Цел свет во неколку зборови

Моја библиотека: Неда Здравева

Правото е нејзиниот професионален избор, најмногу поради правичноста што ја носи во себе. Но, литературата е нејзината душа што ѝ ја дава магијата на човек кој плени. И студентите ја сакаат не поради облигационото право и правото на интелектуална сопственост, предмети што ги предава на правниот факултет „Јустинијана Прима“, туку поради природноста и непосредноста, отвореноста, умот и мудроста на омилената професорка Неда Здравева.

Neda1Дали има ли книга што си ја препрочитала повеќе од трипати?

Има, и тоа повеќе од една, но не сум сигурна кои книги ги имам препрочитано и по колку пати. „Проблемот“ е што секое ново читање е како да ја читам првпат, затоа што, иако приказната останува иста, јас се менувам. Па, ја откривам одново, наоѓам нешто што, веројатно, и не сум можела да го видам претходно. Многу често препрочитувам поезија. Од онаа магија на „пакување“ цел свет во неколку зборови не можам да побегнам, колку и да сакам. И во различни периоди од животот имав различни фасцинации од поети и поетеси, но Блаже Конески е константа. Не ме прашувајте зошто, никогаш нема да знам да објаснам што е тоа кај Конески што прави неговите книги да се оние, можеби и единствените, што љубоморно ги чувам во мојата библиотека.

Со кој лик од книга се идентификуваш?

Не се идентификувам со ликови, ни од книги, ни од филмови, па ни од „вистинскиот“ живот. Но, се обидувам да извлечам поуки. Книгите ја имаат моќта да го прикажат најдоброто и најлошото во човекот, и тоа во детали. А нели, ѓаволот е во деталите, па добрата работа во книгите е што на деталите можете да се навратите повеќе од еднаш. Морам да кажам дека никогаш особено не ме интересирале биографии, но во фазата кога читав сè што ќе ми дојде под рака, во домашната библиотека ја најдов биографијата на Марија Кири напишана од нејзината ќерка. Борбата на таа жена, во тоа време, да се докаже како научник и буквално и иронично цената да ја плати со сопствениот живот, ми се чини, ми беше и уште е една од најдобрите лекции на посветеноста кон остварувањето на целта. Не знам дали беше среќна или несреќна околност што оваа книга ја прочитав на неполни четиринаесет години, ама некако ми даде „мерка“ секогаш кога се прашував дали вредат борбите и одрекувањата, што се неизбежни, за да бидеш она што сакаш бидеш кога ќе пораснеш.

Која сцена, ситуација или опис од книга те оставила без здив или те наежила?

Две се – првиот дел на „Злосторство и казна“ и почетокот на „Дервишот и смртта“.

Имав повеќе неуспешни обиди да поминам повеќе од половина, приближно, од првиот дел на „Злосторство и казна“, затоа што целата атмосфера во книгата ми правеше сериозна мачнина. Ја оставав и почнував од почеток по некое време. Го рационализирав тоа некако со „ова е само книга“, затоа што во еден момент кренав паника дека никогаш нема да ја прочитам ако продолжам така. Второто читање, во факултетски денови, беше полесно, можеби затоа што ја читав како „стручна литература“, како (иден) правник.

„Bismilahir-rahmanir-rahim!

Pozivam za svjedoka mastionicu i pero i ono što se perom piše;

Pozivam za svjedoka nesigurnu tamu sumraka i noć i sve što ona oživi;

Pozivam za svjedoka sudnji dan, i dušu što sama sebe kori;

Pozivam za svjedoka vrijeme, početak i svršetak svega

— da je svaki čovjek uvijek na gubitku.

(iz Kur-ana)

Počinjem ovu svoju priču, nizašto, bez koristi za sebe i za druge, iz potrebe koja je jača od koristi i razuma, da ostane zapis moj o meni, zapisana muka razgovora sa sobom, sa dalekom nadom da će se naći neko rješenje kad bude račun sveden, ako bude, kad ostavim trag mastila na ovoj hartiji što čeka kao izazov…“

Ова е веројатно единствената проза што ја знам наизуст. „Дервишот и смртта“ не беше ни првата ни последната книга што ја прочитав во еден здив. Ама е единствената што ми е криво што не можам цела да ја научам напамет.

Која е најскапата книга што си ја купила во животот?

Обично, за стручна литература трошоците се големи, и за купување книги и за претплата на бази на податоци. Сепак, цената на книгите е релативна. Кога ги плаќате од плата не ви се чинат толку скапи како кога ги плаќате од „парите за одмор“. И така, во „Уна“ од Момо Капор едно лето отидоа неколку вотки-тоник (во тоа време или не внимаваа многу на она дека не се служи алкохол на лица помлади од 18 или јас изгледав постара). Но, за жал, немам поим каде е. Ужасна сум во тоа да запаметам кому која книга сум ја дала и дали ми е вратена. Се надевам дека ѝ е добро, каде и да е.

Neda3Дали пишуваш посвети на книги и дали паметиш некоја посвета на книга што си ја добила?

Нема книга што сум ја подарила без да напишам посвета на неа. Сериозно време посветувам на изборот на книгата и уште повеќе за посветата. И ги паметам посветите на книгите што сум ги добила. Една од најдрагите е „Да, во право си!“ заради сите муабети што ги има во тие четири збора.

Кој наслов од „Арс Либрис“ го сакаш во твојата библиотека?

Ова е најтешкото прашање. Професионално, оние што се во збирката „Eкономија“ и се однесуваат на управувањето со иновациите и брендовите. Лично, ако морам да издвојам, „Божествена комедија“ – треба да се врати во домашната библиотека и (надежно) таму и да остане.

Advertisements

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s