Извадок: „Делириум“ од Лорен Оливер

Поминаа шеесет и четири години откако претседателот и Конзорциумот ја прогласија љубовта за болест и четириесет и три откако научниците пронајдоа лек. Сите во мојата фамилија веќе ја имаа поминато интервенцијата. Рејчел, мојата постара сестра, се беше ослободила од болеста веќе девет години. Таа е толку долго имуна на љубовта, што вели дека не може ни да се сети на нејзините симптоми. Мојата интервенција е закажана за точно деведесет и пет дена, на трети септември. Мојот роденден.

Многу луѓе се плашат од интервенцијата. Некои луѓе дури и се противат. Но, јас не се плашам. Едвај чекам. Да можев ќе ја направев уште утре, но мораш да имаш осумнаесет години, понекогаш и повеќе, за научниците да можат да те излечат.

Инаку, интервенцијата нема да испадне како што треба: На луѓето им се оштетуваат мозоците, добиваат делумна парализа, слепило или и полошо.

Не би сакала да размислувам на тоа дека сè уште шетам наоколу со болеста во мојата крв. Се колнам, понекогаш можам да ја почувствувам како ми се грчи низ вените како да е нешто расипано, како скиселено млеко. Прави да се чувствувам гнасно. Ме потсетува на децата кои беснеат. Ме потсетува на отпорноста, на заболените девојки кои со ноктите гребат по плочникот, си ги кубат косите, а од устите им капе плунка. И, секако, ме потсетува на мајка ми.

По интервенцијата ќе бидам среќна и безбедна засекогаш. Така велат сите, научниците и сестра ми и тетка Керол. Ќе заврши интервенцијата и ќе ме спарат со момчето кое ќе ми го одредат проценителите. За неколку години ќе се земеме. Во последно време почнав да ја сонувам мојата свадба. Во соништата стојам во бело со цветови во косата. Држам некого за раце, но кога и да се завртам за да погледнам во него неговото лице се заматува, како фото-апарат што губи фокус, и не можам да распознам никакви црти. Но, неговите дланки се ладни и суви, а срцето ми бие рамно – и во сонот знам дека секогаш ќе ми бие во тој ист ритам, без да прескокне или да потскокне или да се збуни или да забрза, само туп, туп, туп, сè додека не умрам.

Безбедна и ослободена од болка.

Нештата не беа секогаш така добри како што се сега. На училиште научивме дека во старата доба, во мрачната доба, луѓето не сфаќале колку опасна болест е љубовта.

Долго време додека ја гледале како нешто добро, нешто што вреди да се слави и да се бара. Се разбира дека тоа е една од причините поради кои е толку опасна: Така влијае врз мозокот што не може да се мисли јасно или да се носат рационални одлуки за свое добро. (Тоа е дванаесеттиот симптом, како што стои во делот за амор делириа нервоса во дванаесеттото издание на Прирачникот за сигурност, среќа и здравје или книгата ПССТ, како што ние ја нарекуваме.) Наместо тоа, луѓето тогаш имале други болести – стрес, болест на срцето, анксиозност, депресија, хипертензија, несоница, биполарно растројство – без да сфатат дека тие всушност биле само симптоми што во најголемиот број од случаите можат да се должат на ефектите на амор делириа нервоса.

Секако дека ние во Америка не сме целосно ослободени од делириумот. Сè додека не се усоврши интервенцијата, сè додека таа не е безбедна за помладите од осумнаесет години, нема да бидеме целосно заштитени. Таа сè уште се мотка околу нас со невидливи, долги пипала, нè задушува. Сум видела безброј нелекувани како ги влечат за интервенција, толку здробени и опустошени од љубовта што попрво би си ги откорнале очите или би се обиделе да се набодат на оградата од бодликава жица пред лабораторијата, отколку да останат без неа.

Пред неколку години, на денот на нејзината интервенција, една девојка успеа да се ослободи од синџирите и да отиде на покривот од лабораторијата. Брзо потоа таа се струполи, без да вика. Наредните неколку денови на телевизија ја прикажуваа сликата од лицето на мртвата девојка за да нè потсетат на опасностите од делириумот. Нејзините очи беа отворени, а вратот и беше прекршен под неприроден агол, но според тоа како нејзиниот образ се потпираше на покривот би можело да се помисли дека легнала да дремне. За чудо, имаше особено малку крв – само мала темна капка во аголот на нејзината уста.

Уште деведесет и пет дена и ќе бидам безбедна. Нервозна сум, тоа секако. Се прашувам дали ќе боли интервенцијата. Сакам да завршам со тоа. Тешко е да се биде трпелив.

Тешко е да не се плашиш додека не си излекуван, иако досега делириумот сè уште не ме допрел.

Сепак, се грижам. Се вели дека во старата доба, љубовта ги доведувала луѓето до лудило.

Тоа е доволно лошо. Во книгата ПССТ има и приказни за оние што умреле поради изгубена љубов или затоа што никогаш не ја пронашле, а тоа ме плаши најмногу. Најсмртоносното од сите страшни нешта: Те убива и кога ја имаш и кога ја немаш.

Advertisements

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s