Салман Ружди: Како Сервантес и Шекспир го напишаа модерниот правилник за книжевност?

Поминаа 400 години откако починаа Шекспир и Сервантес. Заедно, тие им пркосеа на границите на времето и на конвенциите што го разделуваа уличниот живот од фантазијата.

Додека ја славиме четиристотини годишнината од смртта на Вилијам Шекспир и Мигел де Сервантес Саведра, можеби вреди да се спомене дека, иако е општо прифатено оти двајцата гиганти починаа на ист ден, на 23 април 1616 година, нивната смрт всушност не настапи истиот ден. До 1616 година, Шпанија веќе го беше прифатила грегоријанскиот календар, додека Англија сè уште го користеше јулијанскиот и заостануваше со 11 дена. (Англија се држеше до стариот јулијански систем за датирање сè до 1752 година и кога конечно се случи промената, се појавија немири и се вели дека излегле толпи по улиците и врескале ’Вратете ни ги единаесетте дена!‘). И случајноста на датумите и разликата во календарите, човек би претпоставил, би ги воодушевиле игривите начитани сензибилности на двајцата татковци на модерната книжевност.

2016_14_cervantes_and_shakespeare

Не знаеме дали тие беа свесни еден за друг, но имаа многу заеднички работи, почнувајќи токму таму во зоната на „не се знае“, бидејќи и двајцата се љубители на мистерија; има години што недостигаат во записите и, уште повпечатливо, документи што никаде ги нема. Никој од нив не остави зад себе изобилство од личен материјал. Речиси ништо во форма на писма, работни дневници, напуштени нацрти; само колосалните завршени дела. „Другото е тишина.“ Како последица на тоа и двајцата беа плен на идиотски теории што се стремат да им го оспорат авторството.

Едно бегло пребарување по интернет „открива“, на пример, дека не само што Френсис Бејкон ги напишал делата на Шекспир туку тој го напишал и Дон Кихот. (Мојата омилена луда теорија за Шекспир е дека неговите драми не беа напишани од него, туку од некој друг со исто име.) И се разбира дека Сервантес се соочи со предизвик кон своето авторство во текот на својот живот, кога одреден псевдонимен писател, Алонсо Фернандес де Авеланеда, чијшто идентитет е исто така непознат, го објави лажното продолжение на Дон Кихот и го подбуцна Сервантес да ја напише вистинската Книга II, чиишто ликови се свесни за плагиристот Авеланеда и кон него чувствуваат голем презир.

Речиси е сигурно дека Сервантес и Шекспир никогаш не се сретнаа, но колку поблиску гледате во страниците што ги оставија зад себе, толку повеќе одеци ќе слушнете. Првата и, според мене, највредната споделувана идеја е верувањето дека едно книжевно дело не мора да биде едноставно комично или трагично или романтично или политичко/историско: тоа, ако правилно се сфати, може да биде многу нешта во исто време.

Погледнете ги првите сцени од Хамлет. Чин први, сцена еден е приказна за духови. „Зарем ова не е нешто повеќе од фантазија?“ Барнардо го прашува Хорацио и се разбира дека драмата е многу повеќе од тоа. Чин први, сцена два ја поттикнува интригата во дворот на Елсинор: гневниот учен принц, неговата мајка која неодамна стана вдовица и која се омажи за неговиот чичко („О најрасипана брзино, испрати/Со таква умешност во родоскверна постела“). Чин први, сцена три, и тука е Офелија, му го кажува на својот сомнителен татко, Полониј, почетокот на она што ќе стане тажна љубовна приказна: „Господару мој, тој настојчиво ме молеше за љубов/На чесен начин“. Чин први, сцена четири, приказната повторно е за духови и нешто е гнило во државата Данска.

Како што дејството се развива, драмата претрпува повеќе метаморфози, напати станувајќи приказна за самоубиство, приказна за убиство, за политички заговор и трагедија за одмазда. Има комични моменти и драма во драма. Во неа се содржи дел од највозвишената поезија некогаш напишана на англиски јазик и завршува во мелодраматични локви крв.

Ние, што доаѓаме по нив, токму тоа го наследуваме од Бардот: знаењето дека едно дело може да биде сè наеднаш. Француската традиција, уште поостро, ја одделува трагедијата (Расин) од комедијата (Молиер). Шекспир ги испомешува тие две, и така, благодарение на него, можеме и да ги помешаме и ние.

Во еден познат есеј, Милан Кундера предлага дека романот има двајца предци, Клариса од Семјуел Ричардсон и Тристрам Шенди од Лоренс Стерн; сепак, овие две обемни, енциклопедиски дела го прикажуваат влијанието на Сервантес. Стерновите ликови Чичко Тоби и Капларот Трим се отворено моделирани врз Кихот и Санчо Панса, додека реализмот на Ричардсон во голема мера се должи на разоткривањето на будалестата средновековна книжевна традиција чиишто заблуди го држат Дон Кихот во ропство. Во ремек-делото на Сервантес, како и во делата на Шекспир, паѓањата на газ коегзистираат со благородништвото, патосот и емоциите со бесрамноста и мрсните досетки, кулминирајќи во бескрајно трогателниот момент кога реалниот свет се наметнува и Витезот на Долороус Каунтенанс прифаќа дека бил будалест и луд старец, што ги „барал годинашните јајца во ланските гнезда“.

И двајцата се самосвесни писатели, модерни на начин на кој повеќето модерни писатели би го препознале, едниот создава драми што се мошне свесни за својата театралност, за својата поставеност на сцената; другиот создава проза што е мошне свесна за својата прозаична природа, дури до онаа мера до која измисли имагинативен наратор, Сид Хамет Бененгели – наратор, интересно, со арапско потекло.

И двајцата се онолку приврзани за, и упатени во, животот на долните слоеви, колку што се задоени со високите идеи и нивните галерии на раскали, курви, џепчии и пијаници би биле како дома во истите таверни. Ваквата сочност на карактерот е она што ги разоткрива дека се реалисти во Големиот Стил, дури и кога се претставуваат како фантазисти, и така, повторно, ние што доаѓаме по нив можеме да учиме од нив дека магијата е бескорисна, освен кога е во служба на реализмот – зарем има пореалистичен магионичар од Просперо? – а реализмот може да прима инјекција од здрава доза на баснописецот. Конечно, иако и двајцата користат тропи што потекнуваат од народните приказни, митови и басни, тие одбиваат да морализираат и во тоа пред сè друго тие се помодерни од многумина што се појавија по нив. Тие не ни кажуваат што да мислиме или да чувствуваме, туку ни покажуваат како да го правиме тоа.

Од нив двајцата, Сервантес беше човекот од акција, борецот во битки што претрпел сериозни повреди, ја загубил употребата на левата рака, бил поробен од алжирски пирати цели пет години додека неговото семејство не собрало пари да го плати откупот. Шекспир немал такви драми во своето лично искуство; сепак, од нив двајцата, тој изгледа како позаинтересиран за војни и војништво. Отело, Макбет, Лир се приказни за мажи во војна (внатре во себе, да, но и на боиштето). Сервантес ги користеше своите болни искуства, на пример во Приказната на заробеникот во Кихот и во пар драми, но битката во која Дон Кихот се впушта е – да употребиме модерни зборови – повеќе апсурдистична и егзистенцијалистична отколку „реална“. Чудно е тоа што шпанскиот воин пишуваше за комичната бесполезност од одењето во битка и ја создаде големата иконска фигура на воинот како будала (човек би помислил на Замка-22 од Хелер или на Кланица Пет од Вонегат како на поскорешни истражувања во оваа тема), додека имагинацијата на англискиот поет-драмски писател се нурна (како Толстој, како Мејлер) главечки кон војната.

Преземено од NewStatesman

Advertisements