11 прекрасни пријателства помеѓу автори на класици

Големите писатели се стремат да бидат на врвот во своето поле, така што книжевноста знае да биде заедница во која се колат грла. Тешко е да се замисли да сакате да се дружите со директниот ривал и, навистина, многумина автори се имаат меѓусебно замерено или јавно го имаат напаѓано трудот на другиот.

Но, ова не е целата приказна; писателите исто така можат да добијат значителни благодати од дружење со други писатели. Како што секој писател кој поминал одредено време во MFA-програма или во работилница по пишување може да ви каже дека можноста од заедничка поддршка и фидбек може да го потпомогне креативниот процес.

И покрај овие практичности, писателите честопати споделуваат искуства и интереси што другите не ги споделуваат, а споделувањето нешто што само неколкумина можат да го разберат, може навистина да ги зближи луѓето. Како што К. С. Луис забележа, „типичниот израз за почнување пријателство би гласел вака ’Што? Зар и вие? А јас си мислев дека сум единствен/а‘“. Никој не може да ги разбере тешкотиите на еден книжевник како што тоа го може друг книжевник: агонијата на слабо испаднат израз, задоволството од конечно совршеното дело, агонијата (повторно) од некој пакосен рецензент.

Навистина, многу познати писатели пронајдоа во други писатели, како што Ени Ширли би рекла, „сродна душа“. Иако професионалните препирки и ривалства можеби ги затегнале овие врски, радоста од интелектуалното дружење преовладала.

За да ви покажеме дека љубовта е исто толку моќна колку и натпреварувачкиот дух, во неколку продолженија ви ги претставуваме 11-те прекрасни пријателства помеѓу големи писатели:

1. Д. Х. Лоренс и Кетрин Менсфилд

1

Двајца писатели кои починаа премногу рано, Лоренс и Менсфилд формираа страсна врска во подоцнежните години од нивниот живот. Тие решително го поддржуваа пишувањето на другиот, а Лоренс дури и ја проткајува Менсфилд во своите романи: голем дел од ликот на Гудрун во „Вљубена жена“ беше извлечен директно од неа. Лоренс, кој беше роден во сиромаштија, и Менсфилд, која беше од Нов Зеланд, споделуваа чувство на исклученост од книжевната сцена на побогатите, како и уметнички импулси. И покрај периодите на турбуленција и долгите разделби што ја нарушуваа нивната врска, тие го задржаа чувството на сродност сè до смртта на Менсфилд во 1923 година.

Дела: Д. Х. Лоренс – „Синови и љубовници“, „Девицата и Циганинот“. Кетрин Менсфилд – „Раскази“.

2. Шарлот Бронте и Елизабет Гаскел

2

Самотните сестри Бронте главно се повлекуваа од друштвените ситуации, но Шарлот се затекна како циркулира во интелектуалното општество откако нејзините романи достигнаа успех кај рецензентите и кај читателите и таа се спријатели со неколкумина мислители од нејзиното време. Најзначајно е тоа што Бронте со леснотија се зближи со познатата романсиерка Елизабет Гаскел и тие станаа блиски пријателки. Бронте престојуваше во домот на Гаскел неколкупати преку постојаната вртелешка на социјализација што се покажа како непријатна за Бронте, која еднаш се скри зад завесите за да избегне да разговара со гостите на Гаскел. Нивната врска за среќа ги преживеа таквите пречки. По предвремената смрт на Бронте, Гаскел напиша мошне контроверзна биографија за својата пријателка што остана важен, иако со маани, извор за читателите.

Дела: Шарлот Бронте – „Џејн Ер“. Елизабет Гаскел – „Меи Бартон“, „Жени и ќерки“.

3. Џејмс Болдвин и Тони Морисон

3

Овие двајца великани се сретнаа кога Морисон, тогашен издавач во „Рандом Хаус“, се обиде да преговара зделка за книга со Болдвин во 1973 година. Наместо договор за книга, се појави пријателство од нивната професионална средба и тие останаа блиски сè до неговата смрт во 1987 година. Нивното заемно влијание беше прифатено од страна и на двајцата; како истакнати, брилијантни писатели кои непоколебливо се соочија со расните демони на Америка, тие имаа длабоко разбирање и увид во работата на другиот. Болдвин за својата пријателка рече: „Ја разбирам Тони и ѝ верувам“. По смртта на Болдвин, Морисон го комеморираше со трогателно признание во Њујорк тајмс, каде што напиша, „Ти знаеше, зар не, колку ми требаше твојот јазик и умот што го обликуваше истиот? Колку се потпирав на твојата жестока храброст да ја скроти дивоста за мене? […] Ти знаеше, зар не, колку ја сакав твојата љубов?“ (Треба да ја прочитате целата нејзина пофалба, но бидете подготвени да заплачете.)

Дела: Џејмс Болдвин – „Оди кажи и на планината“. Тони Морисон – „Песната на Соломон“.

4. Ралф Валдо Емерсон и Луиза Меј Алкот

4

Многумина забораваат дека саканата доставувачка на моралистички приказни за девојчиња, Луиза Меј Алкот, имаше мошне радикална наклоност. Алкот потекнуваше од левичарско, аболиционистичко, трансценденталистичко семејство и таа ги сметаше Хенри Дејвид Торо и Натаниел Хоторн за пријатели на семејството. Една од најзначајните пријателски врски во животот на Алкот беше онаа со Ралф Валдо Емерсон, долгогодишен пријател на татко ѝ. Во еден есеј, напишан во 1882 година, Алкот се присетува на придонесот на Емерсон кон нејзиното образование како писателка, наведувајќи дека тој ја ставил на располагање сета своја голема библиотека: „Неговата љубезна рака ми ги подаде богатствата на Шекспир, Данте, Гете и Карлил и јас со благодарност се сеќавам на слаткото трпение со кое тој ме водеше низ просторијата исполнета со наредени книги“. За читател како младата Алкот, волјата на Емерсон да ја сподели својата книжевна ризница со неа беше најголемиот можен подарок.

Дела: Ралф Валдо Емерсон – есеи „Природа“, „Самостојност“, „Кругови“, „Поет“ и „Искуство“. Луиза Меј Алкот – „Девојчиња“, „Момчиња“, „Децата на госпоѓата Мо“.

5. Чарлс Дикенс и Вилки Колинс

5

Писателот на психолошки трилери и прославениот викторијански реалист беа мошне популарни во шеесеттите години на 19 век, но тие не се затекнаа само во ист временски период. Колинс и Дикенс се спријателија во 1851 година, кога Дикенс веќе беше признат писател. Кариерата на Колинс зеде замав под патронството на Дикенс и тие двајца честопати соработуваа на драми и на други книжевни проекти. За жал, нивното пријателство навидум се олади во подоцнежните години како што професионалното ривалство помеѓу нив се продлабочуваше и Колинс се бореше со опиумската зависност и многуте болести, но нивните писма продолжија и смртта на Дикенс во 1870 година значително го натажи Колинс. Во 1888 година, тој со задоволство се присетуваше на раните денови од нивното пријателство: „Се гледавме секој ден и бевме онолку блиски колку што двајца мажи можат да бидат. Никој (освен мојата драга мајка, се разбира) не се чувствуваше толку позитивно сигурен во мојата иднина во книжевноста како Дикенс“.

Дела: Чарлс Дикенс – „Оливер Твист“, „Приказна за два града“. Вилки Колинс – „Жената во бело“, „Месечевиот камен“.

6. Хенри Џејмс и Едит Вартон
8

Со генерации наназад англиските ученици можеби ги сметаа Едит Вартон и Хенри Џејмс како писатели од ист калап – автори на детализирани романи што ги секцираа социјалните норми во преминот од еден период во друг кај високото општество. Во реалноста, тие двајца честопати се сомневаа во уметничките избори на другиот, но тоа не ги спречи двата интелектуални џина да формираа долготрајно пријателство. Двајцата се движеа во слични кругови и на крајот станаа допишувачки пријатели, кои отпрвин дискутираа за книжевни теми, а потоа и за лични. Џејмс страдаше од напади на депресија, а Вартон претрпе големо романтично превривање за време на нивното пријателство, но нивната заемна поддршка беше непоколеблива. Вартон, која потекнуваше од богато семејство, дури и заговараше финансиски да му помогне на Џејмс без да знае тој. За двајца писатели кои честопати изгледаат вкочането и круто за модерните читатели, тие имаа извонредно нежна и шеговита врска.

Дела: Хенри Џејмс – „Портрет на дама“, „Бостонци“, „Плоштадот во Вашингтон“. Едит Вартон – „Добата на невиност“.

7. Џ. Р. Р. Толкин и К. С. Луис

7

Кој од нас не порасна со „Господарот на прстените“ и „Хрониките на Нарнија“? Изгледа речиси премногу совршено тоа дека авторите на овие две класични фантастични серијали биле пријатели во реалниот живот. Всушност, нивното пријателство во голема мера придонело во обликувањето на митологиите што двајцата се нафатија да ги создадат. Тие се запознаа на Факултетот за англиски јазик при Оксфордскиот универзитет и нивниот заеднички интерес кон христијанството – Луис беше воспитан како протестант, а Толкин како католик, а ги спои викиншката митологија. Тие се охрабруваа и се инспирираа еден со друг со нивното пишување и на крајот секој се стекна со слава преку своите публикации што беа извлечени од христијанството и под влијание на митологијата. Ривалството и уметничките разлики неизбежно наметнаа притисок врз нивното пријателство; Толкин ги искритикува книгите за Наринја заради она што тој го перципираше како невнимателно мешање на различни митологии и беше потребно многу време за неговиот серијал за Средната земја да дојде до објавување и признание. Сепак, нивното пријателство издржа – сведоштво за силата на нивната врска.

Дела: Џ. Р. Р. Толкин – „Господарот на прстените“. К. С. Луис – „Хрониките на Нарнија“.

8. Елизабет Бишоп и Роберт Ловел

9

Пријателството помеѓу Ловел и Бишоп е иконско во светот на поезијата. Двајцата брилијантни писатели се сретнаа на една забава во 1947 година, токму кога и двајцата расцветуваа во комплетни поети. Тие веднаш се воодушевија еден од друг – Бишоп подоцна рече, „го засакав на прв поглед“. Како и да е, тоа што се роди беше платонска љубов и доживотно пријателство. Двајцата имаа страхопочит кон поетскиот талент и кон слатките размени на уметнички увид во работата на другиот, што резултираше со триесетгодишна размена на проникливи писма помеѓу нив двајца. Иако во текот на нивниот живот Ловел беше попознат од нив двајцата, па дури и го користеше своето влијание да ја потпомага кариерата на Бишоп, и двајцата сега се сметаат за дел од пантеонот на големи американски поети.

Дела: Елизабет Бишоп – „Поеми: Север и југ. Студената пролет“. Роберт Ловел – „Поеми“.

 9. Труман Капоте и Харпер Ли

10

Труман Капоте може да биде обвинет за тоа што колку е познат по својот луксузен начин на живот и разни кавги со другите интелектуалци, толку е познат и по своето пишување. Харпер Ли, злокобно самотна, одбиваше да дава интервјуа многу години по објавувањето „Да се убие птицата подбивница“. Други двајца такви различни книжевни личности не можат да се најдат, а сепак тие беа блиски пријатели – всушност, тие пораснаа заедно во Монровил, Алабама. Ли патуваше со Капоте во Канзас за да му помогне во неговата истрага за убиствата во семејството Клатер. Оваа истрага претставуваше темел за научно-стручната криминална класика на Капоте, „Ладнокрвно“, која делумно беше посветена на Ли. За несреќа, таа се вчудовиде кога виде дека книгата е посветена и на љубовницата на Капоте и дека за нејзиниот придонес за книгата се дадени мали заслуги; како резултат на тоа настрада нивното пријателство. Широката разновидност во начинот на живот кај тие двајца го продлабочи јазот и на крајот тие престанаа да контактираат, но дотогаш нивното пријателство веќе беше оставило трага во американската книжевност.

Дела: Труман Капоте – „Појадок кај Тифани“, „Ладнокрвно убиство“, „Услишани молитви“. Харпер Ли – „Да се убие птицата подбивница“.

10. Џон Чивер и Е. Е. Камингс

6

Поетот и прозаистот беа толку добри пријатели што ќерката на Чивер, Сузан, беше инспирирана да напише биографија за Камингс што беше објавена порано во текот на оваа година. Тие се сретнаа во триесеттите години на 20 век во Њујорк, каде што Камингс беше добро позната појава на книжевната социјална сцена. Камингс, речиси 20 години постар, го поучуваше Чивер додека тој напредуваше во својата кариера како поет. Тие споделуваа решителност да се противставуваат на социјалните норми во нивната работа, како и мрачна, зајадлива проникливост, иако Камингс сега е премногу познат по своите прекрасни, а понекогаш и сентиментални, љубовни поеми. Кога Камингс ненадејно почина во 1962 година, Сузан напиша дека татко ѝ заплакал.

Дела: Џон Чивер – „Приказните на Џон Чивер“. Е. Е. Камингс – „Огромна соба“.

11. Силвија Плат и Ени Секстон

11

Две неверојатно талентирани поетеси кои се бореа со социјалните структури на времето, како и со проблемите околу менталното здравје, Плат и Секстон имаа многу заеднички црти. Нивната евокативна поезија, исфрустрираност со домашната улога што им беше доделена на жените во тоа време и нивната смрт со самоубиство во голема мера ги сведоа на пониско ниво културните муабети за нив. Како и да е, ретко кога се разговара за нив во заемна поврзаност, иако и двете студираа заедно на Бостонскиот универзитет. Тие пронајдоа некаква утеха во присуството на поетската програма на другата и се сретнаа на мартини по нивниот семинар со Роберт Ловел за да разговараат за поезија. Ривалството можеби ја комплицираше врската помеѓу двете непостојани и брилијантни жени, но тие исто така споделуваа чувства што ретко кој друг можеше да ги разбере.

Дела: Силвија Плат – збирки песни „Ариел“, „Колос и други песни“ и „Собрани песни“ и полуавтобиографски роман „Стакленото ѕвоно“. Ени Секстон – збирка песни „Живеј или умри“.