Извадок: „Сите светли точки“ од Џенифер Нивен

Приказна за едно момче по име Финч и една девојка по име Вајолет…

Извадок од романот „Сите светли точки“  од Џенифер Нивен

Site svetkli to;ki

ФИНЧ

Тринаесетти ден

Фрлам со камчиња по нејзиниот прозорец, но не слегува. Се мислам да заѕвонам на врата, но така само ќе ги разбудам нејзините родители. Се обидувам да чекам, но нејзината завеса не се поместува, вратата не се отвора и навистина е проклето многу студено, па конечно си влегувам во Малото Копиле и си одам дома.

Не спијам цела ноќ и правам список наречен „Како да останам буден“. Тука се очигледните одговори – „ред бул“, кофеин, „ноДоз“ и други слични таблети – но поентата не е да се избегнат неколку часа сон, туку да се остане буден на долги патеки.

  1. Трчај.
  2. Пишувај (ова ги вклучува и оние мисли што не сакам да ги имам – пишувај ги што е можно побрзо за побрзо да излезат од тебе и да останат на хартијата).
  3. Додека пишуваш, прифати ги сите и секаквите мисли (не плаши се од нив, па какви и да се).
  4. Опкружи се со вода.
  5. Планирај.
  6. Вози каде било, насекаде, дури и кога нема каде да се оди. (Забелешка: Секогаш има каде да се оди.)
  7. Свири гитара.
  8. Средувај си ја собата, белешките, мислите. (Ова е поразлично од планирање).
  9. Прави сè што ќе биде потребно за да се потсетиш себеси дека сè уште си тука и дека имаш право на глас.
  10. Вајолет.

ВАЈОЛЕТ

147-146 дена до слобода

Следното утро. Кај мене дома. Излегувам од дома и го наоѓам Финч легнат на тревникот напред со затворени очи и прекрстени црни чизми. Неговиот велосипед е испружен веднаш до него, половина на тревникот, половина на улицата.

Го клоцам по ѓонот од чизмата. „Цела вечер ли си овде?“

Ги отвора очите. „Значи знаеше дека сум тука. Тешко е да се забележи тоа кога те игнорираат додека стоиш на ледениот арктички студ“. Се исправа на нозе, го префрла ранецот на рамената и го крева велосипедот. „Имаше уште кошмари?“

„Не“.

Додека го земам Лирој од гаражата, Финч вози нагоре-надолу по патеката. „Па, каде ќе одиме?“

„На училиште“.

„Мислев утре, кога ќе талкаме. Освен ако немаш испланирано нешто поважно“.

Го кажува тоа како да знае дека немам. Помислувам на Рајан и киното на отворено. Сè уште не сум му кажала ни „да“ ни „не“. „Не сум баш сигурна дека сум слободна утре“. Возиме накај училиште. Финч шиба напред, па се враќа назад, па шиба напред, па се враќа назад.

Возењето е речиси совршено додека не рече: „Мислам дека како твој партнер и како тип што ти го спаси животот треба да знам што се случило ноќта на несреќата“.

Лирој се занишува, а Финч пушта рака и нè стабилизира и мене и велосипедот. Низ телото почнува да ми минува електрично струење, исто како и претходно, и повторно губам рамнотежа. Околу една минута се возиме со неговата рака на моето седиште. Внимавам да не ги видам Аманда и Суз затоа што точно знам како ќе изгледа ова.

„Па, што се случи?“ Мразам што тукутака ја спомнува несреќата, како да е во ред да се зборува за неа. „Ако ми кажеш што се случи таа вечер, ќе ти раскажам од каде ми е лузната“.

„Зошто те интересира?“

„Затоа што ми се допаѓаш. Не на романтичен да-се-сплеткаме начин, туку како твој колега на часот по американска географија. И затоа што може да ти помогне ако зборуваш за тоа“.

„Ти прв“.

„Свирев во Чикаго со едни типци што ги запознав во бар. Ми рекоа: ’Еј, брат, гитаристот нè откачи, а ти личиш како да знаеш да се снајдеш на сцена’. Се качив. Немав поим што правам, ни што прават тие, но растуривме. Сериозен сум – Растуривме! Бев поголем фраер од Џими Хендрикс – тие го знаеја тоа, а го знаеше и оригиналниот гитарист. Па копилето се качи на бината и ме исече со неговото перце за гитара“.

„Навистина било така?“ Во далечината го гледам училиштето. Децата излегуваат од своите автомобили и муабетат во дворот.

„Можеби беше вмешана и една девојка“. Не можам да проценам од изразот на неговото лице дали се мајтапи со мене или не, но речиси сум сигурна дека да. „Ти си на ред“.

„Само откако ќе ми кажеш што навистина се случило“. Забрзувам кон паркингот за велосипеди. Кога застанувам, Финч е веднаш за мене и умира од смеење. Телефонот не престанува да ми вибрира во џебот. Го вадам и имам пет пораки од Суз, сите со истата содржина: Теодор Фрик?! Кој ти курац?! Се вртам наоколу, но не ја гледам.

„Се гледаме утре“, ми вели.

„Всушност, имам планови за утре“.

Фрла поглед во мојот телефон, а потоа ме погледнува со поглед што тешко може да се прочита. „Во ред. Нема гајле. Се гледаме тогаш, Ултравиолетова“.

„Како ме нарече?“

„Ме чу“.

„Училиштето е натаму“. Покажувам со прст кон зградата.

„Знам“. И заминува во спротивен правец.

Извадок од романот „Сите светли точки“  од Џенифер Нивен

Advertisements