Харпер Ли, книжевна ѕвезда по една книга (1926-2016)

Неодамна починатата Харпер Ли, чијшто прв роман, „Да се убие птицата подбивница“, за расната неправда во едно гратче во Алабама, се распродаде во повеќе од 40 милиони копии и стана едно од најсаканите и најпродавани дела што некогаш биле напишани од Американец, историјата ќе ја запише како книжевна ѕвезда по една книга. Почина на 89 години во Монровил, Алабама, каде што и живееше.

Harper_Lee

Харпер Ли, 2015 година

Инстантниот успех на „Да се убие птица подбивница“, што беше издаден во 1960 година и освои Пулицерова награда за белетристика наредната година, ја направи Ли книжевна ѕвезда, улога што за неа беше неподнослива и никогаш не успеа да ја прифати.

„Никогаш не очекував каков било успех со ’Птица подбивница‘“, кажа Ли во едно радиоинтервју во 1964 година. „Се надевав на брза и милостива смрт во рацете на рецензентите, но истовремено и се надевав дека некому ќе му се допадне доволно за да ме охрабри.“

Огромната популарност на филмуваната верзија на романот, издаден во 1962 година со Грегори Пек во улога на Атикус Финч, адвокат од мало гратче од Југот, кој брани црнец кој е лажно обвинет за силување на бела жена, само ја зголеми славата на Ли и ги разгоре очекувањата за следниот роман.

Gregory

Лево: Харпер Ли. Десно: Грегори Пек во филмуваната верзија на романот „Да се убие птицата подбивница“

Но, повеќе од половина век вториот роман никако не се појавуваше и Ли доби репутација на литературен Гарбо, осаменик чиишто јавни настапи за примање награда или почесни дипломи се сметаа како важни вести само поради нивната реткост. На тие настани таа не кажуваше ништо друго, освен едно кратко благодарам.

Потоа, во февруари 2015 година, долго откако читачката публика се откажа од тоа дека ќе видат уште нешто од Ли, нејзиниот издавач, Харпер, издавачката куќа „Харпер Колинс“, предизвика сензација. Ги најави плановите за издавање ракопис – што одамна се сметаше дека е изгубен, а сега исплива под мистериозни околности – што Ли го дала на нејзините уредници во 1957 година со наслов „Оди постави стражар“.

Адвокатот на Ли, Тоња Б. Картер, случајно ја видела додадена на оригиналниот ракопис „Да се убие птицата подбивница“, додека пребарувала по документите на Ли, објаснија издавачите. Ја раскажуваше приказната на Атикус и неговата ќерка, Џин Луис Финч, позната како Скаут, 20 години подоцна, кога Скаут е млада жена која живее во Њујорк. Вклучуваше и неколку сцени во кои Атикус покажува конзервативни погледи за расните врски навидум во судир со неговиот либерален став во претходниот роман.

Книгата беше издадена во јули и првично испечатена во два милиона примероци и со огромна продажба однапред, веднаш се искачи на врвот на листата на најпродавана фикција, и покрај неентузијастичките рецензии.

Ли како Скаут во „Да се убие птицата подбивница“

Всушност, „Да се убие птицата подбивница“ беше две книги во една: нежен и често шеговит портрет на животот во мал град во триесеттите години на 20 век и воедно отрезнувачка приказна за расните врски во далечниот Југ во времето на Џим Кроу.

Сеќавајќи се на нејзиното детство како предвреме созреана машка Мара, Скаут, нараторот се навраќа на спарните лета и едноставните задоволства во едно обично гратче во Алабама. Во време кога фикцијата на Југот се приклонувала кон готиката, Ли, со остро око и истанчен слух за дијалози ги претстави „повеселите аспекти“ на животот на југ, ако ја позајми фразата од Вилијам Дин Хауелс.

Истовремено, нејзината остра приказна за моралот на праведниот адвокат од југот, што цврсто стои против расизмот и владеењето на толпата ги допре Американците, од коишто многумина првпат стануваа свесни за движењето за граѓанските права.

Романот наиде и на критики. „Интересно е што сите луѓе што ја купуваат не знаат дека читаат книга за деца“, напиша во едно писмо до пријател Фланери О’Конор набрзо по објавувањето на книгата. Некои од рецензентите негодуваа дека согледувањата што ѝ биле припишани на Скаут биле пресложени за девојче кое тукушто тргнува во основно училиште, а Атикус го отфрлија како јужниот судија Харди, кој дели некакви морални баналности.

Книгата брзо ги надмина тие критики. До крајот на седумдесеттите години на 20 век „Да се убие птицата подбивница“ имаше продадено десет милиони копии, а во 1988 година Националниот совет на наставници по англиски јазик известија дека се предава во 74 проценти од средните училишта во земјата. Една деценија потоа „Лајбрери џурнал“ (Library Journal) го прогласи за најдобар роман на 20 век.

tatko

Харпер Ли со татко ѝ Амаса Колман Ли, 1961 година

Нел Харпер Ли е родена на 28 април 1926 година, во малото и здодевно гратче Монровил, во јужна Алабама, како најмладата од четирите деца. „Нел“ (Nelle) е наназад прочитано името на баба ѝ по мајка, а Ли го изостави кога се издаде „Да се убие птицата подбивница“ од страв дека читателите ќе го изговараат Нели, нешто што таа мразела.

Татко ѝ, Амаса Колман Ли, бил истакнат адвокат и моделот за Атикус Финч, со кој ја делел помпезната дикција и благородното чувство за граѓанска должност. Мајка ѝ, Франсис Финч Ли, позната и како госпоѓа Фени, била предебела и емоционално кревка. Соседите се сеќаваат дека таа со часови свирела на пијаното, нервозно трчкала со саксиите со цвеќе и опсесивно решавала крстозбори на предниот трем. Труман Капоти, пријател на Ли од детството, подоцна изјавил дека мајката на Нел се обидела двапати да ја удави во кадата, тврдење што Ли огорчено го негирала.

Ли, како и нејзиното алтер его Скаут, била мала и силна машка Мара која уживала да ги претепува локалните момчиња, се качувала на дрва и се тркалала во правот. „Фустан на малата Нел би бил еднакво несоодветен како што би била свилена капа на свиња“, се сеќава Мери Рудисил, тетката на Капоти, во нејзината книга „Труман Капоти: Приказната за неговото бизарно и егзотично детинство од тетката која го израсна“.

Едно од момчињата кое ги трпело ќотеците од Нел бил и Труман Персонс (подоцна Капоти), кој поминал неколку лета кај роднините во соседството на Нел. Тие брзо станале пријатели, кои ги одигрувале авантурите на „Момчињата Ровер“, а откако татко ѝ на Нел им ја дал старата машина за пишување „Андервуд“, измислувале приказни за да си ги диктираат еден на друг.

Капоти подоцна ја опиша Нел во неговата прва книга, „Други гласови, други соби“, каде што таа се појавува како машкуданката Изабел Томкинс. Повторно се појави и како Ен Финчбург, со прекарот Џамбо, во неговата приказна „Посетителот на Денот на благодарноста“. Ли ја врати услугата со тоа што му ја додели улогата на Капоти како малиот рус создавач на приказни, Дил, во „Да се убие птицата подбивница“.

Несуден адвокат, со книжевни амбиции

Ли учела на колеџот „Хантингдон“, локално методистичко училиште за жени, каде што повремено и пишувала статии за весникот на кампусот, како и две кратки вињети за литературното списание на колеџот. И двете ги навестувале темите што подоцна се нашле и во нејзиниот роман. Во „Кошмар“ се опишува линчување, а во „Намигнување на правдата“ раскажува за остроумен судија кој прави соломонска одлука во случај на осум црнци уапсени за коцкање.

По една година на „Хантингдон“, Ли се префрла на Универзитетот во Алабама да студира право, првенствено за да го задоволи татко ѝ, кој се надевал дека и таа, како сестра ѝ Алис, ќе стане адвокат и ќе се приклучи во семејната фирма. Нејзините интереси и веројатно нејзините предиспозиции ја одвеле во друг правец.

„Мислам дека адвокатите некако мораат да се конформираат, а таа попрво би ви кажала да ѝ се изгубите од пред очи пред да ви каже нешто убаво и би се свртела и отишла“, се сеќава еден нејзин соученик. Ли напиша колумна наречена „Остри коментари“ за „Кримсон Вајт“ (Crimson White), весникот на универзитетот, а пишуваше и статии за универзитетското хумористично списание, „Рамер џамер“ (Rammer Jammer), на коешто во 1946 година стана главен и одговорен уредник.

По апсолвирањето, таа поминала едно лето на Универзитетот во Оксфорд како дел од програмата за размена на студенти. Кога се враќала од Англија решила да оди во Њујорк и да стане писателка.

Ли пристигнала во Менхетн во 1949 година и се сместила во стан само со ладна вода на Истокот во осумдесеттите година на 20 век. По краткото работење во книжарница, нашла работа како агент за резервирање билети во првата Источна авиокомпанија, а подоцна и во Британската прекуокеанска авиокомпанија, БПАК (British Overseas Airways Corporation, BOAC), а навечер пишувала на маса направена од врата. Локалната колонија на раселени јужњаци го разбираа нејзиното лутење. „Мислевме дека нема да постигне многу“, се сеќава Луис Симс, жената на саксофонистот Зут Симс. „Рече дека пишува книга и тоа беше тоа.“

harper-lee

Харпер Ли

Мајкл и Џој Браун, двојка што ја сретнала преку Капоти, верувале во неа. Господинот Браун, лиричар, тукушто добил голем чек за неговото работење на музичка модна ревија за списанието „Есквајр“ (Esquire) и на Божиќ 1956 година тој и неговата жена ѝ подариле чек на Ли еднаков на годишната плата во БПАК и порака во која пишувало: „Имаш една година да не работиш за да пишуваш што сакаш. Среќен Божиќ“.

Полека присобрала портфолио со кратки раскази, што ги однела кај агентот Морис Крејн. Тој ѝ предложил да проба да напише роман. По два месеца се вратила со првите 50 страници од ракописот што таа го нарекла „Оди постави стражар“.

Во него се раскажувала приказната за адвокат од еден мал град кој стражари пред затвор за да го заштити својот клиент од разбеснетата толпа, главниот настан во идниот роман, чијшто наслов господинот Крејн го променил во „Атикус“, а подоцна, како што напредувал ракописот, во „Да се убие птицата подбивница.“

Насловот се однесува на инцидентот во романот, во кој Атикус, додека им давал воздушни пушки на неговите две деца, им кажал дека смеат да пукаат во конзерви, но никогаш во птица подбивница. Скаут, вчудовидена, дознава од госпоѓа Моди Аткинсон, вдовицата отспротива, дека постои поговорка, „Грев е да се убие птица подбивница“, а причината за тоа е: Птиците не повредуваат никого и само прават убава музика.

Уредниците во „Липинкот“ (Lippincott) ѝ рекле на Ли дека ракописот ѝ се чита како низа од анегдоти, а не како роман, но ја охрабриле да го преработи. На крајот ѝ платиле мал надоместок и ја назначиле да работи со Тај Хохоф, искусен уредник со кого создала блиска работна и лична врска.

Како што романот се доближувал до издавање, Капоти ѝ се јавил со предлог. Одел во Канзас да истражува грозоморно убиство на земјоделско семејство. Дали би сакала да дојде како „истражувач асистент“?

Ли веднаш ја прифатила понудата. „Тој рече дека работата бара големо вложување и дека за неа се потребни двајца“, подоцна изјави за „Њузвик“ (Newsweek). „Го интригираа злосторствата и мене ме интригираат злосторства – и, боже, колку само ми се одеше. Длабочината ја повикуваше длабочината.“

Со месеци Ли го придружуваше Капоти додека тој ги интервјуираше полициските иследници и локалното население. Шармантна и приземна, отвораше врати што без неа ќе останеа затворени за нејзиниот придружник, чијшто екстравагантен разгален начин многу од граѓаните го сметаа за чуден. Секоја вечер пишувала детални извештаи за нејзините впечатоци и му ги предавала на Капоти. Потоа внимателно го читала неговиот ракопис и му давала коментари.

truman-capote

Труман Капоти и Харпер Ли, 1966 година

Кога книгата „Ладнокрвно убиство“ беше издадена во 1966 година со многу признанија, Капоти ѝ се оддолжи за помошта со кратка благодарност во посветата и со тоа ја минимизираше нејзината улога во создавањето на книгата. Дотогаш пријателството веќе беше оладено, а замрзна откако „Да се убие птицата подбивница“ брзо стана најпродавана книга.

Знаци за успехот на романот беа видливи уште веднаш по издавањето во јули 1960 година. И клубот „Книга-на-месецот“ (Book-of-the-Month Club) и „Литерари гилд“ (Literary Guild) го направија романот нивен избор, а „Ридерс дајџест“ (Reader’s Digest) го ставија во антологија. Една недела по издавањето романот рипна на врвот на листата на најпродавани книги; и остана таму 88 недели.

Исчекување на вториот роман, што не се појавуваше

Списанието „Лајф“ (Life) ја придружуваше Ли низ Монровил, фотографирајќи ја со татко ѝ на тремот од семејната куќа, додека позираше на балконот на околискиот суд, и како ѕирка низ прозорецот од трошната куќа што ѝ послужила како модел за домот на Бу Редли, кроткиот, припрост сосед кој се спријателува со Скаут. Една од фотографиите имаше ретроспективен потресен натпис: „Во адвокатската канцеларија на нејзиниот татко, каде што ја напиша ’Птицата подбивница‘, Ли работи на нејзиниот следен роман“.

Следниот роман никако не се појавуваше. „Успехот многу лошо влијаеше врз мене“, рече Ли за „Асошиејтид прес“ (The Associated Press). „Станав дебела – но и екстремно незадоволна. Трчам еднакво исплашена како и претходно.“

Во едно од нејзините последни интервјуа во радиоемисија од Чикаго во 1964 година, Ли зборуваше подетално за нејзините литературни амбиции: да го опишува, во серија романи, светот во кој пораснала, што сега го гледа како исчезнува.

„Ова е животот на средната класа во мало гратче на Југот наспроти готскиот, наспроти ’Тутуновиот пат‘, наспроти животот на плантажите“, кажа во интервјуто, мислејќи на романот на Ерскин Колдвел, и додаде дека ја воодушевува „богатиот социјален модел“ во таквите места. „Само би сакала да запишам сè што знам за ова, бидејќи верувам оти постои нешто универзално во овој мал свет, да се каже нешто пристојно за него и нешто да се оплаче во неговото заминување“, продолжи таа. „Со други зборови, сè што сакам е да сум Џејн Остин од јужна Алабама.“

Светот чекаше нетрпеливо и се навикна на разочарување. Во еден момент нејзината сестра му кажа на еден британски новинар дека речиси завршениот ракопис бил украден од станот на Ли кога го ограбиле. Во средината на осумдесеттите години на 20 век Ли почнаа да ја фасцинира еден хонорарен проповедник и сериски убиец, чијашто приказна планирала да ја драматизира по примерот на „Ладнокрвно убиство“, во книга привремено насловена „Свештеникот“. Дури и постави камп речиси една година во Александер Сити, Алабама, местото на убиствата, за да истражува и да ја впие атмосферата. Но, повторно ништо не се материјализираше. Се врати на самотниот живот во Монровил, чувајќи ги новинарите и јавноста подалеку од неа.

Иако новинарите си замислуваа јужна госпоѓа Хевишам, Ли живееше тивок, но релативно нормален живот во Монровил, каде што пријателите и соседите ги збиваа редовите околу неа за да ја заштитат од непосакуваното внимание од туристите и новинарите. Таа живееше со Алис, која беше адвокат во деведесеттите години на 20 век и умре во 2014 година на 103 години.

Ли ја посетуваше и локалната методистичка црква (изградена делумно и од нејзините приходи од авторските права) и повремено се појавуваше на часовите по англиски во локалните средни училишта кога се предавала „Да се убие птицата подбивница“. Освен тоа, таа поминувала време и во Менхетн, каде што си одржуваше еден мал стан.

Повремено ја забележуваа. Во 2001 година, Ли почна да посетува церемонија за годишно доделување награди на Универзитетот во Алабама за да се запознае и да зборува со победниците на натпреварот за најдобар есеј за „Да се убие птицата подбивница“ од средношколците во Алабама.

Останувајќи доследна на нејзината долгогодишна политика, одбиваше да зборува за неа и нејзиниот живот и нејзиното дело, што повторно станаа предмет на интензивна новинарска љубопитност откако се издадоа два филма што се однесуваа на делото „Ладнокрвно убиство“. Во едниот, „Капоти“ (2005 година), Ли ја глумеше Кетрин Кинер, а во другиот „Озлогласен“ (2006 година) ја глумеше Сандра Булок. Сепак, таа испрати писмо до списанието „Опра“ во 2006 година во коешто ја опишува љубовта кон читањето во детството.

smrch

„Да се убие птицата подбивница“ и „Оди постави стражар“

Вестите за повторното откривање на „Оди постави стражар“ создадоа немири во литературниот свет. Многу критичари, како и пријатели на Ли, сметаа дека времето и повторното откривање се сомнителни и отворено се сомневаа дали Ли, која била заштитена од новинарите од госпоѓа Картер, е пресметлива за да го одобри објавувањето.

Прашањето остана отворено, за многу критичари, дали „Оди постави стражар“ е всушност првичната нацрт-верзија на „Да се убие птицата подбивница“ од кој по наредба на нејзините издавачи, Ли ги отсекла сцените од детството на Скаут и ги развила во посебна книга. „Јас бев автор издаден првпат и правев како што ќе ми кажеа“, Ли напиша во изјава објавена од нејзиниот издавач во 2015 година.

Многу читатели, кои израснале идеализирајќи го Атикус, беа скршени од портретирањето, по 20 години, како цврст бранител на сегрегацијата.

Овој месец продуцентот Скот Рудин најави дека планира да ја донесе „Да се убие птицата подбивница“ во Бордвеј во сезоната на 2017-18 година, со адаптација на романот од драматургот Арон Соркин и во режија на Бартлет Шер.

Advertisements

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s