Десетте најдолги романи на сите времиња

Интернетот кај секого официјално го уништи распонот на внимание, до таа мера што ако сега сакате да ја прочитате книгата „Кучето Спот“ потребна ви е огромна концентрација.

Затоа, нам ни е страв да помислиме колкумина би успеале да ги прочитаат овие чудовишта на прозата; титани на текстот. Подолу ги наведовме десетте најдолги, најепски романи што некогаш биле создадени.

10. Ponniyin Selvan / Синот на Пони

10

Автор: Калки Кришнамурти

900.000 зборови/2.400 страници

Објавен во педесеттите години на минатиот век и издаден во пет тома, овој историски роман, оригинално напишан на тамилски јазик, ја раскажува приказната за Арулможиварман, еден од кралевите на династијата Чола, која владеела во 10 и 11 век. На Кришнамурти му беа потребни три години и шест месеци да го напише – веројатно нам ќе ни треба исто толку време да го прочитаме (без да мораме да учиме странски јазик).

9. کلیدر / Келидар

9

Автор: Махмут Довлатабади

950.000 зборови/2.836 страници

Познатиот персиски роман беше објавен во 1984 година и ја раскажува приказната за едно курдско семејство во Сабзевар, Хоросан, кое се соочува со непријателство од соседните посетители. Дејството се одвива во годините што следуваат по Втората светска војна; турбулентната ера на иранската политика. На Довлатабади му требаа 15 години да го напише: фала му на бога што на луѓето им се допадна, инаку тоа би било бадијала потрошено долго време.

8. Joseph und seine Brüder / Џозеф и неговите браќа

8

Автор: Томас Ман

1.492 страници

Напишана од страна на Германецот Томас Ман, овој епски том беше објавен во средината на војната, во 1943 година во Шведска. Романот ги прераскажува познатите приказни од Битието – од Јакоб до Јосиф – поставени во историскиот контекст на периодот Амарна од египетската историја (околу 1.300 г. п.н.е.). На Ман му беа потребни 16 години да ги напише четирите дела што ја сочинуваат целината – тој само да решеше да напише неколку песни и да го претвореше тоа во мјузикл, ќе заработеше многу повеќе пари.

7. Клариса или Историјата на една млада дама

7

Автор: Семјуел Ричардсон

984.870 зборови/1.534 страници

Пример за епистоларен роман – напишан како серија документи, на пример писма или записи во дневник – оваа огромна книга беше објавена во 1748 година и раскажува трагична приказна за една хероина, која постојано е уназадувана од страна на нејзиното семејство. Ќе бидеме искрени, ако веќе читаме речиси милион зборови, би сакале барем среќен крај.

6. Min Kamp / Мојата борба

6

Автор: Карл Ове Наусгард

1.000.000 зборови/3.600 страници

Не грижете се, ова не е онаа книга на мегаломанскиот Австриец, туку серија од шест автобиографски книги што беа објавени во периодот од 2009 до 2011 година од норвешкиот автор Карл Ове Наусгард. Тие се стекнаа со голема слава и злогласност поради непоколебливата искреност и деталност во која Наусгард навлегува кога станува збор за неговите пријатели, семејство и „баналностите и понижувањата во неговиот живот“; до таа мера што неговата сопруга доживеа нервен слом. Денес, се има продадено во повеќе од еден милион примероци само во Норвешка – по еден примерок за секој деветти човек во државата.

5. Zettels Traum

5

Автор: Арно Шмит

1.100.000 зборови/1.536 страници/6.800.000 карактери

Арно Шмит, заедно со Ханс Волшлагер, доби задача да ги преведе делата на Едгар Алан По на германски јазик и, додека го правеше тоа, тој реши да напише роман – за проблемите околу преведувањето на делата на Едгар Алан По на германски јазик. Е па, велат дека секогаш е најдобро да пишувате за тоа што го знаете.

4. Der Mann ohne Eigenschaften / Човекот без својства

4

Автор: Роберт Музил

1.774 страници

Романот, напишан во три книги, е „приказна за идеи“, што се случува во последните денови на Австроунгарската монархија во 1913 година. Се разработува огромен распон на важни човекови теми: вистина, мислење, општество и идеи и, на многу начини, книгата ги предвидува проблемите со кои Европа ќе се соочи по 1918 година. За жал, романот не беше завршен никогаш, бидејќи Музил почина пред да успее да го заврши и затоа нема соодветен крај. Тој никогаш не виде слава или богатство од таа книга додека беше жив, и покрај тоа што потроши 13 години од својот живот во пишување на романот.

3. Мисија Земја

3

Автор: Л. Рон Хабард

1.200.000 зборови/3.992 страници

Напишана како серија од десет книги од страна на таткото на Црквата за скиентологија, Л. Рон Хабард, „Мисија Земја“ е чуден ѕвер, одреден да биде „сатирична научно-фантастична авантура сместена во далечната иднина“, но исмеван од критичарите, а дури и забранет во некои места. Градот Далтон во Џорџија се обиде да го отстрани од својата јавна библиотека, тврдејќи дека романот содржи „повторливи пасуси за хроничен мазохизам, малтретирање деца, хомосексуалност, некромантија, крваво убиство и други работи што се антисоцијални, перверзни и анти-сè“. Како и да е, сите десет книги беа бестселери.

2. A la recherche du temps perdu / Во потрага по загубеното време, том1 и том 2

2

Автор: Марсел Пруст

1.267.069 зборови/3.031 страница/9.609.000 карактери

Рангиран како најдолгиот роман на сите времиња од страна на Гинисовата книга на рекорди, нема сомнежи дека ремек-делото на Пруст може мошне складно да се искористи како многу ефикасно скалило, со 13 тома што содржат речиси 1,3 милиони зборови. Неговата тема од недоброволното сеќавање се повторува во текот на животот на нараторот, од детството, до возрасната доба. Објавена помеѓу 1913 и 1927 година, таа имаше длабоко влијание врз многу дела што следуваа во 20 век. Се смета за дефинитивниот модерен роман од страна на многумина видни интелектуалци. Значи, да сумираме: долга, ама добра книга.

1. Artamène / Сајрус Великиот

1

Автор: Жорж де Скудери / Маделин де Скудери

2.100.000 зборови/13.095 страници

Што се однесува до просто броење на зборовите, овој роман од 17 век ги засенува сите други со неверојатни 2,1 милион зборови што ги сочинуваат неговите десет тома. Наведено е дека заслугите на ова дело се на Жорж де Скудери, но тоа обично се припишува на неговата сестра Маделин. Врвниот пример за романтичарското херојство во него го прави да биде, во суштината, романтичарски роман, со бескрајни пресврти за да се задржи неизвесното дејство. И покрај неговата гигантска должина, во негово време беше мошне популарен. Како и да е, тој не беше последователно повторно објавен сè додека не беше почнат еден академски проект што направи да биде достапен на интернет.

Advertisements