Македонската книжевност ќе биде претставена на Саемот на книгата во Париз

На штанд со над 400 наслови од македонската книжевна продукција, Македонија првпат официјално ќе учествува на еден од најголемите европски саеми на книгата, Саемот во Париз, што се случува оваа недела, од 17 до 20 март. Комесари на македонското претставување во Париз се здружените издавачки куќи „ТРИ“, „Арс Ламина“ и „Култура“.

На Саемот во Париз ќе бидат претставени над 400 наслови од македонската книжевна продукција, книжевни дела на македонски автори објавени во Франција, книги за културното наследство, монографски изданија за Македонија и познатите ликовни уметници, цркви и манастири, Антологијата на македонската книжевност во шест тома објавена на француски јазик во издание на НУБ „Св. Климент Охридски“, 130-те тома македонска книжевност итн.

Од своите публикации со кои годинава „Арс Ламина публикации“ ќе се претстави во Париз, акцент ќе биде ставен на детските и едукативните изданија. „Арс Ламина публикации“ ќе ја претстави писателката Билјана Црвенковска, автор на два детски романа и повеќе серијали детски и едукативни изданија. За таа цел, 14 детски наслови на Црвенковска во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина публикации“, се преведени и испечатени на француски и на англиски јазик, меѓу кои и романот „Што сонуваше Дедо Мраз“, серијалите „Матеј и Луна“, „Дина и Додо“ и други.

Biljana Crvenkovska "Santa in Dreamland"Покрај детските изданија, „Арс Ламина“ на Саемот ќе ја претстави и монографијата „Манчевски“, достапна на македонски и на англиски јазик, која претставува своевидно сеопфатно резиме на кариерата на еден од најоригиналните и најиновативните современи македонски режисери и уметници, Милчо Манчевски.

На штандот на Република Македонија, во петок, на 18 март, ќе биде организирана трибина на тема „Македонија како книжевна и духовна дестинација на Европа“. Говорници на трибината ќе бидат Фабрис Д’алмеида (професор на Сорбона), Жан Пјер Симеон (уметнички директор на „Пролет на поетите“, интернационален поетски фестивал), Франсис Комб (директор на интернационалното поетско биенале во Франција, сопственик на издавачката куќа „Le Temps des Cerises“), Лор Камбо (поетеса), Силвестер Клансиер (писател и уредник, претседател на францускиот ПЕН), Флоријан Габер (новинар во Avant scene de theatre, познавач на македонската драматургија), а учество ќе земат и Владимир Мартиновски, Луан Старова и Јордан Плевнеш.

По трибината, на македонскиот штанд ќе следува поетско читање, а учесници во овој дел ќе бидат Мишел Лекур, Франсоа Фитил, Ален Ланс, Лор Камбо, Луан Рама, Теруко Јамазаки, Марк Делуз, Франсис Комб, Луј Порке, Жан-Пјер Русо, Жан Хаутпјер, Владимир Мартиновски и Никола Маџиров.

Саемот на книгата во Париз (Salon du livre) е настан што се одржува од 1981 година во организација на Националниот центар за книга (CNL). Саемот се одржува во експо-центарот „Порт де Версај“ на површина од 55.000 квадратни метри. Секоја година на Саемот се собираат околу 1.200 издавачки куќи од 50 држави и над 4.500 автори.

Саемот секоја година го посетуваат над 200.000 посетители, од кои 35.000 се професионалци од областа – писатели, уредници и агенти. Саемот е отворен за публиката сите четири дена, а земја-гостин оваа година е Јужна Кореја, која најавува учество на 30 свои автори. Саемот е тематски разновиден и содржи интерактивен дел за деца, посебен дел за кулинарство, центар за авторски права.

На Саемот е предвидена ноќна програма што ќе трае до 23 часот и вклучува концерти, претстави и перформанси на повеќе локални и интернационални уметници. Саемот првпат ќе се одржува паралелно и под отворено небо, на брегот на Сена, под мотото Надвор од ѕидовите.


Ars Lamina – foreign rights catalog


Фотографии од прес-конференцијата со Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска (16.03.2016 година):

Advertisements