Извадок: „Пандемониум“ од Лорен Оливер

На почекот има оган.

Оган во нозете и во дробовите; оган ги разјадува секоја жиличка и секоја клетка од моето тело. Токму така повторно се родив, во болка: Се кревам од задушувачките пламен и од темнината. Присилно се туркам во влажна темнина на чудни звуци и мириси.

Трчам, па кога ќе се заморам малку кривам, па кога и тоа нема да можам, лазам педа по педа, ги забивам ноктите в земја, како некое црвче кое лази во обрасната вегетација на оваа нова чудна дивина.

И при повторното раѓање крвавам.

Не сум сигурна колку долго сум патувала во Дивината и колку сум навлегла во шумата, кога – забележувам дека сум ранета. Барем еден од регулаторите ме поткачил додека се качував по оградата. Куршум ме погодил странично под пазувата и маицата е натопена со крв. Сепак, имам среќа. Раната не е длабока, а сепак глетката на крв и на парчето откината кожа прави сè да изгледа реално: новово место, монструозната огромна шума насекаде, сè што се случи, сè што оставив зад себе.

Сè што ми беше одземено.

Празен ми е стомакот, а сепак повраќам. Искашлувам воздух и исплукувам жолтило на мазните, светликави листови насекаде околу мене. Птиците над мене црцорат. Едно животно кое се приближува да провери, наеднаш се тргнува назад во џунглата.

Мисли, мисли. Алекс. Мисли како Алекс би постапил. Алекс е тука, до мене. Замисли си. Ја соблекувам кошулата, ги кинам рабовите и цврсто ги престегнувам градите и ја обвиткувам раната за да го запрам крвавењето. Немам претстава каде сум, ниту каде одам. Единствената мисла во главата ми е да се движам, да продолжам понатаму, сè подлабоко и подлабоко, далеку од оградите и од светот на кучињата и пиштолите и…

Алекс.
Не. Алекс е до тебе. Мораш да си замислуваш.
Чекор по чекор, се борам со трњето, со пчелите, комарците; зад мене пукаат големи густи гранки; облаци од мушички, магла надвисната во воздухот. Наеднаш стигнувам до некаква река: толку сум премалена што безмалку ме носи струја. Ноќно време, истура дожд, остро и ладно: седам стуткана под стеблото на еден огромен даб, додека околу мене вреват, бревтаат и тропотат невидливи животни во темнината. Премногу ми е страв за да спијам; ако заспијам, ќе умрам.

Новата Лена не е родена наеднаш.
Чекор по чекор – а потоа, педа по педа.
Со лазење, со стомакот припиен во правот,устата полна со чад.
Нокот по нокот, како црвче.
Така таа пристигнува на овој свет, новата Лена.
Кога немам сила да се движам понатаму, дури ниту педа напред, се допирам со главата на земја и чекам да умрам. Премногу сум изморена за да бидам исплашена. Над мене црнило и насекаде околу мене црнило, а звуците на шумата се како симфонија што ќе ме оттргне од овој свет. Веќе сум на својот погреб. Спуштена сум во тесно, темно место, и тетка Керол е таму и Хана и мајка ми со сестра ми, дури и татко ми кој одамна е починат. Сите го гледаат моето тело како слегува во гробот и пеат.

Се наоѓам во мрачен тунел исполнет со магла и не ми е страв.

Алекс ме чека од другата страна; Алекс исправен, насмеан, облеан со сончева светлина. Алекс ги подава рацете накај мене и ме повикува – Ваму. Ваму.

Разбуди се.
„Еј. Разбуди се. Ајде, ајде, ајде.“

Гласот ме враќа назад од тунелот и еден момент сум ужасно разочарана кога ги отворам очите и не го гледам лицето на Алекс, туку на некој друг, остро и непознато; не можам да мислам; целиот свет е распукан. Црна коса, нагласен нос, светлозелени очи – парчиња од сложувалка што не ми се вклопуваат.

„Ајде, така, следи ме. Боро, аман, каде е водата?“

Чувствувам рака под вратот и, наеднаш, спас. Чувство на мраз и течност како се лизгаат: вода ми ги облева устата, грлото, брадата, ги трга правот, вкусот на чад. Првин кашлам, ми залетнува, само што не почнувам да плачам. Потоа голтнувам и проголтувам, а раката е уште под мојот врат и гласот продолжува да ме охрабрува со шепот. „Така. Пиј колку можеш, слободно. Сега си добро. Сега си на сигурно.“

Црна коса, пуштена, шатор околу мене: жена. Поточно, девојка – девојка со тенка, стегната уста, бразди околу очите и раце рапави како четка, а големи како лопати. Си мислам: Ти благодарам. Си мислам: Мајко.

„На сигурно си. Не грижи се. Добро си.“

На крајот на краиштата, така се раѓаат бебиња: туѓи раце им се колепка, цицаат прст, беспомошни се. Потоа пак ме обзема треска. Во ретки мигови се будам, а впечатоците ми се неповрзани. Нови раце и нови гласови; ме поткреваат; над мене калеидоскоп од зелени и испрекинати фигури на небото. Подоцна се чувствува мирис на оган и нешто студено и влажно ми ја допира кожата, чад и тивки гласови, силна болка од раната, а потоа повторно мраз, олеснување. Нешто пријатно ми се спушта по нозете.

Во меѓупросторот се соништата поразлични од сите други што сум ги имала претходно. Полни се со експлозија и насилство: соништа за кожа како се топи и јагленосани костури како се распаѓаат во црни парчиња.

Алекс не ми доаѓа веќе. Отиде пред мене и исчезна зад тунелот.

Кога и да се разбудам, таа е тука, црнокосата девојка, и ми дава да пијам вода или ми става ладна крпа на челото. Рацете ù мирисаат на чад и на кедар.

А, зад сето тоа, зад ритамот на моите будење и дремење, треска и грозница, се зборовите што ги повторува, пак и пак, и така се вткајуваат во моите соништа, ја истуркуваат темнината, ме пот- креваат од пропаѓањето: На сигурно. На сигурно. На сигурно. Сега си на сигурно.

Advertisements

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s