Чудата од бајките ни се потребни

Интервју: Билјана С. Црвенковска

 

Таа верува во бајки и сака да раскажува приказни. Знае дека јунаците од страниците лесно се вселуваат во детските срца, па и затоа со сета мудрост на големо дете им се придружува во друштвото.  Авантурата која сè уште трае го создаде романот за деца и за сите што сакаат да сонуваат „Што сонуваше Дедо Мраз“, кој неодамна го доби и својот англиски превод, а во друштвото се придружија и Дина и Додо и Матеј и Луна. Не признава дека станува препознатливо име во детската литература, па од позиција на новинарска љубопитност кон автор со „скромен“ литературен опус го водиме разговорот.

 

Во детската литература влеговте преку Дедо Мраз, ликовите на Дина и Додо и Матеј и Луна. Што е она привлечното или магнетското во литературата за деца?

Мислам дека моето авторство е далеку од препознатливо, ова се некои први бебешки чекорчиња, да не речам тромаво паткање. 🙂 Но, навистина работам на себе, постојано читам, препрочитувам, пишувам, па пак читам па пак пишувам и искрено се надевам дека еден ден вистински ќе стане препознатливо.

Што е привлечно или магнетско кај литературата за деца – тоа е неограничената фантазија и неверојатната креативност што може да ја разбуди кај децата, но и кај возрасните што решиле да продолжат да живеат во тој прекрасен свет. Ако ги послушаме некои од најголемите автори на фантастични приказни, како Толкин, Морис Сендак, Нил Гејман – тие велат дека де факто не постои литература за деца. Постои свет на фантазијата во кој чудесното е остварливо, а сите обични нешта имаат некаква магија. Само треба да умееш да ја видиш.

 

Какви се ликовите што ги креирате? Тие се дел од бајката во која и вие се вселувате или се деца од соседството?

Зависи. Ликовите од мојот прв роман за деца „Што сонуваше Дедо Мраз“ се дел од бајката која е, пак, неделива од мене. Во неа живеам последниве четириесетина години. 🙂 Такви се ликовите и од мојот нов роман. Од друга страна, ликовите како Матеј и Луна и Дина и Додо имаат поинаква намена. Тие се деца од соседството, но тие се и дел од една поинаква, едукативна литература за деца. Сликовници со активности чија намена е повеќе да го ангажира детето и неговите мали сиви ќелии, а помалку да го внесе во светот на бајките и да разбуди емпатија. Зборуваме за две сосема различни работи. Едното е книжевност, а другото е едукација, логичко размислување, поттикнување на креативност и, секако, забава. Дина и Додо баш се забавни. Ма не, ептен се смешни.

 

BC

 

Дали и кога на децата треба да им се открие вистината за постоењето на Дедо Мраз, но и вистината за ликовите од литературата за деца? 

Според мене, не треба да им се каже такво нешто, затоа што, реално, колку сме сигурни дека нема Дедо Мраз, или џинови, самовили, џуџиња…? Што е вистината? Дека не постојат бајки? Дека во овој свет не се случуваат чудесни и прекрасни нешта? Да, се случуваат и многу страшни, тажни, неубави работи, но се случуваат и во приказните. Како што вели британскиот писател и филозоф Гилберт Кит Честертон, бајките не се тие што ќе го исплашат детето, ниту пак ќе му покажат што е грдо или лошо, затоа што детето тоа веќе го знае – затоа што сето тоа е дел од светот околу него. Бајките не го учат детето дека чудовиштата постојат, туку дека тие можат да бидат победени и уништени. Тоа е една од суштинските работи, што го учат што е добро, а што зло и дека треба да биде херој што треба да се бори со злото, а не злосторник.

Втората работа што може да се научи од бајките е да веруваш во чуда. Чудата ни се потребни. Се сеќавам дека кога бевме мали, на сестра ми, која е помала од мене, не знам од кои причини и кажав дека не постои Дедо Мраз. Не можеше да се сопре од плачење. Се „искупив“ многу години подоцна, кога за три дечиња облеков еден суперреален костим на Дедо Мраз, отидов кај нив и со дебел глас викав „Хо хо хо, дали овде има деца што сакаат подароци“. И беше лудница. Дури најголемиот, Пол, кој веќе почнуваше да се сомнева дека има Дедо Мраз, повторно се убеди во приказната. Затоа никогаш, во никој случај не треба да му се каже на детето дека приказните се измислици, глупости, „голем(a) си за тоа“ и слично. Напротив, родителите треба да почнат повторно да веруваат во приказните. 🙂

Кејт Дикамило, една од моите од скоро време најнајомилени авторки на детски романи, во нејзиниот роман „Флора и Улис“, вели: „Што ќе изгубам ако одберам да верувам? Ништо! Да тргнеме од оваа верверица, на пример. Улис. Дали верувам дека може да пишува поезија? Секако, верувам. Ќе има многу повеќе убавина во светот ако верувам дека такво нешто е можно.“

 

BC Santa

Се „искупив“ многу години подоцна, кога за три дечиња облеков еден суперреален костим на Дедо Мраз, отидов кај нив и со дебел глас викав „Хо хо хо, дали овде има деца што сакаат подароци“.

 

Што друго треба да постигне детската литература и како се внесува дидактичката компонента во литературата за деца?

Основната идеја е да се разбуди емпатија. Според Роалд Дал, детските книги треба да се првенствено смешни, но тие мора да ги разбудат и сите други емоции кај детето, стравот кој го споменав претходно, тагата, лутината, бесот, среќата, љубовта… На ова ќе додадам дека мора да го замислат детето, да го натераат да размислува и на крајот да му помогнат да стане добар човек – погоре споменатиот херој. 🙂

 

Колку различни карактеристики или особини имаат детските херои во литературата некогаш и сега?

Најголемата разлика е што денес има огромна продукција на секаква детска литература, за разлика од порано, па прашањето е дали до родителите и децата ќе стигне она вистинското или нешто што нема никаква вредност. За жал, во детската како и во литературата за возрасни, владее шундот. Квалитетните нешта мора баш да се бараат со лупа. Но, во морето од сè и сешто, и денес како и порано излегуваат прекрасни нешта, романи што вредат да се чуваат цел живот и да се препрочитуваат, како „Петар Пан“ или „Малиот принц“. Едни од нив се баш романите и хероите на Кејт Дикамило која ја цитирав погоре, двојна добитничка на најпрестижната американска награда за детска литература Њубери. Тука се и романите на феноменалниот Нил Гејман, сликовниците на Оливер Џеферс, романите на Кресида Кауел…

 

Кој е вашиот следен јунак? И кога да го очекуваме?

Двајца се, машко и девојче, и со нив ќе има многу многу приказни. Планирана е цела серија фантастични романи со овие два лика. Првите две книги ќе излезат во 2016, толку можам да откријам во моментов. Малку мистерија не е на одмет.

 

B

Билјана Црвенковска е магистер по философски науки, преведувач и уредник во издавачката куќа Арс Либрис. Автор е на книгата на „Митски лавиринт – патување низ митските слики“, како и на повеќе трудови, меѓу кои и „Филозофија на неискажливото: обид за разјаснување на Семиотиката на Тишината кај Бекет“ и „Апсурдот и антиутопизмот во драмите на Коле Чашуле“. Минатата година го издаде романот „Што сонуваше Дедо Мраз“, сликовниците „Авантурите на Дина и Додо“ и серијалот за близначињата „Матеј и Луна“.

 

Интервјуто го направи: Ана Арсеновска-Зафирова

Advertisements

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s