Новоназначениот управник за чистење септички јами во секторот Б во Совето никогаш немаше шанса да оди на училиште. Причината лежеше во тоа што мајка ù имаше други приоритети, но исто така бидејќи девојчето од толку многу земји нашло да се роди во Јужна Африка; згора на тоа, беше родено во почeтокот на 60-тите, кога политичките лидери беа на ставот дека децата како Номбеко не се сметаат. Тогашниот премиер си создаде име со изјавување реторички прашања зошто црнците да оделе на училиште кога не ги бидувало за ништо освен за носење дрва и вода.
Во суштина, не беше во право, бидејќи Номбеко носеше гомна, а не дрва или вода. Затоа немаше причина некој да помисли дека ситното девојче ќе прерасне да се дружи со кралеви и претседатели. Или да им влева страв на нациите. Или да влијае врз развојот на светот во глобала.
Ако, всушност, не беше таква личност каква што беше. Ама, нормално, ете, беше. Покрај сè друго, таа беше и трудољубиво дете. Дури и како петгодишник носеше клозетски буриња, кои беа големи колку неа. Со празнење на клозетските буриња ја заработуваше точната сума пари што ù требаа на мајка ù за да ја замоли ќерка си да купува шише разредувач секој ден. Мајка ù го земаше шишето и кажуваше: „Благодарам, мамино“, го одвртуваше капачето и почнуваше да ја смирува бескрајната болка што доаѓаше со неможноста да обезбеди иднина за своето дете. Таткото на Номбеко не се најде во близина на својата ќерка од дваесет минути по зачнувањето.
Како што Номбеко растеше, така можеше да испразнува повеќе клозетски буриња секој ден и парите достасуваа за повеќе отколку само за разредувач. Така што мајка ù можеше да го надополнува растворувачот со апчиња и алкохол. Но девојчето, кое сфати дека работите не можат повеќе да продолжат така, ù рече на мајка си дека мора да избере помеѓу откажување и умирање.
Мајка ù кимна дека ја разбира.
На погребот се насобра мноштво народ. Тогаш имаше многумина луѓе во Совето што беа посветени исклучително на две работи: бавно самоубивање и последно испраќање на оние што штотуку успеале во таквите напори. Мајката на Номбеко почина кога девојчето имаше десет години а татко ù, како што споменавме претходно, никаде го немаше. Девојчето подразмисли дали да преземе оттаму каде што мајка ù остави: да си изгради траен хемиски ѕид против реалноста. Но, кога ја прими првата плата по смртта на мајка си, одлучи да си купи нешто за јадење. А кога си го засити гладот, се ококори околу себе и рече: „Што правам тука?“.
Во исто време сфати дека немаше други можности при рака. Десетгодишните неписмени деца не беа примарни кандидати на јужноафриканскиот пазар на работна сила. Ниту секундарни. А во овој дел на Совето немаше пазар на работна сила, ниту, пак, едночудо работоспособни луѓе.
Но дури и најбедните луѓе на Земјата си ги празнат цревата, така што на Номбеко ù остана само еден начин да заработи за корка леб. А штом мајка ù беше почината и погребана, таа можеше платата да си ја задржува за себе.
За да тепа време додека влечеше буриња, почна да ги брои уште од петгодишна возраст: „Едно, две, три, четири, пет…“.
Како што созреваше така си задаваше потешки вежби за постојано да ù претставуваат предизвик: „Петнаесет буриња по три пати влечење по седуммина носачи, и уште еден што само си седи и ништо не работи оти е дрво пијан… е… триста и петнаесет“.
Мајката на Номбеко не забележуваше многу околу себе, освен шишето разредувач, но, сепак, беше открила дека ќерка ù ја бидува за собирање и одземање. Затоа, во текот на последната година од животот ја тераше да ја поделува секоја пратка таблети со различни бои и јачина низ колибите. Шише разредувач е само шише разредувач. Ама кога апчиња од 50, 100, 250 и 500 милиграми мора да се разделат според желбите и финансиската способност, важно е да се знае разликата меѓу четирите вида аритметика. А десетгодишното девојче ја знаеше. И тоа добро.
Можеше да се случи, на пример, да се најде во близина на својот шеф додека тој се мачеше да ги собере месечната тежина и паричниот износ.
„Значи, деведесет и пет по деведесет и два“, промрмори шефот. „Каде е сметачот?“
„Осум илјади седумстотини и четириесет“, рече Номбеко. „Место тоа, помогни ми да го најдам, девојче.“ „Осум илјади, седумстотини и четириесет“, повтори Номбеко. „Што велиш?“
„Деведесет и пет по деведесет и два е осум илјади седумстот –“ „А од каде знаеш?“ „Е па, мислам како деведесет и пет е сто минус пет, а деведесет и два е сто минус осум. Ако го пресметаш обратно и скратиш, тоа е вкупно осумдесет и седум. А пет по осум е четириесет. Осумдесет и седум и четириесет. Осум илјади седумстотини и четириесет.“
„Зошто размислуваш така?“ рече вџашениот управник. „Не знам“, рече Номбеко. „Може ли сега да се вратиме на работа?“ Од тој ден, неа ја унапредија во помошничка на управникот. Но со текот на времето, неписмената што умееше да брои сè повеќе и повеќе чувствуваше фрустрации, бидејќи не можеше да разбере што врховните моќници во Јоханесбург пишуваа во сите тие декрети што пристигнуваа врз бирото на управникот. И на самиот управник тешко му одеше со зборовите. Пелтечејќи се пробиваше низ секој текст на африкански, во исто време листајќи го англискиот речник за барем неразбирливите букви да ги види на јазик што го разбираше.
„Што сакаат овој пат?“ знаеше Номбеко да праша.
„Од нас, поубаво да ги полниме вреќите“, рече управникот. „Мислам. Или дека имаат намера да затворат некоја од санитарните станици. Малку е нејасно.“
Управникот воздивна. Помошничката не можеше да му помогне. Па и таа воздивна.
Но, тогаш им се насмевна среќата: на тринаесетгодишната Номбеко ù упадна еден ласкав маж во тушевите од соблекувалната на чистачите на септички јами. Ласкавиот човек не стигна далеку оти девојката успеа да го предомисли со тоа што му заби пар ножици во бутот.
Утредента таа го пронајде човекот на другата страна од редицата јавни клозети во сектор Б. Седеше на еден стол за кампување пред својата колиба исфарбана во зелено, а бутот му беше замотан во завои. Во скутот имаше… книги?
„Што сакаш?“ праша тој.
„Чинам дека вчера ги оставив ножиците во твојот бут, чичко, и дојдов да си ги земам.“
„Ги фрлив“, рече човекот.
„Е па ми должиш ножици“, рече девојчето. „Како тоа знаеш да читаш?“