Рецензија: „4 Пријатели онлајн!“

Детскиот роман „Четири пријатели онлајн!“ од авторката Каролина Каприја е одлично четиво за сите читатели кои се соочуваат со чувствителната пубертетска и тинејџерска возраст. Во романот се појавуваат четири главни лика, три момчиња и едно девојче, кои раскажуваат случки од нивното секојдневие кога се среќаваат на чет. Така, преку личното раскажување доаѓа до израз колоритноста на комуникацијата меѓу нив затоа што кога се на чет, заштитени со анонимноста и затскриениот идентитет преку „никнејм“, тие успеваат полесно да се отворат и да ги споделат сомнежите, стравовите, несигурностите и исповедите што во живо не би успеале никогаш да ги изразат.

Има еден момент на прекин на комуникацијата меѓу нив, кога решаваат да се сретнат во живо и го откриваат својот идентитет. Тоа е момент во кој се чувствуваат на некој начин предадени, во кој длабоко се срамат што си го отвориле срцето, бидејќи, всушност, излегува дека се познавале во реалниот живот, но без некое позитивно мислење еден за друг. Четот и вистинскиот свет се две различни работи, но ако си пријател „онлајн“ како да не бидеш пријател и кога си „офлајн“, така што се случува нешто прекрасно: овие четворица успеваат да станат пријатели и во живо. Се напрегаат малку, но потоа сфаќаат дека пријателството нема пречки.

Убавината на оваа книга е и во тоа што читателите лесно можат да се идентификуваат со главните ликови или, пак, да научат дека секој од нас има сопствен живот, различни размислувања и начини како да се справиме со сите предизвици. На пример, на Џанлука, за жал, му починала мајката, а татко му никогаш не зборува за неа. И тогаш тој реагира на малку бунтовнички начин, на училиште не му оди најдобро, но во спортот е одличен. Елизабета е малку поразлично девојче од другите: игра фудбал, не ѝ се допаѓаат работите што се премногу „џиџи-миџи“, се облекува со широки маици и машки панталони, косата ретко кога ѝ е средена. Но, во себе чувствува дека сака малку да личи на другите девојчиња. Марко сака самиот да ги открие работите, се обидува сам да ги решава проблемите, многу е љубопитен за науката и понекогаш го задеваат поради ова.

Ова дело исто така третира и уште една мошне актуелна тема поврзана со родовата еднаквост. Всушност, главните ликови се среќаваат преку форум на еден спортски клуб, бидејќи сите, дури и Елизабета, играат фудбал во мешаната екипа на нивното училиште, но во книгата никогаш не се подвлекува дека станува збор за „мешана“ екипа. Едноставно, се работи за фудбалска екипа, пријатели што спортуваат заедно. Мошне позитивно е од страна на авторката тоа што се задржува на фактот дека спортот нема пол.

Добро структурирана, нежна и длабока во повеќе слоеви, книгата е соодветна за читатели од десетгодишна возраст и нагоре.

Автор: Надица Фирфова

4-prijateli-online-700x330

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.