Внатрешните предели на тивкиот поет

Во пресрет на 87. роденден на академик Матеја Матевски (роден на 13 март 1929 година) го реобјавуваме интервјуто направено со него за магазинот „Лајф“. Во ова омажно интервју зборува за својот животен пат, професијата и поезијата.

Mateja Matevski 08Академик Матеја Матевски сопственото творештво го создаваше во прескок. Од првата книга „Дождови“ (1956) до „Рамноденица“ поминуваат осум години. Потоа станува Главен уредник, а подоцна и Генерален директор на тогашната Радиотелевизија Скопје. До третата книга „Перуника“ минуваат речиси 14 години. Дури потоа фаќа ритам што го држи до денешен ден. Досега објави 18 книги поезија. Покрај пишувањето, Матеја Матевски извршуваше значајни и одговорни функции. Беше Генерален директор на РТС, член на Претседателството на СРМ, Претседател на МАНУ. Десет години од својот живот помина и во Републичката комисија за културни врски со странство. Еден е од основачите на Струшките вечери на поезијата, бил претседател на Друштвото на писателите на Македонија, на македонскиот ПЕН-центар, на Советот на СВП, на фестивалот „Охридско лето“, на „Рациновите средби“.

Исклучително е значајна и неговата преведувачка дејност. На почетокот ги преведе најзначајните словенечки поети, како Прешерн, Градник, Злобец, Зајц. Потоа ја откри својата вистинска љубов кон шпанската поезија. Прво преведе сто песни, а подоцна и целокупното творештво на Лорка. Следуваше превод на творештвото на Неруда, Алберти и Падрон за СВП, и антологиските поетски избори на Октавио Паз, Хименес, Винсенте Александре, Габриела Мистрал. Во текот на својот живот ги доби сите значајни национални награди. На јубилејот 50 години Струшки вечери на поезијата ја добива наградата „Златен венец“, како 16-то меѓународно признание за неговото творештво.

Заедно со Блаже Конески, вие сте единствените македонски поети кои ја добиле оваа престижна награда. Што лично ви значи „Златниот венец“?

Mateja Matevski 06Струшката награда „Златен венец на поезијата“ е ценета и престижна награда во светот на поезијата, бидејќи фестивалот 50 години во континуитет ги собира поетите од целиот свет и ја промовира поезијата, го претставува нејзиниот развој и овозможува запознавање, размена на искуства и на мислења меѓу поетите. Сето тоа значи придонес на Фестивалот и во развојот на поетската уметност. Со оглед на тоа што станува збор за меѓународна награда, нејзината цел е да го претстави творештвото на современите поети, а преку нив и творештвото на нивните национални литератури и земји. Поради тоа „Златниот венец“, дури после долго време му беше доделен на Блаже Конески, и еве сега, во време кога се обележува јубилејот, ми се доделува мене, што ми претставува посебна чест, бидејќи со него се заокружува мојот повеќе од половина вековен творечки живот со поезијата.

Ако се вратиме назад во времето, кога почнавте да пишувате поезија?

Моето интересирање за поезијата, всушност, беше уште во гимназиските денови, меѓутоа посериозното и поамбициозно интересирање и занимавање со поезијата се совпаѓа со почетокот на педесеттите години, во времето на моите студии. Тогаш ги објавив моите први песни, за во 1956 година да ја објавам мојата прва збирка поезија „Дождови“. Со оглед на фактот што почнав да пишувам на млади години, во карактеристични услови на мојот живот, поезијата се појави како потреба и како поттик да го искажам моето чувствување на нештата, чувствувањето и на себеси и на светот околу себе. Тоа чувствување продолжи во текот на целиот мој живот, како потреба да го искажам своето интимно чувство за сензибилитетот на светот, на човекот и на времето.

Со појавувањето на „Дождови“, книжевната критика веднаш ве стави во категоријата „модернист на поетскиот збор“. Како од денешна дистанца гледате на тој момент, кога велат дека вашата книга е пресвртница во македонската поезија?

Појавата на „Дождови“ така беше забележана од книжевните критичари, но би можел да кажам дека појавувањето на книгата не е случајно, ни за мене, ни за состојбите во нашата тогашната поезија. Тоа беше почетокот на 50-тите години, кога во тогашна Југославија, во сферата на културата и во општеството, воопшто, се случуваа значајни процеси. Во културата, посебно во литературата, се одеше на доближување на македонската поезија по сензибилитет, по јазик, по израз, кон она што се случува во светот. Тоа значеше и извесно одлепување, прво од догматските влијанија, кои не многу нагласено, но сепак, беа присутни, и од еден провинциски регионализам кој ја затвораше литературата и поезијата во рамки кои беа исполнети со самозадоволство и кои немаа слух за она што се случуваше надвор од нивниот јазичен и културен простор. Тоа време беше карактеристично со судирот меѓу модернизмот и реализмот, и еден од носителите на тој судир беше мојата генерација.

Мојот животен принцип, како во уметничкото творештво, во поезијата, така и во однос на одговорноста во извршувањето на функциите, е дека етиката и естетиката секогаш треба да одат заедно.

Кои автори ѝ припаѓаа на таа генерација?

Mateja Matevski 02Тоа беше првата целосно образована генерација во македонската литература. Во поезијата беа Гане Тодоровски, Србо Ивановски, Анте Поповски, во прозата Димитар Солев, Благоја Иванов, во драмата Томе Арсовски, Бранко Пендовски, во критиката Георги Старделов, Милан Ѓурчинов. Тоа беше цела една плејада на автори кои се школуваа на нашите универзитети, се формираа на нив и во нашата книжевност ги носеа искуствата и на другите литератури. Тоа не значи дека македонската литература пред тоа немаше веќе обезбедено своја солидна позиција во тогашната и македонска и југословенска стварност, бидејќи генерацијата што излезе од војната со ослободувањето направи еден голем продор во освојувањето на јазикот, на литературата и на афирмацијата на таа литература. Но, ова беше еден бран кој имаше заеднички порив за динамичен и интензивен развој. Можам дури да речам дека сите ние знаевме што не сакаме, но не може да се рече дека точно го знаевме тоа што го сакаме. Имавме критички однос и почит кон традицијата, но и излегувавме од неа во светот на новото, и во јазикот и во исказот и во сензибилитетот. Место еден нагласен регионален фолклоризам во нашата литература сѐ повеќе почна да пробива поуниверзален, покосмополитски дух кој нашата литература ја правеше модерна, а и овозможуваше од традицијата да го асимилира она што таа го чувствуваше како најдобро и најзначајно.

Родени сте во Истанбул, детството го поминавте во Гостивар, а најголем дел од животот во Скопје. Кој град, всушност, го чувствувате како свој?

Најтрајни и најсилни се првите впечатоци, впечатоците од детството. Во тој поглед Гостивар, каде што ги имам поминато детството и момчештвото, го чувствувам како свој град бидејќи беше врзан со моето влегување во животот, иако оттаму сум заминал во 1945 година. Скопје е градот на мојот живот. Тука сум дојден на 17-годишна возраст и живеам до ден-денес, тука се школував, работев, живеев, тука влегов во литературата, и Скопје стана мојот интегрален роден град. Што се однесува до Истанбул, односно Цариград, таму сум роден, но не го помнам, бидејќи кога моето семејство се вратило од Цариград по печалбата која траела со генерации, сум имал 2-3 години. Преку прикажувањата на роднините, на Реканците кои доаѓаа во Гостивар, оттаму заминуваа во Истанбул, се враќаа од Истанбул во Гостивар и одеа во своите села, Цариград за мене стана еден митски предел, митски град преку туѓото сеќавање. Градот кој не постоеше во моето детство се интегрираше во мојата свест како роден град преку туѓото сеќавање. На крајот, фактички им припаѓам на сите три града, на Истанбул со реканските корени, на Гостивар со детството и на Скопје со мојот досегашен живот.

Во Скопје се одвива Вашиот професионален живот. Која беше вашата прва професија?

Mateja Matevski 05Ако за професија се смета обезбедувањето егзистенција, тогаш тоа е новинарството, бидејќи како млад новинар почнав да работам во тогашното Радио Скопје во 1953 година, уште додека бев студент. Работев на дневните вести од областа на културата, потоа како редактор на програмите за поезија и како постојан театарски критичар, а повремено и како книжевен критичар. Во тоа време радиото и телевизијата, каде што поминав дваесет години, беа институција која го опфаќаше својот дневно-информативен политички комплекс, но по своите содржини беше институција низ која се реализираше, се проектираше и се афирмираше целокупната наша култура – литературата, театарот, филмот, сликарството, музичката уметност. Мојот ангажман на креативен план беше во областа на поезијата, домашна и странска, на преведувањето, претставувањето и толкувањето на достигнувањата на нашата литература. Во текот на неколку години ја подготвував и театарската хроника, како театарски критичар на Радио Скопје.

Кои професионални ангажмани и искуства ви останаа во најубаво сеќавање?

Најубави беа првите шест години во радиото, кога работев директно во програма како автор. Следниот период се десетте години што ги поминав во Републичката комисија за културни врски со странство. Тоа беше златното доба на афирмацијата на македонската култура и уметност во странство. Тоа беше време на голем подем и на голема динамика, и на големо задоволство кое мене ме исполнуваше. Ја немаше онаа драматика, оној 24-часовен грч како менаџер на РТС, кога стравуваш за секој репетитор или предавател, туку имаше јасна програма која спокојно ја реализиравме. Потоа бев избран за член на Претседателството на СРМ. Не бев избран како политички деец или функционер, туку како писател, како културен деец. Се разбира, ми беше драго, оти сите наши генерации сакавме да придонесеме за развојот на првата македонска држава, и не се штедевме, генерации и генерации, да го дадеме својот придонес колку што ни беа можностите. Додека бев на овие должности во Комисијата, а потоа и во Претседателството, прво бев избран за дописен член на МАНУ во 1979 година, додека во 1983 година и за редовен член. Во меѓувреме станав и редовен професор на Факултетот за драмски уметности и предавав Историја на светската драма и театар и се занимавав со таа моја втора професија, покрај поезијата.

Според кои принципи ги извршувавте високите функции, кои во вашата кариера се повеќе на број?

Мојот животен принцип, како во уметничкото творештво, во поезијата, така и во однос на одговорноста во извршувањето на функциите, е дека етиката и естетиката секогаш треба да одат заедно. Нарушувањето на тој однос предизвикува разни последици во самата уметност и самото творештво. Во сферата на работата, на мојот работен ангажман, од моето семејство и од моите предци наследив една особина, која ќе ја кажам со обични зборови: да се влезе во една работа со чист образ и со чист образ од неа да се излезе. Тоа беше мојата девиза во текот на целиот работен и творечки век. Така, од една во друга работа се одвиваше мојот живот. Ако можам тоа да го сметам како моја сатисфакција и да бидам задоволен од мојот живот и работа, тогаш тоа е токму тоа.

Како се појави љубовта кон шпанската книжевност?

Mateja Matevski 01Веднаш бев обземен од убавината и од силата на таа поезија, на нејзиниот сензибилитет и јазик. Тоа е поезија која има медитерански дух што го почувствував како многу близок. Поезија врзана за земјата, дури и за фолклорот, а модерна и по јазикот и по чувствувањето. Наеднаш како да ми се откри сознанието дека тоа е моделот за модерна поезија, тоа е она што во македонската поезија го започна Кочо Рацин со „Бели мугри“. На почетокот преведов сто песни од Лорка. Потоа тргнав во еден незапирлив континуитет до ден-денес. Го преведов Лорка со целокупната негова поезија, која опфаќа повеќе од 14 илјади стихови и со негови три драми го објавив во четири тома. Направив и голема антологија – Десет векови на шпанската поезија, на 750 страници, од анонимните автори до крајот на дваесеттиот век, со која се опфатени стотина поетски имиња. Бидејќи мојот завлег беше кон литературата јужно од Пиринеите, користејќи оригинални шпански и француски преводи, направив антологија на Каталонската и на Галициската поезија, а подготвувам превод и на Баскиската поезија.

Книгата со десетвековната антологија на шпанската поезија е посветена на вашата сопруга Зага. Колку таа ви помогна во преведувачката дејност?

Нејзината улога е клучна, и во мојата определба и во мојот развој како писател. Ние се здруживме уште како студенти на почетокот на студиите, и ги имавме истите занеси за литературата, со тоа што таа самата не пишуваше, но стана одличен професор по литература, љубител и познавач, 28 генерации матуранти поминаа со неа и ден-денес ме сретнуваа многумина што биле нејзини ученици и се сеќаваат на неа. Таа беше мојот прв критичар. Како што ги пишував текстовите, таа беше мојот прв читател, и на книгата „Дождови“, и тоа така продолжи. Таа беше мојот критичар не само во смисла на естетските вредности, туку беше и мој коректор во сферата на јазичната чистота и јазичниот исказ. Кај себе јас го имав гостиварскиот говор, а таа беше од Прилеп, значи од срцето на централните говори и нејзиното чувство за јазик беше развиено на восхитувачки начин. Големата антологија на шпанската поезија е посветена на неа токму поради тоа што шпанската поезија беше нашата заедничка љубов и таа го следеше сиот мој ангажман во преведувањето на шпанските поети.

Единствен предок на поезијата е човекот. Таа не е нешто затворено или херметизирано, кое не излегува од својата лушпа, таа мора да зрачи, а поетот со неа да го искаже своето чувствување на себеси и на светот. Немајќи ги инструментите на моќта, туку на јазикот, преку поетот поезијата влијае во остварувањето на вечните стремежи, некои од нив и недостижни, за остварување на убавината, добрината и хармонијата на човекот и на човештвото.

Покрај личното чувство што го имате за пишаниот збор, која е општата функција на поезијата во животот на луѓето?

Mateja Matevski 03Како прво, функцијата на поезијата е индивидуален чин. Тука, пред сѐ, го имам во предвид периодот во педесеттите години, кога нашата генерација го афирмираше одлепувањето од колективистичкиот начин на пишување и размислување кон еден индивидуален, личен и субјективен чин. Така ја сфаќам, така се однесувам и така ја доживувам поезијата веќе педесет години. Тоа е мојата вистинска природа. Поезијата ги нема инструментите на власта и на државата, ја нема моќта, но нејзината моќ е јазикот. Во младоста, во една прилика изјавив дека единствен предок на поезијата е човекот. Таа не е нешто затворено или херметизирано, кое не излегува од својата лушпа, таа мора да зрачи, а поетот со неа да го искаже своето чувствување на себеси и на светот. Немајќи ги инструментите на моќта, туку на јазикот, преку поетот поезијата влијае во остварувањето на вечните стремежи, некои од нив и недостижни, за остварување на убавината, добрината и хармонијата на човекот и на човештвото. Таа го доживува злото што го произведува самиот човек, затоа што тоа е во самиот него. Поезијата влијае, укажувајќи на тоа, злото да се надмине. Тука е нејзината моќ. Таа, поезијата, не може да го промени светот. Светот можат да го променат политиката, власта, институциите на системот. Поезијата не е дел од нив, но преку својата хуманистичка суштина може да го облагороди и човекот и светот.

текст: Тони Димков

фото: Андреј Гиновски

Advertisements

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s