Извадок: „Ту“ од Патриша Грејс

31 јуни 1943 година

Заминав од Папакура со воз во осум часот синоќа и пристигнав во Велингтон утрово и видов дека семејството ме чекаше на пристаништето за да ме испрати. Се изненадив кога ја видов Мама таму. Си го стори своето со тоа што ми кажа дека не дошла зашто ми простила, туку зашто сум ù син кого, веројатно, веќе никогаш нема да го види. Малку се почувствував виновно отпрвин.

И други дошле, освен Мама и сестрите. Беше Ани Роуз и пријателите од клубот – како и некои родини од дома заедно со Вујко Џу – што носеа секакви пакети, кои ни ги натрупаа на Чок, Типу и на мене. Иако беше убаво што ги видов, не можев да дочекам да се качам на бродот.

Конечно, нè однесоа на пристаништето каде што почнавме да се качуваме, ама зашто немаше шанси да ги носам сите пакети што ми ги натрупаа пријателите и роднините, морав да раздадам некои од нив. Кога, конечно, се качив, си најдов убава положба кај оградата на палубата и можев оттаму да ги гледам роднините и пријателите меѓу сите што гледаа нагоре. Толку бевме притиснати едендодруг што прво не можеа да ме видат. Си ја извадив цедалката за лимони, па мавтав лево – десно за да ме забележат па, конечно, успеаја да ме видат и фатија да мавтаат. Уште малку и веќе имаше вода што нè одделуваше од копното. Ама ми олесни.

На самрак ги поминавме светилниците и останав на палубата сè дури не исчезнаа светилките на Велингтон. Убаво разгледав насекаде пред да се решам да си легнам и да ги начкрабам овие неколку белешки.

Не жалам за ништо.

1 јули

Го гледавме крајбрежјето на Нов Зеланд поголемиот дел од денот. Веројатно можевме да го видиме југот на Јужниот Остров. Денес попладне бродот почна малку да се ниша и Чок рече дека цревата му се превртуваат. Сега одиме кон запад и околу 7 наутро веќе не го гледавме Нов Зеланд. Некои од момците не беа баш среќни што за кратко, за последен пат си ја гледаат земјата, но јас бев возбуден што, конечно, тргнавме на пат.

До неодамна бев ученик што учествуваше во атлетски шампионати, прво трчав бос во спринтот на педесет метри. Трчав, иако откако ја скинав победничката лента. Трчав преку железните порти и право во војната.

2.

Добро спиев и се навикнувам на животот на море. Времето добро се држи, иако нишањето беше посилно преку ден, па на некои момци им се слоши. Бев на миса. Многу непријатно е да држиш рамнотежа во толку стеснет простор, а бродот толку се мрда – особено кога клечиш – ама барем си го завршив своето. Уште одиме кон северозапад.

3.

Убавото време продолжи и одиме во иста насока. Бродот почна да смрди на повраќаници зашто на многу момци им се слоши од движењето. Не сакале да си ги испоганат кабините, па исполегнале по палубата и се нишаат на неа во повраќаниците. Со Типу го потпревме Чок на оградата и му фрливме две кофи вода. Му беше поарно потоа. Излеговме и го најдовме Руби и го направивме истото.

Кога првин стигнав во касарната видов дека Чок и Типу веќе беа таму. Не сум ги видел овие роднини од дома уште откако се преселија од нашата планина пред неколку години. Руби им е пријател од Таихапе.

Се привикнуваме на дневната рутина. Нема обуки или вежби досега, ама затоа имавме предавања. Всушност, многу здодевно. Како и да е, попладне ни дадоа двесте цигари од фондот на кантината. Решив да почнам да пушам.

4.

Денес се чувствувам болежливо, не од морската болест, туку од многу пушење. Сепак, решив да издржам зашто не сакам да престанам со пушењево, па си легнав на чисто место на палубата за да се спротивставам на гадењето и продолжив да пувкам. Мислам дека сфаќам како треба.

Видовме копно и уште еден брод попладнево, што малку ме заинтересира. Поминавме преку Басовиот Проток (мислам) и пак го напуштивме копното.

Не можев да јадам јајца.

5.

Претпоставувам дека го поминуваме Големиот Австралиски Залив и видовме копно во далечината. Големо јато китови-плискавци правеа секакви егзибиции пред страната на бродот утрово, скокаа и се нурнуваа заедно. Одвреме-навреме се тргнуваа, па можевме да ја видиме водата како се превира, а тие беа подалеку. По некое време ќе се вратеа, пливаа под површината, за пак да почнат со играта.

Водата сега е помирна, а небото прилично топло. Многу е топло во собите, па неколкумина спиевме на палубата.

6.

Поминувавме околу шестотини и педесет километри на ден, откако го напуштивме Нов Зеланд. Немаше што друго да гледаме освен вода. Сепак, се занимававме со тоа што се подготвувавме за концерт (ние, Маорите), кој го изведовме рано вечерва. Изведовме некои од нашите клупски песни заедно со хаката „Утаина“ и имаше две или три соло-точки. Една група момчиња, сите браќа и братучеди од Тауранга, испеаја цел ред нумери од групата „Инк спотс“: „It’s a Sin to Tell a Lie“, „My Prayer“, „Prisoner to Love“ и „When the Swallows Come Back to Capistrano“. Пееја без придружба и звучеа исто толку добро колку и вистинските „Инк спотс“. Концертот беше краток, ама се забавуваме и имавме добра публика.

7.

Нема што да кажам освен дека нè престигна еден придружен крстосувач. Барем имавме што да гледаме, иако се надевавме дека ќе видиме копно. Го гледавме крстосувачот еден час или нешто подолго, па ги извадивме укулелињата. Еден роднина од Опунаке – го викаме Шверцерот – стоеше на глава и си свиреше на укулелето додека пееше песна без зборови. Големата уста како да му беше превртена, а месестите усни му се отвораа и затвораа додека ги имитираше зборовите на „In the Shade of the Old Apple Tree“. Тешка работа. Трап труп. Многу музика, многу потпевнување. Многу смеење. Треба да стигнеме до Фримантл до утре.

8.

Појдовме кон пристаништето Фримантл утрово, речиси очекував да нè распуштат, ама се разочарав. Подоцна попладнево сите отидовме на брегот и марширавме во градот. Градот е многу стар и продавниците беа запечатени, со што местото изгледаше запуштено, ама луѓето пријатно нè пречекаа. Отидовме на брегот на кратко пред да се вратиме на бродот. Се надевам дека утре ќе ми дадат излез.

Advertisements

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s