Извадок од последната книга од трилогијата Делириум – Реквием од Лорен Оливер.
***
Пак почнав да сонувам за Портланд.
Откако се појави Алекс, воскреснат, но исто така и променет, искривен, како чудовиште од некоја од приказните со духови што си ги кажувавме како деца, минатото почна да си го пробива патот. Надоаѓа низ пукнатините кога не обрнувам внимание и ме повлекува со своите алчни прсти.
За ова ме предупредуваа со години: тежината во моите гради, делови од кошмарите што ме следат дури и кога сум будна.
Те предупредив, ми вели тетка Керол во главата. Ти рековме, вели Рејчел. Требаше да останеш. Тоа е Хана, посега преку временско пространство, преку мрачните дебели слоеви сеќавања, растег нувајќи бестежинска рака кон мене додека тонам.
Околу дваесетмина од нас тргнаа северно од Њујорк: Врана, Шајко, Џулијан и јас, како и Дани, Гордо и Шило, плус уште петнаесетина кои главно согласно си седат тивки и ги следат насоките.
И Алекс. Но, не мојот Алекс: туѓинец кој никогаш не се насмевнува, не се смее и одвај зборува.
Другите, кои го користеа складиштето надвор од Белите Долини како прибежиште, се раштркаа кон југ или кон запад. Сега складиштето веќе несомнено е соголено и напуштено. Не е безбедно, не по спасувањето на Џулијан. Џулијан Фајнмен е симбол, и тоа важен. Зомбијата ќе трагаат по него. Ќе сакаат да го обесат симболот и да сторат да прокрвави неговото значење, така што другите да си ја научат лекцијата.
Мораме да бидеме многу внимателни.
Ловец, Боро, Среќичка и некои од преостанатите членови од старото прибежиште во Рочестер нè чекаат јужно од Пукипси. Потребни ни се неколку денови за да го изминеме растојанието; принудени сме да заобиколиме петшест Валидни градови.
Тогаш, наеднаш, стигнуваме: Шумата едноставно секнува на работ од едно огромно бетонско пространство, премрежено со дебели процепи, и сè уште е многу бледо обележано со прозрачните бели контури на паркиралиштата. Возила, за’рѓани, без различни делови што им биле здиплени – гуми, парчиња метал – уште стојат на паркингот. Изгледаат како да се ситни и малку потсмешливи, како дете да оставило стари играчки.
Паркиралиштето се протега во сите насоки како сива вода, достигнувајќи, најпосле, до една пространа структура од челик и стакло: стар трговски центар. На знак со ракописни завиткани букви, пронижани со бел птичји измет, пишува ЕМПАЈР СТЕЈТ ПЛАЗА МОЛ.
Повторната средба е радосна. Шајко, Врана и јас се затрчуваме. Трчаат и Боро и Ловец, а ние ги пресретнуваме во средината на паркиралиштето. Јас скокнувам на Ловец, смеејќи се, а тој си ги префрла рацете околу мене и ме поткрева од земјата. Сите наеднаш и викаат и зборуваат.
Ловец ме спушта, конечно, но јас си задржувам една рака префрлена околу него, како тој да може да ми исчезне. Се испружувам и ја префрлам мојата друга рака околу Боро, кој се ракува со Шајко и некако завршуваме сите насобрани заедно на куп, скокајќи и викајќи, со испреплетени тела, среде брилијантната сончева светлина.
„Бре, бре, бре.“ Се одвојуваме, се вртиме и ја гледаме Среќичка, која се влечка кон нас. Веѓите ù се подигнати. Ја има пуштено косата да ù порасне и ја има зачешлано нанапред, така што таа преминува преку нејзините рамена. „Види, види, кој се појави.“
Првпат по толку денови се чувствувам вистински среќна.
Кусите месеци што ги минавме одвоено ги промениле и Ловец и Боро. Боро, пркосејќи на здравиот разум, е здебелен. Ловец има нови брчки во аглите на очите, иако насмевката му е момчешка како и секогаш.
„Како е Сара?“ велам јас. „Тука ли е?“
„Сара остана во Мериленд“, вели Ловец. „Прибежиштето е за триесетмина и таа нема да мора да се преселува. Отпорот се обидува да ја извести нејзината сестра.“
„Што е со Дедо и со другите?“ Немам здив и имам некое неубаво чувство во градите, како некој да ме притиска.
Боро и Ловец се погледнуваат.
„Дедо не издржа“, вели Ловец кусо. „Го погребавме крај Балтимор.“
Врана погледнува настрана, плукнува на плочникот.
Боро набрзина додава, „Другите се добро“. Ја испружува раката и става прст на мојата лузна од интервенцијата, онаа за која тој ми помогна да ја излажираме за да бидам воведена во отпорот. „Добро изгледа“, вели тој и намигнува.
Одлучуваме да преспиеме тука. Во близина на стариот трговски центар има чиста вода и урнатини од куќи и канцеларии од кои стекнавме некои употребливи резерви: неколку конзерви со храна сè уште закопани во шутот; ’рѓосани алати, дури и пушка, што Ловец ја најде положена на еден пар превртени еленски копита, под куп урнисан малтер. И еден член на нашата група, Хенли, куса, тивка жена со долг навој сива коса, има треска. Вака ќе може да се одмори.
До крајот на денот, паѓа кавга за тоа каде да се оди одовде.
„Можеме да се поделиме“, вели Врана. Таа клечи над јамата што самата ја расчисти за огнот, чепкајќи со јагленосаниот крај од еден стап во првите, сјајни деланки во огнот.
„Колку ни е поголема групата, толку сме побезбедни“, се спротивставува Шајко. Тој го има свлечено своето руно и носи само маичка со кратки ракави, па му се гледаат јазлестите мускули по рацете. Деновите полека се затоплуваат и шумите оживуваат. Може да се почувствува доаѓањето на пролетта, како животно кое леко се помрднува во сонот, издишувајќи топол здив.
Но, сега е ладно, кога сонцето е спуштено и Дивината е проголтана од долги пурпурни сенки, кога веќе не се движиме.
„Лена“, извикува Врана. Јас бев загледана во зачетоците на огнот, ги гледав пламените како се свиваат околу масата на боровите иглички, околу гранчињата и сувите лисја. „Оди провери ги шаторите, океј? Наскоро ќе се стемни.“
Врана го имаше наместено огнот во плиток слив, што некогаш сигурно бил поток, каде што ќе биде колку толку заштитен од ветрот. Таа одбегна логорот да се постави премногу близу до трговскиот центар и неговите прогнати места; тој демне над дрворедот, сиот извртен црн метал и празни очи, како урнат вонземски брод.
По брегот од десетина метри, Џулијан помага во поставувањето на шаторите. Свртен ми е со грб. И тој носи само маичка со кратки ракави. Само три дена во Дивината веќе го променија. Косата му е заплеткана и токму зад левото уво му е вплеткан еден лист. Изгледа потенок, како да немал време да ослаби. Тоа е само ефект од останувањето тука, на отворено, со присобрани, преголеми алишта, опкружен од дива дивина, еден постојан потсетник на кревкоста на нашиот опстанок.
Тој прицврстува јаже за дрво, затегнувајќи го. Нашите шатори се стари и се поткинати и повеќепати препокривани. Сами по себе не стојат. Мораат да бидат потпрени и затегнати меѓу дрвја и да им се ласка за да заживеат, како едра на ветрот.
Гордо се мотка околу Џулијан, гледајќи со одобрување.
„Ви треба некаква помош?“ застанувам на неколку метри од нив.
Џулијан и Гордо се свртуваат.
„Лена!“ На Џулијан му се озарува лицето, па веднаш му се обесува кога сфаќа дека не планирам да се приближам повеќе од тоа. Го донесов овде, со мене, на ова чудно ново место и сега ништо не му давам.
„Океј сме“, вели Гордо. Косата му е светлоцрвена и, иако не е постар од Шајко, има брада што му расте до средината од градите. „Привршуваме.“
Џулијан се исправа и си ги брише дланките од задниот дел на фармерките. Се колеба, па слегува по брегот кон мене, вртејќи си перче коса зад ушите. „Ладно е“, вели тој кога е на неколку метри од мене. „Треба да одиш долу кај огнот.“
„Добро ми е“, велам јас, но си ги ставам дланките во ракавите од ветровката. Ладното е во мене. Седењето крај огнот нема да ми е од помош. „Шаторите изгледаат добро.“
„Фала. Мислам дека добивам осет.“ Насмевката не му достигнува до очите.
Три дена: три дена развлечени разговори и тишина. Знам дека се прашува што се промени и дали може да се врати на старото. Знам дека го повредувам. Има прашања што се присилува да не ги постави и нешта што се мачи да не ги каже.
Ми дава време. Тој е трпелив и нежен. „Изгледаш убаво на оваа светлина“, вели тој. „Сигурно почнуваш да ослепуваш.“ Намерата ми беше ова да биде шега, но гласот ми звучи грубо при реткиот воздух. Џулијан одмавнува со глава, муртејќи се и погледнува настрана. Листот, во жива жолта боја, уште му е вплеткан во косата, зад увото. Во тој миг, очајувам да посегнам по него, да го тргнам и со прстите да му минам низ косата и да се посмееме со него за ова. Ова е Дивината, ќе речам. Си можел да замислиш? И ќе премине со прстите преку моите и ќе ги стисне. Ќе рече, Што би правел без тебе?
Но, не можам да се натерам да мрднам. „Имаш лист во косата.“
„Што?“ Џулијан погледнува вчудовидено, како да сум го одвлекла од некој сон.
„Лист. Во косата.“
Џулијан нестрпливо си поминува со раката низ косата. „Лена, јас…“
Трес.
Двајцата потскокнуваме при звукот на истрелот. Птиците одлетуваат од дрвјата зад Џулијан, привремено притемнувајќи го сето небо, пред да се растурат во поединечни облици. Некој вели, „Проклетство.“
Дани и Алекс се појавуваат од дрвјата зад шаторите. Обајцата имаат пушки преку рамената.
Гордо се исправа.
„Елен?“ прашува тој. Светлината речиси ја нема. На Алекс косата му е речиси црна.
„Премногу е големо за да биде елен“, вели Дани. Таа е голема жена, со широки рамена и широко рамно чело и очи како бадеми. Таа ме потсетува на Мијако, која умре пред да заминеме на југ минатата зима. Ја запаливме во еден студен ден, кратко пред првиот снег.
„Мечка?“ прашува Гордо.
„Можно е“, кусо одговара Дани. Дани е покрута од Мијако: Таа оставила Дивината да ја изделка, да ја соголи до челик.
„Ја погоди?“ прашувам јас, премногу бодра, како веќе да го знам одговорот. Но, го терам Алекс да ме погледне, да ми прозбори.
„Можеби ја потчепнавме“, вели Дани. „Тешко е да се каже. Не доволно за да ја запреме, секако.“
Алекс не вели ништо, дури не го ни регистрира моето присуство. Продолжува да чекори, пробивајќи си го патот низ шаторите, крај Џулијан и крај мене, доволно близу што си замислувам дека можам да го мириснам – стариот мирис на трева и дрво сушено на сонце, портландски мирис од кој ми доаѓа да крикнам и да си го заријам лицето во неговите гради и да вдишам.
Потоа се упатува надолу по брегот додека до нас достига гласот на Врана: „Ајде на вечера. Јадете или останете гладни.“
„Ајде.“ Џулијан ми го грепка лакотот со прстите. Нежно, трпеливо.
Нозете ме свртуваат и ме спуштаат по брегот, кон огнот, што сега гори силно; кон момчето кое станува сенка која стои крај него, дамкосан од чадот. Сега Алекс е тоа: момчесенка, илузија.
Три дена ми нема прозборено, ниту ме има погледнато.
***
Всем привет )))