Здружените издавачки куќи „ТРИ“, „Арс Ламина“ и „Култура“ во улога на комесари за прв пат ја претставија македонската издавачка дејност на саемот на книгата во Париз (Salon du livre) кој што се одржа во експо-центарот „Порт де Версај“ во организација на Националниот центар за книга (CNL).
На саемот се собира околу 1.200 издавачки куќи од 50 држави и над 4.500 автори, а македонскиот придонес беше со 400 наслови од македонската книжевна продукција, книжевни дела на македонски автори објавени во Франција, книги за културното наследство, монографски изданија за Македонија и познатите ликовни уметници, цркви и манастири, Антологијата на македонската книжевност во шест тома објавена на француски јазик во издание на НУБ „Св. Климент Охридски“, 130-те тома македонска книжевност итн.
Македонија беше единствен претставник од Балканот и предизвика особено внимание како кај излагачите на саемот, така и француската читателска публика.
„Македонското присуство на Саемот на книгата во Париз беше освежување и се воспоставија неколку соработки на полето на издаваштвото меѓу двете земји. Детската литература на Арс Ламина која што беше преведена на француски јазик беше во фокусот на интересот, како и неколку македонски автори за кои постои интерес за превод на француски јазик. Значаен исчекор претставува и соработката беше воспоставена и со Националната библиотека на Франција, на која патем им подаривме голем број од делата кои беа претставени на саемот“, вели Елена Никодиновска од НУБ „Климент Охридски” Скопје, домаќин на македонскиот штанд во Париз.
Инаку „Арс Ламина публикации“ на Саемот на книгата во Париз се претстави со детските и едукативните изданија, а акцент беше ставен и на делата на писателката Билјана Црвенковска, автор на два детски романа и повеќе серијали детски и едукативни изданија. 14 детски наслови на Црвенковска во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина публикации“, се преведени на француски и на англиски јазик, меѓу кои и романот „Што сонуваше Дедо Мраз“, серијалите „Матеј и Луна“, „Дина и Додо“ и други.
Пингување: Македонска книжевност на секој дел од светот | Literatura.mk