Големиот писател и мислител во својата последна порака забранил да се водат расправи, предавања и дебати за него, следните десет години по неговата смрт.
Умберто Еко успеа дури и од гроб, културната јавност да ја извади од колосек, со своето последно писмо во кое забранува да се водат расправи и предавања за него и за неговото дело, десет години по неговата смрт.
Во моментот кога неговите колеги и ученици се собрале на комеморација во Високата школа за општествени науки на Универзитетот во Болоња, школа што ја основал тој, за потоа да договорат однапред симпозиум на годишнината од неговата смрт, вдовицата на Умберто Еко, Ренате Рамге, ја повикала Патриција Виолу, наследничка на катедрата на Умберто Еко. Како што објаснила Виолу, во тестаментот на Умберто Еко стои барање до семејството да не организира ниту да одобрува какви било собири во негова чест во следните десет години.
Еко по многу нешта бил особен, но никако не бил наивен и нереален. Во крајна линија, кој може да му забрани на некој универзитет во Америка да собере проучувачи на неговите дела, од научен или белетристички карактер? Но, се чини тој имал нешто друго на ум. Со овој гест, пред се ги обесхрабрил одвишните комеморации, вербалните споменици и настаните што се карактеризираат со натпревари во украсување на ликот на покојникот, до таа мера што неговите реални „останки“ едвај се гледаат. На некој начин, ги предупредил своите ученици и пријатели да го заобиколат празноговорието и лелекањето.
По обичај во свој стил, ненадминливиот Умберто Еко и својата смрт филозофски ја осмислил, па решил да ја одбегне патетиката и се определил за иронија. Со тоа додал уште една сенка на идејата за именување улици по него. Во една своја колумна тој напиша дека улиците не би требало да се именуваат по луѓе кои се најмалку сто години починати.
Последната книга на Умберто Еко, Нултиот број е достапна на македонски јазик.