Марина Костова: „Монографија – артефакт од Македонија“

Милчо Манчевски – автор, синоним за Mакедонија, чиешто творештво на 650 страници низ дискурси на различни филмски теоретичари, историчари и филозофи, дополнето со „невидливите“ архивски материјали, остатоци од неговите дела е вкоричено во монографијата „Манчевски“. Истражувачката посветеност на авторката Марина Костова создава колосално дело, што минатата година на Саемот на книгата е наградено како оригинално издание. Монографијата „Манчевски“ е своевидно резиме на творештвото на Милчо Манчевски, што со гордост го издаде „Арс Ламина“.

IMG_2914

Од каде потребата за вакво дело? Дали новинарските текстови и записи се непрегледни од историска дистанца за вака капитални автори, па затоа изданија, сублимат на творештвото се одговор на таа слабост?

Монографијата „Манчевски“, како издавачки потфат, всушност, произлезе од титулата национален уметник за Милчо Манчевски, што носи и обврска за издавање на монографско дело. Многумина го сметаат Манчевски за еден од најоригиналните и најиновативните уметници на денешницата поради, како што вели ирскиот историчар на уметноста Конор Мекгрејди, уникатниот спој на експеримент, поетичност, емотивност и барање активно учество од гледачот во конструирање на значењето на делото. Како креативен потфат, монографијата на богат и комплексен начин го елаборира и го документира ова мислење.

Разновидни аспекти на опусот на Манчевски како филмски автор, фотограф, концептуален уметник и писател во оваа книга се истражени низ продлабочени анализи на осуммина филмски теоретичари, филозофи и историчари на уметноста. За спецификите на филмскиот израз пишува Конор Мекгрејди во „Фрагменти, слоеви и временска испрекинатост: опсервации за филмските дела на Милчо Манчевски“. Пред дождот го анализираат Ен Киби во „Теорија на сликата“, Ијан Кристи во „Бесконечна приказна“ и Сашо Александар Ламбевски во „Чувствувајќи го параноикот, шизото и депресивецот: Семиотичка анализа на емотивната архитектура на Македонија во Пред дождот“. За Прашина пишуваат Ерик Тангерстад во „Кога приказната ја крие приказната: Наративната структура на Прашина (2001) на Милчо Манчевски“ и Ирис Кронауер во „Бришење на Прашина во Венеција“. Катерина Колозова е автор на анализите „Сенки на Манчевски: Сексуалност и меланхолија“ и „За Мајки на Манчевски: Анатомија на мизогинијата“. За ликовниот опус пишуваат Конор Мекгрејди во „Време, нарација и приказ: Делото на Милчо Манчевски во перформанс и фотографија“ и Соња Абаџиева во „Концептуални практики во ликовните наративи на Милчо Манчевски“. Голема збирка архивски факсимили – продукциски белешки, сториборди, писма, лични белешки, рецензии и интервјуа – исто така е дел од книгата, со намера да фрли светлина врз процесот на работа на авторот, како и на приемот на неговото дело кај публиката и критиката.

Како ја градевте монографијата?

Градењето на монографијата всушност има три страни. Од една страна, истражување на креативната иновативност на делото на Манчевски како режисер, фотограф, концептуален уметник и писател. Од друга страна, за мене лично многу интересна, потенцирање на она што го издвојува Манчевски како автор исто колку креативната иновативност – имено, тој се издвојува и по речиси религиозната верба во делото и исклучителната подготвеност на крајна пожртвуваност заради одбрана на авторскиот интегритет од (некреативни) надворешни упади. Одбрана како морална обврска, без оглед дали од корпорациска контрола, контрола од филмски студија, продуценти, фондови, политички естаблишмент или очекувања на критиката и фестивалските директори. Таа фасцинантна пожртвуваност е карактеристична за сите фази на неговата досегашна кариера. Манчевски е роден во Македонија, но школуван е во САД и неговата кариера е главно во Њујорк и Европа. Фактот дека живее и работи на два континента, без постојана стабилна база каде било, на извесен начин го става во тешка улога на уметник надвор од системот, но и му овозможува дополнителна слобода. Како независен уметник, тој е во позиција постојано да го преиспитува системот и да се бори со оние елементи што му се закануваат на авторскиот интегритет, често по цена на исцрпувачки личен емотивен ангажман.

Од трета страна, ме интересираше испитувањето на односот на современа Македонија кон опусот на Манчевски. Имено, за Македонија опусот на Манчевски е од колосално, формативно значење. Од Пред дождот (1994) до кусиот Четврток (2013), неговите филмови освоија повеќе награди во светот и беа видени и почитувани во повеќе земји од што било создадено во Македонија. Делото на Манчевски не само што го прочу името на младата земја туку на Македонија ѝ даде и лице. Самодефинирaњето на нацијата свесно и несвесно честопати се потпираше врз опусот (и настапите) на Манчевски.

IMG_2916Сепак, прашање е дали современото македонско општество и култура, чиешто ткиво е систематски разјадено од дведецениската сурова посткомунистичка транзиција и кое просто патолошки избегнува саморефлексија, има капацитет да ја апсорбира колосалноста на опусот на Манчевски и да ја негува како трајна оставина. Изминативе 20 години има константна дихотомија во односот на Македонија кон Манчевски како уметник и интелектуалец: омилен и почитуван од публиката од една, и игнориран, напаѓан, шиканиран од културниот естаблишмент од друга страна. Токму неговото одбивање да го компромитира сопствениот авторски интегритет и подготвеноста гласно да го брани јавниот, наспроти политичкиот, партискиот, идеолошкиот интерес, се во средиштето на споменатата дихотомија и се извор на конфликтот со естаблишментот (едно поглавје во монографијата се занимава и со ова). Резултат на тоа, особено по Мајки (каде што со форензичка прецизност се открива она што е, веројатно, единствената неоспорна вистина – агресивната недоветност на државниот систем), што естаблишментот отворено го доживеа како напад и се обиде да го задуши, е фактот што звучи речиси како иронија на судбината: најпознатиот македонски уметник во светот веќе не може да работи во својата родна земја. Како што вели германската историчарка Ирис Кронауер (и авторка на биографијата на Манчевски во книгата): „Неговите четири филма досега изгледаат како комплетен опус, опус што може да се нарече македонска фаза на Манчевски – од носталгично враќање дома до отрезнувачко прашање ’Како ќе се умира, чедо?‘ Песимист би ја опишал како македонски пад во пеколот, болна конфронтација со темната страна. Оптимист би ја нарекол еманципација и извлекување од матката, болно, но катарзично ослободување од културна меѓузависност“.

Колку Манчевски имаше увид во создавањето на монографијата?

Јас ја истражувам архивата на Манчевски веќе 20 години и една фаза од тоа истражување ја завршивме во 2004-та кога излезе книгата „Дожд: Светот за Пред дождот на Милчо Манчевски“ во која беа пренесени мал дел од одгласите во светскиот печат за успехот на овој филм. Оваа монографија сега оди голем чекор понатаму, затоа што се занимава со творештвото на Манчевски во целина. Самиот Манчевски беше многу важен соработник во тој процес, беше достапен за интервјуа и консултации со авторите на есеите, како и за консултации за конципирањето на книгата, а првпат ја отвори за истражување и архивата од периодот пред „Пред дождот“. Оваа монографија се работеше над две години, со меѓународен тим соработници од три континенти и бараше многу координација и трпение, па помошта од Манчевски, од екипата автори на есеите и германскиот дизајнер Матијас Хајпел, како и од преведувачите беше скапоцена.

Од оваа дистанца, одвоени од директната поврзаност со Манчевски за создавање на вакво капитално дело, што остана незапишано?

Творештвото на авторот е жив организам и постојано расте и се развива, а исто така се зголемува и интересот и промислата за тоа творештво. Ние веќе сме подготвени за второ, дополнето издание, оти во меѓувреме излегоа неколку значајни нови есеи за филмовите на Манчевски на кои апсолутно им е место во монографијата.

IMG_2880Монографијата на минатогодишниот саем на книга ја освои наградата за оригинално издание. Што значи тоа за вас како автор?

Се израдував на наградата, исто како што се израдував на фактот дека монографијата е прифатена со голема почит и восхит и од стручната и од општата јавност и веќе има богат меѓународен живот. Имено, рецензија за книгата излезе во најреномираното австриско списание за култура и уметност „Колик филм“, а рецензија наскоро ќе излезе и на престижната онлајн-платформа за уметнички филмови „Фандор“, и тоа е редок пример македонско издание да биде рецензирано во странство. Исто така, книгата е веќе дел од колекциите на Британскиот филмски институт (БФИ) во Лондон, на Холандската кралска библиотека, на холандскиот Институт за филм (ЕУЕ) и Институтот „Бингерлаб“ и на Универзитетот во Чикаго. Ја има и во најдобрата книжарница во Њујорк, „Сент Маркс букшоп“, а и во книжарницата на Македонскиот филмски фестивал во Торонто.

Монографијата е артефакт од Македонија оти Милчо Манчевски е најпознатиот културен бренд од Македонија, па за земјата е од исклучително културно значење оваа книга да се најде во колекциите на најпознатите кинотеки, библиотеки и научни институции во светот. Со вклучувањето во нивните колекции, книгата се заведува во нивните регистри и каталози, и аналогни и дигитални, и со тоа овој македонски артефакт станува достапен како референција за понатамошно истражување низ целиот свет.

Advertisements