Извадок: „Вторнични жени“ од Моника Пец

Не си го замислуваа тоа баш така. Неколку голи карпи, кои припаѓаа на клапскиот венец, една осамена улица, една напуштена автобуска станица. Пет запрепастени лица гледаа во француското утро. Вторничните жени пристигнаа на почетната точка од нивното патување. Јудит инсистираше да се тргне од близината на Нарбон Плаж, од таму каде што Арне ја беше започнал неговата последна аџиска етапа. Во првите неколку денови на аџилакот Арне бележел многу од она што го гледал, па Јудит се надеваше дека сега во живо ќе ги види деталите опишани во дневникот. По третиот ден би го продолжиле патот со јавен превоз за да можат да го изодат пеш растојанието од Св. Лизије до Лурд. Десетдневна програма: преку двесте и педесет километри пат да го поминат пеш, сега беа на почеток, пет жени од големиот град in the middle od nowhere.

Каролине носеше шешир, Кики модерна шамија за на глава, Јудит страден израз на лицето, Ева, како по обичај, неуредно врзано коњско опавче, а Естел ги носеше преголемите монденски очила за сонце – сè додека не забележа дека низ нив не гледа ништо. Го тргна модниот детаљ од носот, но набрзо сфати дека проблемот и не беше во темните стакла. Не можеше ништо да види, зашто тука не ни имаше нешто што беше за гледање – освен пејзаж, секако, и тоа во изобилство.

На хоризонтот се оддалечуваше меѓуградскиот автобус што ги остави таму. Звукот на моторот се губеше во далечината.

Воздухот трепереше од јунската жештина, која сè повеќе се покачуваше, штурците цврчеа, една птица замавнуваше со крилјата, еден инсект се провлекуваше низ сувите лисја што ја покриваа земјата. Некаде во далечината лаеше домашен пес. Ниту една човечка душа не се слушна, ни надалку ни нашироко.

„Барем нема метеж на овој пат за Св. Јаков, како што има на оној во Шпанија“ – Каролине беше првата која успеа да проговори нешто. Првиот шок помина. Додека Кики ја овековечуваше таа сцена со својот прескап дигитален апарат, Јудит ја бараше кривината на патот, сè додека не го пронајде она по кое трагаше. На еден кршлив камен покрај патот ја забележа школката на Св. Јаков, кој несомнено беше знак дека се на правиот пат.

„Овде мора да е местото каде Арне ја прекинал неговата последна етапа“ – трогнато шепна Јудит. Каролине дури и премногу добро разбра што значеше тој момент за Јудит. Одлучи да направи сè за ова патување да биде успешно – „Па, што чекаме?“

Ја фати Јудит подрака. Двете почнаа да се движат толку интузијастички што јаковинските школки на нивните ранци среќно заѕвечкаа. Јудит беше среќна за прв пат по смртта на Арне. Беше прекрасно чувство, трагаа по далечината да ја отпешачат сета таа вина што ја чувствуваа, едноставно да пешачат и да бидат уште еднаш близу до Арне. Во овој почеток се криеше нешто магично, нешто свето.

Некои луѓе поседуваа талент да се поврзат со нешто возвишено, божествено на патот за аџилак. Јудит посакуваше да биде една од овие луѓе. Беше отворена за ваквите работи. Како и Арне, и таа свесно би се препуштила на овој свет пат. Да биде едно со Творецот и повторно да се соедини со себеси.

„Каде ни е носилката?“ – гласот на Естел ги врати во суровата реалност.

„Која носилка?“ – ја праша Каролине.

„За багажот! Духовново патување би ми било полесно, доколку некој би ме растоварил од физичкиот товар“ – се жалеше Естел.

„Каролине само се насмевна – „Сметам дека знаеше во што се впушташ“.

Тоа воопшто не допре до Естел. „Вредеше да пробам, зарем не?“ – се изјасни и се стави во погон. Мртва сериозна го влечеше зад себе елегантниот куфер со преголеми тркалца.

„Специјална порачка. Ив практично го направи лично за мене“ – ù објаснуваше на Кики која ја гледаше со љубопитен поглед.

„Теренски четириножец. Можев и јас да ти го искреирам“ – завидливо одврати Кики.

„Мислев дека садовите за една употреба се твојата специјалност“ – ја задеваше Естел.

„Беше да, до денеска. Сега кај мене во фирмата е распишан интерен конкурс. Талберг успеа да потпише значаен договор. Замислете како моето студио дизајнира вазни за Икеа. Кој ќе победи на интерниот конкурс неговите продукти ќе бидат распространети низ стотици филијали. Ова е мојата шанса“ – возбудено објаснуваше Кики.

Естел за малку не ја сожали Кики. Дали овој нов предизвик беше причината што таа беше толку нервозна? Со години Кики се преоптоваруваше со својата кариера. Ова не беше единствениот интерен конкурс, за кој Кики воодушевено раскажуваше. Но, ниту една нејзина проекција досега не ù го донесе посакуваниот успех. А и како би ù го донел? Кики дизајнираше предмети за во домот: еднократен прибор за јадење, пластични чинии, украсни стапчиња за коктели, со едно име пластични продукти, стока, за која никој не претпоставуваше дека е произлезена од креативната рака на една дизајнерка. Притоа не ја губеше надежта дека еден ден ќе отиде чекор понапред од едноставната стока за енократка употреба. Чекор понапред и во работата и со мажите. Сепак, во студиото „Талберг“ ги притискаа младите дизајнери. Практиканти, штотуку излезени од пубертет, сепак, мотивирани и полни со идеи, ја туркаа Кики од патот на успехот. Овој пат мораше да успее. „Дизајнот се поистоветува со екстремните спортови“ – објаснуваше Естел – „со триесет веќе спаѓаш во пензионираните“.

Естел се прашуваше за што служиш во дизајнерскиот свет ако си како Кики, која веќе долго ги имаше пречекорено своите триесетти, но Кики продолжи да зборува.

„Нема да ти се верува какви се другите практиканти“ – се жалеше таа. „По цели денови се шетаат со шишињата вода и постојано се на телефон. Одат по забави, за веќе следниот ден да ги стават сликите на Интернет“ – се побуни Кики – „сите се конектирани“.

Премолчи дека се обиде да се побратими со младите колеги, па дури и се обиде да се најави на Фејсбук. Кога дојде време да го објави љубовниот статус почна да се двоуми „комплицирано“ беше единствената опција која можеше донекаде да ја опише нејзината моментална ситуација. Во рок од една недела, на Фејсбук собра повеќе поранешни момчиња одошто некој би собрал во текот на целиот свој живот. Но, најлошото допрва следува. Кога ја добри информацијата дека некојси Метју од Руан ја додал за пријател, веќе ù беше повеќе од доволно. За ништо на светот не би го споделила со Метју нејзиниот „комплициран“ статус, а притоа да го дознае неговиот љубовен статус ’среќно оженет’ со својата поранешна, сега венчана, жена и мајка на неговата прекрасна ќерка. Уште помалку сакаше да ја следат нејзините новопечени пријатели меѓу нејзините млади колеги.

„Старееш срце“ – констатираше нешармантно Естел, притоа допирајќи го јадрото на самиот проблем на Кики. Гледајќи постојано напред, Кики не сакјќи беше собрала изобилство на минато зад неа. Полека, но сигурно, кај Кики се разви сознанието дека можеби и ништо нема да биде од нејзината дизајнерска кариера доколку, секако, не направи некој спектакуларен проект. Го држеше дигиталниот апарат подготвен, како би можела да обележи сè што би ù послужило како инспирација за новата колекција вазни. Раскошните бои на југот од Франција, мирисот на раното утро, тивките звуци на природата – сетоа тоа можеше да послужи како зародиш на некоја брилијантна идеја. Овој пат мораше да успее.

Ева сè уште стоеше на автобуската станица и мавташе угоре со телефонот.

„Доаѓам веднаш!“ – им довикна на пријателките.

Немаше потреба од сведоци за нејзиниот телефонски разговор. Знаеше дека нејзините пријателки многу често ја нарекуваа ’надмајка’. Но, пред да може да се ослободи и препушти на патот, мораше да се осигури дека по дома сè се одвиваше како што треба. Нервозно ги притискаше копчињата, го протресуваше телефонот. Се поткачи дури и на една одроната карпа и повторно го подигна телефонот. Секој обид да воспостави контакт со домашната база беше неуспешен. Немаше прием.

Пријателките почнаа да се вртат по неа. Ева мавна – „Еве ме, стигнувам“. Брзо го грабна ранецот, го фрли на грб, а притоа тежината ја повече наназад. Можеби и премногу имаше спакувано? Нејзините сопатнични веќе беа исчезнале зад кривината, кога Ева задишано го продолжи патот. Еден, два, три, четири. Жештината ја притискаше, ранецот, исто така, а чевлите, фала му на бога, не. Не е ни чудо, помина само пет чекори. Ако еден чекор се состоеше од седумдесет самтиметри, тогаш колку чекори би биле до Лурд? Кога бројот светна на дисплејот на нејзиниот телефон (во опцијата калкулатор), посака никогаш да не почнеше со броењето. Четиристотини илјади чекори до Лурд! Притоа веќе ги имаше одземено растојанијата што беа предвидени за со автобус или со такси. Никогаш нема да успее.

Ева не знаеше дека веднаш зад следната кривина се подготвува пауза. Непринудно. Имено, со првата раскрсница дојдоа и првите несогласувања.

„Треба да свртиме лево. Оттука ќе стигнеме веднаш до манастирот“ – се изјасни Јудит. Естел се обидуваше преку рамото на Јудит да го прочита описот на патот во дневникот на Арне, Јудит отсечно се заврте.

„Каква тајна се крие во дневников?“ – ја праша Естел.

Јудит не одговори ништо. Спротивно од стравовите на Арне, таа се однесуваше кон дневникот како кон сопствена реликвија. Притоа не беше ништо спектакуларно тоа што Арне го имаше напишано за манастирот. Длабински опишуваше како срдечно го угостиле монасите на Бенедикт, како го почестиле со леб, козјо сирење и со домашно вино. За време на мисата воздухот се полнеше со грегоријански песни. Јудит едвај чекаше да навлезе во истата опатија, во која Арне го пронајде своето прибежиште. Којзнае, можеби монасите ќе се сетеа на еден таков аџија, божем беше каубоец од лудиот Запад.

„Оставете го сега патот лево и следете ја помалку користената патека во правец на исток“ – Каролине ги уништи мислите. Таа го прочита тоа на глас од некаков си водич за аџии. Типично за Каролине. Не сакаше да се потпре никому, ниту, пак, дозволуваше некој да знае повеќе од неа, што треба да се направи. „Десно се оди понатаму“ – рече тврдоглаво.
 „Лево“ – Јудит цврсто стоеше на својот став. 
Што сега? Показалците на Јудит и на Каролине очигледно покажуваа во две различни носоки. Конечно се појави и Ева, целата запотена и задишана.

„Внимание. Атмосферата малку натежна“ – ја предупреди Кики.

Јудит и Каролине стоеја со своите книжиња една спроти друга како боксери во ринг, кои чекаат на сигналот за започнување на првата рунда. Јудит го почувствува бесот во себе – од каде си зеде право Каролине да се замеша така?

„За мене е важно да го одам истиот пат по кој одел и Арне“ – истапи Јудит.

„Сепак, тоа е грешниот пат“ – ја разубедуваше Каролине.

„’Кога скиташ со патот на Св. Јаков, не можеш да планираш’, напишал Арне. Мораш да бидеш подготвен за сите работи што ќе те пресретнат на патот“ – Јудит ја бранеше својата теза.

Очите на останатите три пријателки шетаа на двете страни, де во Јудит де во Каролине, како тие да играа тениски меч. „Јас сум подготвена за сè, сè додека се движиме во правата насока“ – објаснуваше Каролине.
„Ова е мој пат. Моја задача, што ми ја остави Арне“ – се противеше Јудит.
„Ова е древен, точно утврден пат. Арне не е првиот и единствен што поминал оттука“ – продолжи Каролине.
„Ти ме придружуваш мене, а не обратно“ – Јудит ја нападна Каролине со толкава жестокост, каква што не се очекуваше од една толку слаба едвај ухранета личност. – подолжи понатаму, безволна повеќе да се расправа со Каролине, во насоката што ù ја дал Арне во својот дневник. „И така дојдовме да ја поддржиме Јудит“ – Кики застана на нејзина страна, во истиот момент правејќи извинувачки гест кон Каролине. Другите две го направија истото.
„Арне можеби пронашол некое скратено патче“ – ја заврши дискусијата Ева.
Дури и Естел почна да се движи – „Манастир со богата трпеза, ми ги надразнува сетилава“.
Тркалцата од нејзиниот куфер тропотеа по камената патека.

Advertisements

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s