Умберто Еко, најпродаван академик кој управуваше два света

Умберто Еко, италијански научник во таинственото поле на семиотиката, кој стана автор на најмногу продавани романи, особено блокбастерот, средновековната мистерија „Името на розата“, почина во петокот во неговиот дом во Милано, на 84 години.

Umberto-Eco-900-x-830-px-750x444

Како семиотичар, Еко беше во потрага да ги толкува културите преку нивните знаци и симболи – зборови, верски икони, бајраци, носии, музички записи, па дури и цртани – и издаде повеќе од 20 научни трудови на овие теми додека предаваше на Универзитетот во Болоња, најстариот универзитет во Европа.

Но, наместо да го оддели неговиот академски живот од неговата популарна фикција, Еко внесе во неговите седум романи многу од неговите научни преокупации.

Во премостувањето на овие два света, тој никогаш не бил поуспешен отколку со „Името на розата“, неговиот прв роман, што беше првпат издаден во Европа во 1980 година. Се распродаде во повеќе од десет милиони копии на околу 30 јазици. (Холивудската адаптација од 1986 година режирана од Жан-Жак Ано, со Шон Конери во главната улога, беше рамнодушно пречекана.)

Книгата е поставена во 14 век во италијански манастир, каде што монасите ги убиваат нивните ко-религионисти заветени да го зачуваат одамна изгубениот филозофски трактат на Аристотел. И покрај тоа што посветил цело поглавје на дискусии за христијанската теологија и ерес, Еко успеа да ја маѓепса широката публика со книгата, како забавен детективски трилер.

Неговите наредни романи – со протагонисти како остроумниот крстоносец од средниот век, авантуристот кој преживеа бродолом во 17 век и физичарот од 19 век – исто така бараат читателите да апсорбираат големи дози на семиотички размисли покрај привлечните измислени приказни.

Семиотичар кој ја провоцира критиката

Во едно интервју за „Вог“ (Vogue) во 1995 година, Еко призна дека не е лесен за читање. „Луѓето секогаш ме прашуваат, ’Како тоа твоите романи, кои се толку тешки, имаат успех?‘“ рече тој. „Ме навредува тоа прашање. Тоа е исто како да прашате жена, ’Како тоа мажите се интересираат за вас?‘“ А потоа, со типична иронија, Еко додаде, „Јас си сакам лесни книги од кои веднаш заспивам“.

Додека Еко имаше многу бранители во академијата и во книжевниот свет, критичарите и во двете области некогаш го отпишуваа поради недостиг или на научен патос или на романсиерски талент. „Не постои културен артефакт што е премногу низок или безначаен за анализата на Еко“, Ијан Томсон, литературен биограф, напиша за „Гардијан“ (The Guardian) во 1999 година во рецензијата на „Среќни случајности: јазик и лудило“, колекција од есеи на Еко за тоа како лажните верувања ја промениле историјата.

А, британскиот романсиер Салман Ружди, во остра рецензија за „Лондон обзервер“ (The London Observer), го исмеваше романот на Еко од 1988 година, „Фукоовото нишало“, во која вели дека „нема смисла за хумор, нема карактер, целосно ослободена од што и да е што личи на веродостоен говор, полн со секаков неразбирлив жаргон што го отапува умот“.

Појавувајќи се заедно со Ружди на книжевен панел во Њујорк во 2008 година, Еко иронично одбра да чита од „Фукоовото нишало“.

Како глобална суперѕвезда и во интелектуалните и во популарните културни кругови, Еко ги прифаќаше таквите критики со смиреност. „Јас не сум фундаменталист, кој вели дека не постои разлика меѓу Хомер и Волт Дизни“, кажа за еден новинар на „Гардијан“ (Guardian), кој го истражувал неговото подредување во науката и поп-иконографијата во 2002 година. „Но, Мики Маус може да биде совршен на начин на кој е и јапонското хаику.“

ecoЖивотен пат на ерудит

Знаењето на Еко да држи предавања на пет современи јазици, како и на латински и старогрчки, тој го поминуваше Атлантикот за академски конференции, турнеи за книгите и коктел-забави за познати. Немирен, забраден и страстен пушач, уживаше да се шегува покрај евтино вино со неговите студенти до доцна навечер во таверните во Болоња.

Тој и неговата жена Германка, Рената Рамге, професор по архитектура и уметност, имаа станови во Париз и Милано, како и велепосед од 17 век, некогаш во сопственост на језуити, на ридовите во близина на Римини, на Јадранското Море. Имаат две деца, Стефано, телевизиски продуцент во Рим, и Карлота, архитект во Милано.

Умберто Еко бил роден на 5 јануари 1932 година, во Алесандрија, индустриски град во регионот Пиемонт во северозападна Италија. Неговиот татко Џулио, бил сметководител во фирма за метали; а мајка му, Џована, била службеничка таму.

Како дете, Умберто поминувал секој ден со часови во подрумот на дедо му, читајќи ги од него одбраните колекции од Жил Верн, Марко Поло и Чарлс Дарвин и авантуристички стрипови. За време на диктатурата на Бенито Мусолини, се сеќава дека носел фашистичка униформа и како освоил прва награда на конкурсот за пишување за млади фашисти.

По Втората светска војна, Еко се придружил на католичката младинска организација, на која подоцна станал и национален лидер. Си дал оставка во 1954 година за време на протестите против конзервативните политики на папата Пиј XII. Но, Еко одржувал силна врска со црквата, со тоа што ја напишал својата докторска дисертација на Универзитетот во Торино за св. Тома Аквински.

Продолжил да предава филозофија, а потоа семиотика на Универзитетот во Болоња. Исто така, тој се прослави во Италија со неговите неделни колумни за популарната култура и политика за „Еспресо“ (L’Espresso), најпознатото списание во земјата.

Умберто Еко и неговите романи

14Но, објавувањето на „Името на розата“ му овозможи на Еко глобална слава. Монахот-детектив во романот, Вилијам од Баскервил, беше именуван според еден од случаите на Шерлок Холмс, „Баскервилскиот пес“. Романот го раскажува млад почетник, кој го придружува Вилијам во неговите истражувања во манастирот каде што се случуваат убиства и дејствува како средновековниот доктор Вотсон.

Во друга литературна алузија, овој пат заради слепиот аргентински писател Хорхе Луис Борхес, кој постави една од неговите приказни во енциклопедиска библиотека, Еко го нарече негативецот на неговиот роман Хорхе де Бургос и го портретираше како слепиот манастирски библиотекар. Де Бургос и неговите соучесници ги изведуваа нивните убиства за да го спречат откривањето на наводно изгубениот том на Аристотел во кој се возвишува улогата на хуморот. Убијците веруваат дека книгата е инструмент на Сатаната.

Во „Фукоовото нишало“, неговиот втор роман, Еко ја раскажува приказната на Леон Фуко, француски физичар од 19 век, кој создал механизам што го покажува ротирањето на Земјата. И покрај тоа што меша алузии од кабалата, математички формули и ликови на Дизни, и овој роман стана светски бестселер – иако не ги доби истите едногласни признанија што критичарите ги дадоа за „Името на розата“.

Шемата се повторуваше со другите романи на Еко, што често беа потценувани од критичарите, но проголтувани од читателите, и покрај нивната збиена проза и тешките концепти. Во рецензијата за четвртиот роман на Еко, „Баудолино“ (2000 година), во „Њујорк тајмс“ (The New York Times), Ричард Бернстајн напиша дека „ќе ве зачуди како може еден вешт раскажувач како Еко да создаде роман што е толку конвенционален и пренатрупан како овој“.

Поставен среде верски расправии и војни во 12 век, „Баудолино“ стана најпродаваниот роман со тврд повез на сите времиња во Германија и имаше комерцијален успех секаде во светот.

Критичарите беа понежни кон третиот роман на Еко, „Островот од претходниот ден“ (1994 година), во кој италијански благородник, кој не знае да плива, преживува на неговиот брод, што претрпел бродолом во една точка во тропскиот Тихи Океан, каде што датумската граница го дели едниот ден од другиот.

„Еко го напушти неговиот познат среден век да создаде екстравагантно величање на опсесијата на седумнаесеттиот век“, напиша рецензент во „Њујоркер“ (The New Yorker), алудирајќи на многуте анегдоти и објаснувања за филозофијата, политиката и суеверијата на Европа во таа доба од страна на авторот.

12Минатата есен, Хаутон Мифлин Харкорт (Houghton Mifflin Harcourt) издаде нов роман на Еко, „Нулти број“, преведен од Ричард Диксон. Приказната, поставена во 1992 година, се врти околу еден таен пишувач, кој е повлечен во подземјето на медиумските политики и заговори за убиства, со алузијата дека Мусолини не умрел во 1945 година, туку живеел во сенките со децении. „Овој тенок роман, што изгледа само како диверзија во споредба со неговите поепски дела, сепак е преполн со идеи и енергија“, напиша Џон Вилијамс во рецензијата за „Њујорк тајмс“ (The New York Times).

Еко ја прими највисоката литературна награда во Италија, Премија Стрега (Premio Strega); бил наречен Chevalier de la Légion d’Honneur (витез на Легијата на честа) од француската влада и бил почесен член на Американската академија за уметности и книжевности.

Додека продолжуваше да прави да им е непријатно на неговите научни современици со неговото прославување во поп-културата, Еко не гледаше никаква контрадикторност во неговиот двоен статус. „За себе имам мислење како за сериозен професор кој за викендите пишува романи“, рече тој.

 

Advertisements

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s