Загрижени за иднината на своите деца, денешните родители се обидуваат да развиваат различни вештини кај своите деца, меѓу кои и љубовта кон книжевноста. Понекогаш се чини 30 минути читање е идеалната дневна доза, но понекогаш таа е и покуса, но и подолга.
Деновиве ќе следуваат 33 совети како да ги натерате децата и бебињата да го засакаат читањето, а еве го вториот дел:
6. Поставете книги во нивниот простор за играње и на други места во куќата
Сакам да им вметнувам книги меѓу играчките и ги користам како главен предмет во просторијата во која си играат, во спалната соба и на други места во куќата. Мислам дека е мошне очигледно дека ако имате многу книги насекаде, тие ќе ги гледаат и веројатно многу ќе ги читаат.
7. Читајте на глас и пред нивните пријатели
Честопати, додека Денали си игра со другарчињата или со братучедите, им прочитувам по една или по две книги на глас. Супер е да ги гледате заинтересираноста и перспективата на неговите другарчиња за време на ваквото искуство со читање пред неговите врсници.
8. Користете различни гласови
Одржувајте интересна атмосфера, користејќи тон, интензитет, акцент, гласност итн. додека читате на глас.
9. Мрдајте со нозете горе-долу (ако децата ви седат в скут) според ритамот или според соодветните моменти во книгите
На пример, во книгата Чика, чика, бум, бум мрдам малку со нозете додека ги читам запаметливите зборови и тогаш кога доаѓа она чика, чика, бум, бум, толку силно ги поткревам нозете што малку недостига моите деца да паднат. Тие се смеат, јас се смеам и супер ни е. Кога ја читам Дланка, дланка, прсти, палец, ја читам со длабок тон што личи на тапан и потупнувам со нозете (со нив во скутот) и постепено потупнувам сè посилно и посилно како што се зголемува јачината на мојот глас. Чувствувам голема радост кога гледам како лицата им се озаруваат како што продолжува приказната.
10. Кажете им и покажете им како да користат интерактивни книги
Голем дел од книгите што ги имам имаат различни начини за интеракција со нив. Покажете им првин вие и дозволете им да се обидат пред да ја свртат страницата. Нема зошто да брзате да ја претрчате книгата.
11. Читајте ги вашите омилени книги на глас
Честопати ги читам Круна на твојата глава, Ти си посебна или Ќе те сакам засекогаш (можеби ќе пролеам, а можеби и нема да пролеам солза или две додека ги читам овие на глас), додека моите деца си играат. Или, ако сум во помалку сентиментално расположение, ќе ги прочитам забавните книги и поеми како Каде што завршува плочникот и некои други од фотографијата што ја имате подолу додека тие си играат. Мислам дека тоа им ги подобрува вештините за слушање и им укажува на тоа дека и мама ужива да чита.
12. Отпејте ги стиховите/зборовите во книгата
Дури и гласот да не ви е најдобар, повеќето деца сакаат да ги слушаат своите родители како пеат!
13. Давајте книги како подароци
Оваа година Дедо Мраз донесе некои од омилените книги на моите деца. Исто така, тие многу се возбудуваат кога ние добиваме книги како подароци од фамилијата!
14. Читајте книги за возрасни за вашите деца да видат дека вие читате и од задоволство
Честопати сум на мојот таблет, но се напрегам од петици за тие да забележат дека читам книги, а не само сурфам на интернет.
15. Понесете книги на патувања
Внимание – понесете од оние што се поздржливи. Кога одиме на пат, сакам да носам книги и им дозволувам на децата да читаат или да ги разлистуваат во дел од патувањето. Само понесете издржливи книги со тврди корици што ќе можат да го издржат патувањето.
16. Понесете книги на црковни или на други долги состаноци
Нашите деца сакаат да гледаат во книги за време на причеста во нашата црква. Тоа трае само еден час, така што сè што може да ги заинтересира (или стиши) е навистина супер. Книгите се многу корисни за тоа.
17. Парафризирајте книги што можеби се премногу напредни или развлечени
Честопати им читам книги што се за поголема возраст од нивната и едноставно ги парафразирам долгите параграфи за да им го задржам вниманието и да им помогнам со разбирањето. Ова прави да бидат пофокусирани на приказната.
18. Покажувајте кон предметите додека читате
Покажувањето предмети што ги знаат и ги препознаваат прави читањето да биде помалку туѓо за нив.
19. Измешајте го времето за играње со времето за читање за да добијат претстава дека сето тоа е едно забавно искуство
Со тоа што ќе вметнете читање во времето за играње и играње во времето за читање, сето тоа ќе стане едно големо забавно искуство за нив.
20. Спакувајте некои мали книги во чантата за пелени за да ви се најдат кога ќе ви притреба забава
Кога треба да чекам во редица или ако се појави нешто друго, сакам да сум во можност да им подадам книга за да ја разгледаат.
21. Кога ќе дојде времето или ако веќе постои загриженост, проверете дали видот им е добар и/или набавете очила
Децата со проблеми со видот имаат тешкотии самите да читаат или некој друг да им чита.
Прв дел од 33 идеи како да ги натерате децата да го засакаат читањето.