967 година, почна кариерата на Дал во Обединетото Кралство како писател на книги за деца. Но, беше воспоставен шаблон. Отсега па натаму тој гледаше на себеси како на аутсајдер од книжевната фела и уживаше да претставува трн во нивните очи. Односите со неговите издавачи редовно беа затегнувани и тој се здоби со углед на заморлив човек без влакна на јазикот. Офелија и Луси беа родени во 1964 и 1965 година и, со повеќе деца низ куќата да го стимулираат, тој сè повеќе почна да се сосредоточува на помладата публика, кои ја прифатија неговата работа со ентузијазам што никогаш не престана да го воодушевува. Во 1982 година се раздели од Пат, бидејќи се вљуби во Фелисити „Лиси“ Кросланд. Се ожени за неа следната година. Во осумте години додека беше оженет со Лиси се забележа огромен изблик во неговата продуктивност, бидејќи ги напиша ГДЏ, Вештерки и Матилда, покрај други пократки книги. Кога почина во 1990 година, тој само што имаше почнато нова приказна за девојче што го научила кучето да зборува.

За време на неговиот живот како возрасен, Дал се стекна со извонредна способност да се поврзува со деца. Луѓето честопати го опишуваа како своевиден Свирач од Хамелн, маѓепсувајќи ги малите деца со своите приказни и разговор. Тој беше горд дека кога одеше во својата колиба за пишување, за десет минути можеше да го види светот низ очите на детето и, како стар, тој честопати се опишуваше себеси како „детинест геријатриски случај“. Тоа беше неговата можеби најголема дарба. Тоа најдобро објаснува зошто децата сè уште реагираат толку силно на неговата богата, оригинална и извонредна фантазија.

 

Автор: Доналд Старок

© Donald Sturrock 2016

Donald Sturrock - credit David Mees

Donald Sturrock – credit David Mees

Advertisements

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s