Љубов на прв стих

По три збирки поезија, „Шеќер по подот“, „Под нулата“, за која во 2013 година ја добива наградата „Бели мугри“, и „Модри фантазии“, за поетесата Снежана Стојчевска дознаваме дека поезијата прецизно ја дефинира, но и ја ослободува. За нејзините чисти и чесни песни, ослободени од современото бреме, поетските собири „Асталните проекции“ се месечна катарза каде што во вид на „перформанс“ можат да се доживеат чувствата што еруптираат од нив.

slika 1

Која книга во одреден период од животот влијаела на твоите ставови и на твојот начин на размислување, односно ти направила „пресврт“ во животот?

Средношколските денови беа периодот кога бев оптоварена со безброј филозофски прашања, кога трагав по смислата на постоењето, значењето на животот и смртта. Егзистенцијализмот како таков беше особено примамлив за мене, така што најголемо влијание врз мене имаше Албер Ками со „Митот за Сизиф“ и „Странецот“, што беа тема на мојот матурски труд. Морам да ги споменам и Меша Селимовиќ со „Дервишот и смртта“ и Херман Хесе со „Степскиот волк“, што ми отворија нови когнитивни перспективи.

Лик од книга кој ти бил кошмар?

За моите кошмари беше задолжен Дарт Ведар, така што ниту еден лик од роман не можеше да го заземе приматот, сепак најголем впечаток како негативци, ладнокрвни убијци-психопати ми оставиле Мерсо во „Странецот“ и Расколников во „Злосторство и казна“. Баш би сакала повторно да ги прочитам овие романи за да видам како би ги доживеала од денешна перспектива.

Има ли книга што си ја препрочиталa повеќе од трипати, која и зошто?

Сакам кога ќе се вљубам на прв стих. Имам навика да се навраќам на книгите што прават земјотреси во мене и тоа најчесто се поетски книги. Моментално таква книга поезија е „Риба во шишето ракија“ од основоположникот на современата турска поезија Орхан Вели, во препев на Васко Марковски.

slika 3Дали паметиш некои илустрации на книги?

Не паметам некои илустрации, иако по искуството со мојата книга можам да кажам дека се особено значајни. Тие се визуелниот идентитет на книгата. Соработката со Јасмина Главинче, која ги изработи илустрациите за мојата трета книга „Модри фантазии“ потврдува дека синергијата што се случи помеѓу илустрациите и поезијата е совршена, таквите поклопувања го прават животот магичен.

 

Која е последната книга што не можеше да ја оставиш додека не ја прочиташ докрај?

Последната книга што ја прочитав во еден здив низ солзи и насмевки беше „Три минути и 53 секунди“ од Берт Стајн, односно Бранко Прља. Истото ми се случи и со романот на Петар Андоновски „Очи со боја на чевли“ и со „Резервен живот“ на Лидија Димковска. Додека го читав романот на Лидија не можев да го пуштам од раце, без да бидам свесна за тоа, сè додека мојот син не се налути оти не му обрнувам внимание и не ми рече: „Мамо зошто читаш додека сум буден?“ Во тој момент се сепнав и сфатив колку всушност бев понесена од книгата.

Кој наслов од „Арс Либрис“ го сакаш во твојата библиотека?

Магичниот реализам на Маркес секогаш ми бил фасцинантен, па мојот избор е „На полковникот никој не му пишува“. Инаку, насловот на романот е стих во една од песните на мојот омилен поет Ѓоко Здравески.

Advertisements