Македонска книжевност на секој дел од светот

bojan2Обединети околу дефинираните долгорочни цели, како подигнување на културата за читање книга, заедничка битка за правата на издавачите и промоција на домашната издавачка продукција во светот, издавачите ја формираа Македонска асоцијација на издавачи – МАИ, што на Саемот на книгата во Париз го имаше својот прв професионален предизвик. Во пресрет на следните активности, разговаравме со Бојан Саздов, претседател на МАИ.

Неодамна почна со активности Македонска асоцијација на издавачи – МАИ, што ги обединува најголемите издавачи во земјава. Од каде потребата за формирање на ова ново здружение и која е мисијата на неговото работење?

Македонската асоцијација на издавачи беше формирана на почетокот на 2016 година, иако идејата и потребата од нејзино создавање беа актуелни меѓу нас издавачите подолго време. МАИ е асоцијација што има цел и мисија да работи во насока на развој на издавачката дејност во Македонија, и тоа од повеќе аспекти – поттикнување соработка помеѓу издавачките куќи, остварување на нивните заеднички интереси, утврдување стандарди во работењето и нивен постојан развој, учество во донесување на законски регулативи во дејноста и грижа за нивно спроведување, организација на саемски и други манифестации со цел промоција на издавачката продукција во земјата и во странство, а секако, преку овие цели сакаме да дејствуваме и во насока на постојано подигнување на статусот на книгата и читањето во Македонија.

За проблемите во издаваштвото малку се зборува во јавноста, па кои се првите прашања што МАИ ќе ги отвори во име на издавачите и ќе побара решавање?

Во издаваштвото постојат неколку отворени прашања што се и директна причина за нашето здружување – нелојална конкуренција, нерегулиран пазар, отсуство на стратегија во издаваштвото, лош третман на книгата… Дојде време овие работи да се решат, да се договорат и со тоа да направиме чекор напред кон поголема професионалност и организираност во секторот. Придобивките од тоа ќе го почувствуваат сите, и оние што се директно или индиректно дел од него и, уште поважно, читателите.

На Саемот на книгата во Скопје се случи трибината „Авторските права: состојби и предизвици во Македонија“, на која присуствуваа малкумина издавачи, иако на саемот беа присутни огромен број од нив, што говори, како што посочија присутните, за незаинтересираноста на издавачите за некои клучни прашања за вас. Како МАИ ќе се обиде да ги обедини издавачите кои заеднички ќе бараат одговори на прашањата за лојална конкуренција?

Проблемот со правата е еден од посериозните со кои се соочуваме – пазарот во Македонија е нерегулиран и тоа е состојба што трае со години и со која се запознаени и надлежните и носителите на правата. Но, за жал, постојната регулатива не овозможува лесно решавање на споровите што издавачите ги имаат со пиратеријата и тоа е една од работите што треба поскоро да се реши. МАИ во прво време ќе работи во насока и на давање на стручна помош за регулирање на овие спорови, на споделување искуства и будно ќе ги следи состојбите во ова поле. Верувам дека токму членовите на МАИ преку својот начин на работа и соработка ќе бидат пример и ќе иницираат промена во овој, но и во другите сфери на работење.

Како изгледа календарот на работни активности? Кои цели сакате да ги остварите со нив?

Во моментов работиме на запознавање на издавачите со основните цели на Асоцијацијата и ги покануваме сите професионални издавачи да станат дел од МАИ и да помогнат кон подобрување на состојбите во секторот. Има многу работи на агендата на МАИ за кои е потребен голем ангажман од сите. Во меѓувреме, организираме два интересни настана – Саем на книгата во „Рамстор“ и во „Сити мол“, што ќе се случат во јуни, и се надеваме дека ќе предизвикаат голем интерес кај читателите во овој предлетен период. Овие настани ќе бидат само почеток на еден поангажиран настап на издавачите кои се дел од МАИ, а ќе се случуваат во повеќе градови, во текот на целата година.

Првото заедничко работно искуство на МАИ беше на Саемот на книгата во Париз, а сега следува Саемот на книгата во Франкфурт. Какви се вашите искуства од заедничкиот настап на македонските издавачи?

Од особена важност е македонската литература да се пробие на европскиот пазар, а тоа е и една од нашите определби, да ги бидеме присутни на големите саемски манифестации, како овие во Париз, Франкфурт, Лондон, Болоња, и со координиран и професионален настап да го привлечеме интересот на странската јавност, пред сè на професионалците, кон македонската литература. Саемот на книгата во Париз беше првиот сериозен настан што коинцидираше со формирањето на МАИ, на кој имавме одлична можност да се претставиме пред голема и љубопитна публика и нашите импресии и резултати се позитивни. Но, врските со надвор треба сериозно и постојано да се развиваат, и тоа во соработка со Министерството за култура, со авторите, со амбасадите. Со крајна цел да имаме свои претставници на големите јазични подрачја и пазари.

Што подготвувате за Саемот во Франкфурт?

Во Франкфурт ќе го продолжиме она што го почнавме во Париз – да го претставиме најдоброто од Македонија на начин на кој ќе биде забележан, да се надоврземе на веќе остварените контакти и да ја продолжиме комуникацијата и со, за нас, важните центри во издавачкиот свет и трпеливо да работиме на нашата цел – македонската книжевност да се чита во секој дел од светот.

Advertisements

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s