Извадок: „Сплеткарот Купидон“ од Џина Ардито

„Ми треба маж. Веднаш.“

Виви Максвел го крена погледот над компјутерот за ноншалантно да ја изгледа жената којашто стоеше пред нејзиниот дел од рецепцијата. Говорителката ја беше начнала четириесетката, одлично се држеше за возраста, носеше прилепена блуза во крем-боја и темносиви панталони. Виви беше видела сличен комплет во продавницата Мајкл Корс што се продаваше за отприлика шестотини долари. Сепак, нејзиниот не беше евтина стока за обични луѓе. Нејзиниот беше оригинал, скроен да ù легне на самовилски витката снага и надарените цицки. Златно шатираните прамени од сребреникаво русата коса од измазнетата надградувана машка фризура ù сјаеја до рамењата. Ја беше наметнала пелерината од сребрена лисица – вистинска – преку свитканата рака со таква безгрижност и самодоверба што само вистинските богаташи можеа да ја изведат.

Како основач и шеф на Купидон по порачка, Виви ги читаше луѓето како буквар. Од тропкањето на своите Кејт Спејдс до начинот на кој си поигруваше со сафирниот и дијамантски свечен прстен ставен на еден од совршено маникираните прсти, секој гест на новодојденката врескаше „очај“. Скап очај. Анализава ù ги заскокотка спомените на Вики. Женава од некаде ù беше позната. Ама, сепак, од премногу читање на озборувачките рубрики во њурошките весници, најголемиот дел од разлигавените богати живи лешови наликуваа една на друга. Ни на крај памет не можеше да претпостави кога на некоја ќе ù затребаа нејзините услуги. Како, на пример, денес.

Рипна и се упати кон вратата помеѓу канцеларијата и фоајето. Потенцијалната златна кокошка си бараше највисоко внимание. „Зошто не влезеш в канцеларија за насамо да си поразговараме?“

Жената, стројна како мотовило и исто толку кршлива, ја измерка Виви од глава до петици со завидливо око. „Вие сте Купидон?“

„Па може така да се каже.“ Виви се насмевна. Појавата во телевизиските спотови за нејзината невообичаена агенција за придружба ù предизвика трема, ама од компанијата за рекламирање ù рекоа дека со ставањето лице на „Купидон“ ќе се зголеми бројот на потенцијални муштерии. Сега, сите – од комшиите во зградата до дуќанџијата удолу улицата – ја ословуваа со Купидон. Лицето ù стана подвижна реклама – најдобрата инвестиција во нејзината компанија досега. Ù подаде рака на жената. „Инаку позната како Виви Максвел. А вие сте…?“

Жената ја изигнорира подадената рака. „Муштерика која очекува стопроцентна дискретност од вас и од вашите вработени.“ Прострелувајќи ја Сара со остар поглед, се проврцка покрај рецепцијата и поита право кон канцеларијата на Виви.

„Секако,“ одговори. „Сара, може да одиш на пауза за ручек.“

Сара ја ѕирна низ црните рамки од квадратестите очила со сомнеж на набраното чело. „Сигурна си?“

„Апсолутно.“ Потенцијалната клиентка сакаше доверливост, така што таа ќе стореше сè што беше во нејзината моќ за да ù угоди. Откако Сара си ја дрпна чантата од фиоката во бирото, Виви се врати в канцеларија. Штом влезе, ја затвори вратата, вдиши долго и длабоко пред да седне во својата кожена фотелја на бирото од ореово дрво на својот партнер. Го посочи тапацираниот дрвен стол спроти себе. „Повели, седни.“

Жената го изгледа столот со одвратност во погледот пред да ù одговори: „Не, благодарам. Ќе стојам.“

Нека ù биде. Ако мебелот не ù одговара на татината принцеза, нека си стои истопорена на облакодерските потпетици сè додека не ја фати грч во потколениците. „Како сакате. Кажете што ве донесе во Купидон по порачка.“

„Бившиот сопруг.“ Зајадливата горчина на тие зборови ги спржи ѕидовите околу нив. „По дваесет години брак, доаѓа дома и ми вели дека ме остава поради извршната асистентка.“ Потсмевајќи се, си кршеше по еден прст на секој слог додека ги изговараше последните два збора. „Нека си го земе. Во последните пет години не му се дигаше без помош на другата негова извршна асистентка, вијаграта.“

Да добиваше по една скршена пара секогаш кога ја слушаше таа приказна, Виви сега самата ќе носеше по мерка шиен Мајкл Корс комплет и Кејт Спејд штикли.

Сепак, ги ококори очите божем реагира шокирано и сочувствително кимна, гест којшто на жртвите на прељуба секогаш им беше потребен. Ги прекрсти рацете на бирото и влезе во бизнис фазон. „Во право ли сум ако претпоставам дека сте присилени да присуствувате на некаква отмена забава на која и тој ќе присуствува и вам ви треба извајан фраер да ве придружува на тој настан, од кого на сите ќе им истечат лигите?“

„Не.“

Виви трепна. Обично умееше правилно да ги прочита своите клиенти. „Не?“

„Ми треба некој за цела зимска сезона. Од сега па до крајот на март. Имам преполн распоред со празнични и друштвени настани на кои не смеам да бидам видена без придружба. И имам наумено мошне специфичен тип на маж.“

„Не се сомневам, но четири и пол месечен ангажман е многу невообичаено во нашава работа.“ Всушност, шансите за таков долготраен период беа рамни речиси на нула. Ех, ќе се најдеше некој, но расположливиот асортиман на потенцијални фраери значително ù се намали поради временските ограничувања, закажаните средби и други обврски.

„Знам дека е невообичаено,“ возврати кремката, „ама ако ми го најдете вистинскиот маж и ако ми ветите стопроцентна дискреција, подготвена сум дебело да ви платам за вашите услуги.“

„Ви гарантирам, г-ѓо…?“

„Банерман. Или, поточно, наскоро бивша г-ѓа Банерман.“

Виви за малку не си го голтна јазикот. Ева Федерстон Банерман. Господи боже. Во почетокот на деведесеттите, Ева Федерстон беше запрена во кариерата на супермодел кога го сретна Сесил Банерман, њујоршки финансиер и потомок на една од најстарите банкарски фамилии во земјата. Од причина што „во последните триста години ниту една од жените на Банерманови никогаш не работела надвор од сопствениот дом“, Сесил настојуваше Ева да се откаже од модните писти и да ги одбие вносните договори за козметика за да почне како членка на локалното женско добротворно здружение и новодојденец во круговите на маж ù.

Advertisements

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s