Извадок: „Нека снежи“ од Џон Грин, Лорин Миракл и Морин Џонсон

Но, морав да зборувам со некоја или барем така да изгледа. „Како лавови кога ловат газели“, реков додека упорно го гледав јатото. „Само пронаоѓаш некоја што заостанува и“, ситна русокоса девојка се одвои од групата, „напаѓаш“, реков додека скокав од столот.

Ù пријдов со намера. „Јас сум Тобин“, реков, подавајќи ја раката. „Амбер“, рече таа.
„Прекрасно име“, реков јас.
Таа кимна, а очите ù прошараа наоколу. Сакаше да најде излез, но сè уште не можев да ù го дадам. Пребарував некое прашање. „Аа, има некоја вест за статусот на вашиот воз?“ прашав.

„Возот може да не тргне дури ни утре“, ме информираше таа.

„Да, штета“, реков, насмевнувајќи се. Погледнав набрзина преку рамо во Били и Дјук, само што неа ја немаше. Пржените кнедли сè уште испаруваа; беше ставила кечап на страната од чинијата за да ги мака во него, како што секогаш правеше, но потоа си отишла. Ја оставив Амбер и му пријдов на Били.

„Отиде надвор“, едноставно рече тој.

Кој при здрав памет би одел надвор кога пржените кнедли и четиринаесетте навивачки беа внатре?

Ја грабнав капата од шанкот, ја спуштив над ушите, повторно ги ставив ракавиците и се осмелив да се вратам назад на ветерот. Дјук седеше на рабникот од паркингот, едвај под натстрешницата, полузаштитена од снегот што сè уште паѓаше.

Седнав покрај неа. „Го пропушти синузитот?“

Таа шмркна и не погледна кон мене. „Само врати се внатре“, рече таа. „Не е ништо страшно.“

„Што не е ништо страшно?“
„Ништо не е ништо страшно. Само врати се внатре.“ „Ништо не е ништо страшно“ би било добро име за бенд.

Сакав да ме погледне за да можам да ја проценам ситуацијата и таа конечно ме погледна, носот ù беше црвен и мислев дека ù студи, но тогаш помислив дека можеби плачела, што беше чудно, бидејќи Дјук не плаче.

„Само… само би сакала да не го правиш тоа пред мене. Мислам, што е толку интересно во врска со неа? Сериозно, кажи ми што има толку интересно во неа. Или во која било од нив.“

„Не знам“, реков. „Ти зборуваше со Били Талос.“

Таа повторно ме погледна, овој пат го држеше погледот на мене додека зборуваше. „Му кажував на Били дека мислам оти нема да можам да одам со него на глупавата игранка, затоа што не можам да се натерам себеси да не ми се допаѓа некој друг.“

Идејата полека се прикраде до мене. Се свртив кон неа и таа рече: „Сфатив дека тие се кикотат, а јас всушност се смеам, дека тие го покажуваат деколтето, а јас немам што да покажам, ама ете, колку да знаеш, и јас сум девојка“.

„Знам дека си девојка“, реков, бранејќи се.

„Навистина? Зар некој знае? Затоа што влегувам во ‘В и В’ и јас сум војвода. И јас сум еден од тројцата мудреци. И геј е да мислиш дека Џејмс Бонд е секси. И никогаш не ме гледаш како што ги гледаш другите девојки, освен… како и да е. Како и да е, како и да е, како и да е. Кога доаѓавме наваму, токму пред близнаците, за момент помислив дека ме гледаше како да сум навистина женско и помислив – еј можеби Тобин и не е најголемиот површен кретен на светот, но потоа ти одиш, јас раскинувам со Били, ја кревам главата и ти зборуваш со некоја девојка, како што никогаш не си зборувал со мене и како и да е.“

И тогаш, со задоцнување, сфатив. Она што се обидував да го одмислам беше нешто што Дјук го беше помислила исто така. На Дјук ù се допаѓав. Погледнав надолу, морав да го размислам тоа пред да ја погледнам неа. Во ред. Во ред, ќе погледнам во неа и ако таа гледа во мене, ќе ја погледнам добро уште еднаш, а потоа повторно ќе погледнам надолу и повторно ќе преиспитам. Еден поглед. Ја погледнав. Главата ù беше накривена накај мене, очите не ù трепкаа и ги содржеа сите бои. Ги вшмука своите испукани усни во устата, а потоа ги пушти, еден прамен коса ù излегуваше од капата, носот ù беше розово-црвен и шмркна. И не сакав да престанам да ја гледам, но конечно престанав. Погледнав надолу кон моите стапала на снежниот паркинг.

„Ќе кажеш ли нешто, те молам?“ праша таа.

Зборував во зeмјата. „Отсекогаш ја имав таа замисла дека никогаш не треба да се откажеш од среќна средина во надеж за среќен крај, затоа што не постои такво нешто како среќен крај. Сфаќаш ли што сакам да кажам? Толку многу може да се загуби.“

„Знаеш ли зошто сакав да одам? Зошто повторно сакав да го качувам ридот, Тобин? Мислам, сигурно знаеш дека не е поради тоа што ми беше гајле дали Кеун ќе мора да се дружи со близнаците Рестон или поради тоа што сакав да те гледам како се умилкуваш на навивачки.“

„Мислев дека е поради Били“, реков.

Таа сега навистина гледаше во мене и можев да ù го видам здивот насекаде околу мене, како ме опкружува. „Сакав да имаме авантура. Затоа што го сакам тоа срање. Затоа што не сум како како-и-да-ù-беше-името. Не мислам дека е толку тешко да пешачиш километри низ снегот. Го сакам тоа. Го обожавам тоа. Кога бевме кај тебе дома, посакував да врне уште повеќе. Уште и уште! Тоа ги прави работите поинтересни. Можеби ти не си таков, но мислам дека си.“

„И јас го посакував тоа“, реков речиси прекинувајќи ја, сè уште не погледнувајќи ја, од страв што би можел да направам ако ја погледнам. „Да продолжи да врне.“

„Да? Кул. Толку, кул. А што ако повеќе снег го направи среќниот крај помалку веројатен? Автомобилот може да се расипе – па што! Можеби ќе го расипеме нашето пријателство – па што? Сум бакнала типови каде што ништо не се ризикувало и сето тоа ме направи само да сакам да бакнам некого каде што сè…“

Ја кренав главата некаде на „каде што ништо не се ризикувало“ и чекав сè до „сè“ и тогаш не можев да чекам повеќе, раката ми беше зад нејзината глава, нејзините усни на моите, студениот воздух го снема и го замени топлината на устата, мека и слатка и кнедлеста, ги отворив очите и моите ракавици ја допреа кожата на нејзиното лице, бледо од студот, никогаш претходно не сум имал прв бакнеж со девојка која ја сакам. Кога се разделивме, ја погледнав срамежливо и реков: „Леле“, таа се насмевна и ме повлече назад кон неа и тогаш од горе, зад нас, слушнав динг-донг од отворањето на вратата на „Вафл Хаус“.

„БОЖЕ ГОСПОДЕ. ШТО СЕ СЛУЧУВА, ПО ЃАВОЛИТЕ.“

Погледнав нагоре, обидувајќи се да ја избришам смотаната насмевка од лицето.

„КЕУН“, викаше Џеј-Пи. „ДОНЕСИ ГО ТВОЈОТ ДЕБЕЛ КОРЕЈСКИ ГАЗ ТУКА НАДВОР.“

Кеун се појави на вратата, гледајќи надолу кон нас. Џеј-Пи извика: „КАЖЕТЕ ИМ ШТО СИ НАПРАВИВТЕ ШТОТУКУ ЕДЕН НА ДРУГ!“

„Ааа“, реков јас.

„Се бакнавме“, рече Дјук.

„Тоа е некако геј“, рече Кеун.

„ЈАС ДУМ ДЕВОЈКА.“

„Да, знам, ама исто така и Тобин е“, рече Кеун.

Џеј-Пи сè уште викаше очигледно не можејќи да го контролира гласот. „ЈАС ЛИ СУМ ЕДИНСТВЕНИОТ ЗАГРИЖЕН ЗА СОСТАВОТ НА НАШАТА ГРУПА?! ЗАР НИКОЈ НЕМА ДА ПОМИСЛИ ЗА ДОБРОТО НА ГРУПАТА?!“

„Оди зјапај во навивачките“, рече Дјук.

Џеј-Пи нè гледаше кратко време, а потоа се насмевна. „Само немојте да почнете да се лигавите.“ Се сврти и влезе внатре.

„Твоите кнедли од компири се ладат“, реков.
„Ако се вратиме внатре, нема флертување со навивачки.“
„Го направив тоа само за да ти го привлечам вниманието“, признав. „Може пак да те бакнам?“ Таа кимна и јас ја бакнав и воопшто немаше никакво разочарување – од вториот бакнеж. Можев да продолжам така засекогаш, но конечно, низ бакнеж, таа рече: „Всушност, навистина ги сакам моите кнедли од компири“ и јас ја отворив вратата, таа се пикна под мојата рака и ние вечеравме во три часот наутро.

Advertisements

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s