Извадок: „Книга за телото“ од Камерон Дијаз со Сандра Барк

Кога зборувам за храна заради прехранување и јадење добра храна, јадење вистинска храна и јадење необработена храна, зборувам за храна што расте на Земјата или се одржува на Земјата и не е технолошки третирана.

Како? Со избегнување брза и обработена храна. Со избирање зрна, зеленчук и овошје, кои се што е можно поблизу до земјата од која потекнуваат. Брзата и обработената храна можат да започнат како ваква храна, но до времето кога ти ќе се сретнеш со неа, таа се заситува со конзерванси, се обојува со вештачки бои и се залева со лажни вкусови толку многу, што всушност не е храна. Сериозно. Јас дури не ги гледам овие „прехранбени производи“ како храна, бидејќи тие не ми даваат здравје. Тие не ти даваат здравје и тебе. Всушност, како што ќе дознаеш, тие дури не ти го задоволуваат ни гладот.

Читајќи ја оваа книга ќе откриеш зошто модерните пронајдоци, како обработената и брзата храна не се добри извори на хранливи материи и какво влијание врз здравјето (и врз животот) има живеењето без хранливи материи.

Верувај ми – јас ја познавам брзата храна. Пораснав на брза храна. Мајка ми готвеше секоја вечер и вечеравме дома, но надвор и како тинејџер бев по малку зависна од брза храна. Јас и моите пријатели ќе поминевме покрај продавниците за брза храна и ќе земевме по два чизбургера со помфрит и пржен кромид. Кога бев средношколка, еден пријател на брат ми работеше во Тако Бел. Секој ден по часовите, поминував таму и нарачував едно бурито со грав, дупло сирење и сос, без кромид и тој ќе ми дадеше две. Секој ден по часови јадев две бурита со грав и пиев „кока-кола“. Секој ден во период од три години го јадев тоа. Баш секој ден.

Ако ти си тоа што го јадеш, јас бев бурито со грав и дупло сирење и сос, без кромид.

И додека јадев плескавици, бурито, помфрит и пржен кромид и пиев „кока-кола“, имав лоша кожа. Имав ужасна, ужасна кожа. Се срамев и правев сè на што можев да помислам за да ги подобрам работите. Се обидов да ја покријам со шминка, пробав да се ослободам од неа со лекарства – орално, локално, дури со најстроги рецепти. Ништо не помагаше долготрајно.

Точките сè уште беа таму во текот на гимназиските денови и во моите дваесетти, додека се занимавав со манекенство и глума. Беше вистински предизвик камерата да ги прикрие; беше непријатно, засрамувачко и фрустрирачко искуство и секогаш се чувствував многу лошо. Но, продолжив да јадам брза храна, сè уште следејќи ги навиките што ги стекнав како млада, кога немав поим дека храната може да влијае врз мојата сила, мојата енергија, мојата способност да функционирам – или мојата кожа. Дури никогаш не ни помислував дека може да постои поврзаност меѓу моите оброци и тоа како се чувствувам и како изгледа мојата кожа. А ми беше толку многу лесно да поминам покрај „драјв-тру“ и да го земам моето пилешко со сирење и сланина и се разбира, мојот пржен кромид и помфрит со крем-салата од страна.

Одев таму толку често што тие што работеа во „драјв-тру“ делот ме знаеја.

Секогаш бев слабо дете – слаба адолесцентка, слаба тинејџерка, која порасна во слаба возрасна личност. Сè што слушав од другите во врска со тоа како се хранам, беше: „Имаш среќа! Можеш да јадеш што сакаш, а сепак си слаба!“. Не ја зголемував тежината, но немав микроскоп за да погледнам внатре во моето тело и да ги видам несреќните клетки…, па никогаш не помислував дека исхраната може да биде корен на моите проблеми. Но, вистината е дека сè што внесуваме во нашето тело влијае врз нас, без разлика каков тип тело имаме. Некои работи влијаат позитивно, како необработената храна, која нè снабдува со хранливи материи и гориво за да ги правиме работите што ги сакаме. Некои работи влијаат негативно, како обработената храна, која не содржи хранливи материи и е полна со хемикалии, вештачки бои и конзерванси, кои ја нарушуваат функцијата на хормоните и ги спречуваат нашите тела да функционираат на начин што природно им е предодреден. Толку е едноставно.

Мојот проблем со кожата опстојуваше до моите доцни дваесетти, кога почнав да готвам и престанав да јадам брза храна. Како што еволуираше мојот начин на исхрана и кога престанав да консумирам обработена храна, се случи нешто многу интересно… кожата почна да ми се чисти. Акните не исчезнаа целосно, но имаше значително подобрување. Кога ќе погледнам назад, сфаќам дека не ми требале сите оние лекови, ампули и кремови. Не требаше да бидам лута за мојата кожа и за тоа што се чувствував лошо. Требаше само ДА ГО СЛУШАМ МОЕТО ТЕЛО. Можеби немав микроскоп, но акните беа аларм на телото, негов начин да ми каже: „Престани! Дај ми го она што ми треба, така што ќе можам да си ја извршувам работата за која сум предодредено!“. Откако почнав да јадам необработена храна и да ја намалувам солената, зачинетата и пржената храна, моето тело постепено почна да наоѓа баланс и кожата почна да ми се чисти. Дефинитивно е можно хормонските промени и други фактори да играле улога во појавата на акните, но исто така дефинитивно е вистина дека видов драматични промени на мојата кожа кога ја променив исхраната. И како што правев поголеми промени, ги забележував реакциите на моето тело на храната што ја јадев – како се чувствуваше мојот стомак или колку беше подуен по секој оброк. Почнав да сфаќам дека со приспособување на исхраната можев да влијаам не само врз мојата кожа, туку и врз енергетските нивоа и болките во стомакот… не само начинот на кој изгледав, туку и начинот на кој СЕ ЧУВСТВУВАВ. Ако на некој начин си како мене, можеби си се сретнала со искуството да не се чувствуваш удобно во твоето тело или да имаш чувство дека не си во него. Па, ако си јадела обработена храна, како што јадев јас, не си во твоето вистинско тело – но, можеш да бидеш.

Искуствата како овие беа вистинскиот почеток на моето патување со храната и исхраната. Кога почнав да сфаќам дека одговорот на моите проблеми не беше во убавите кремови или во медицинскиот кабинет, сакав да знам повеќе. Имав пријатели што се занимаваа со нутриционизам и ги замолив да ми дадат совети. Бидејќи почнав да дознавам сè повеќе и повеќе за влијанието на храната врз мене и имав сè повеќе и повеќе прашања, почнав да ги читам и да ги слушам програмите. Колку повеќе одговори добивав, толку повеќе сакав да знам. Сè што научив беше покана да научам уште нешто. И денес, сè уште барам, слушам и учам. Знам дека љубопитноста се исплатува, дека покажувањето интерес, поставувањето прашања и следењето на тоа што сум го научила води до резултати.

Сега кога дознав дека јас го креирам мојот внатрешен живот со тоа што го јадам, се променив. Па, ако постои проблем со кој се бориш, без разлика дали е тоа твојата кожа, тежина, ждригавица или вашето расположение, наместо да додаваш слоеви ампули или кремови или други брзи лекови, започни од темел: од твојата исхрана. Ти се колнам дека храната што ја јадеш има огромно влијание врз твојата личност, ментално и физички, во наредните неколку часа и во остатокот од твојот живот. Моето искуство како човечко суштество се промени кога сфатив дека јас сум тоа што го јадам и кога одлучив да си ја дадам најдобрата можна шанса да се чувствувам најдобро што можам.

Кога сме мали, нашите родители имаат обврска да се грижат за нашето здравје – дека добро ќе се наспиеме навечер, дека ќе појадуваме и ќе отидеме на училиште со спакуван ручек или пари за да си купиме ручек. Некако, откако ќе пораснеме подзабораваме на овие столбови на здравјето, а навиките што ни се потребни за да бидеме среќни, енергични луѓе стануваат споредни поради презафатеноста со работа, училиште, семејство, пријатели, хоби….

Одговорноста за здравјето е во твои раце – никој нема да го направи тоа за тебе. Па, запрашај се дали сакаш да живееш во тело што ти овозможува да ги правиш работите што сакаш да ги правиш, тело полно со здравје и способности и за кое си горда да го наречеш свое. Тоа е твој избор.

И чудесно е тоа што не мораш да избираш меѓу здравје и добра храна, бидејќи можеш да јадеш храна што е добра за тебе и која е вкусна. Можеш да добиеш и вкус и здравје. Вистинската храна е сè. Таа е задоволство. Таа е гориво. Таа е исхрана. Таа е семејството. Таа е животот.

Advertisements

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s