Извадок: „Уличниот мачор Боб“ од Џејмс Бовен

Морав да го носам на ветеринар. Знаев дека моите импровизирани лекови нема да бидат доволни за да се излекува раната. И немав поим какви други здравствени проблеми може да има. Не сакав да ризикувам и да чекам, па одлучив да станам рано следното утро да го однесам во најблискиот центар за незгрижени животни, на другиот крај на патот „Севен систерс“, кон паркот „Финсбери“.

Го наместив будилникот и станав да му дадам здробени бисквити и туна. Беше уште едно сиво утро, но знаев дека тоа не може да ми биде изговор.

Со оглед на состојбата на неговата нога, знаев дека нема да може да оди час и половина, колку што требаше да пешачиме, па одлучив да го носам и го ставив во зелена пластична кутија. Не беше идеална, но не можев да најдам ништо друго. Веднаш штом тргнавме, беше јасно дека не му се допаѓа. Постојано се мрдаше, ја вадеше шепата преку кутијата и се обидуваше да излезе од неа. На крајот, се откажав од оваа идеја.

„Дојди, ќе те носам“, реков, кревајќи го со слободната рака додека пластичната кутија ми беше во другата рака. Веднаш ми се качи на рамото и таму се смести. Го оставив да седи така додека ја носев празната кутија цел пат до центарот.

Кога влегов во центарот за незгрижени животни, беше како да влегувам во сцена од пеколот. Внатре беше преполно главно со кучиња и нивните сопственици, од кои повеќето беа тинејџери со избричени глави и агресивни тетоважи. Седумдесет отсто од кучињата беа стафордски бултериери, кои речиси сигурно беа повредени во борба со други кучиња, веројатно само за некои луѓе да се забавуваат.

За Британија често се зборува како за „нација на љубители на животни“. Но, тука, сигурно, не можеше да се види многу љубов. Навистина ми се гадеше од тоа како некои луѓе постапуваат со своите домашни миленици.

Мачорот ми седеше в скут или на рамо. Се гледаше дека е нервозен и не можев да му замерам. Повеќето кучиња во чекалната му ’ржеа. Неколку од нив ги влечеа своите ремени, обидувајќи се да му се приближат.

Едно по едно, кучињата ги носеа во ординацијата. Но, секогаш кога ќе се појавеше ветеринарната медицинска сестра, останувавме разочарани. Требаше да поминат четири и пол часа за да нè примат.

Конечно, таа рече: „Господине Бовен, ветеринарот ќе ве прими сега“.

Ветеринарот беше средовечен маж. Го имаше оној рамнодушен поглед на човек што „видел сè“ што може да се види на лицата на некои луѓе. Веднаш почувствував напнатост во негова близина, можеби заради целата агресија со која бев опкружен во чекалната.

„Па, во што е проблемот?“ ме праша.

Знаев дека само си ја работи својата работа, но посакав да му кажам: „Ако знаев, немаше да бидам тука“, но одолеав на искушението.

Му кажав дека најдов мачор во ходникот на мојата зграда и му ја покажав загноената рана на задната страна на ногата.

„Добро, ајде да погледнеме“, рече.

Можеше да види дека мачорот има болки и му даде мала доза на дијазепам за да му олесни. Потоа, ми објасни дека ќе ми издаде рецепт за двонеделна терапија со амоксицилин.

„Дојдете пак, ако состојбата не му се подобри за две недели“, рече.

Помислив да ја искористам оваа можност и да го прашам за болви. Набрзина му го прегледа крзното и ми кажа дека не може да види ништо.

„Но, би било добро да му дадете некои таблети против болви. Тоа може да биде проблем за млади мачки“, додаде.

Повторно одолеав на искушението да му кажам дека го знам тоа. Го набљудував додека го пишуваше рецептот за таблети против болви.

Сепак, треба да се спомене дека провери дали мачорот има микрочип. Немаше, што, пак, упатуваше на тоа дека е уличен мачор.

„Треба да го средите тоа кога ќе можете“, рече. „Исто, мислам дека треба да се кастрира колку што е можно побрзо“, додаде, подавајќи ми брошура и леток за бесплатно кастрирање на улични мачки. Со оглед на тоа како трчаше низ станот и колку беше палав, кимнав со главата, согласувајќи се со неговата дија- гноза. „Мислам дека тоа е добра идеја“, се насмеав, очекувајќи барем да ме праша „зошто?“

Но, ветеринарот не изгледаше заинтересиран. Беше задлабочен во внесување на своите белешки во компјутерот и во пишување на рецептот. Како да бевме производ на некоја производствена линија што мора да биде преработен и турнат накај вратата за да влезе новиот пациент. Тоа не беше негова вина – таков е системот.

За неколку минути бевме готови. Кога излеговме од ветери- нарната ординација, се упативме кон шалтерот во аптеката, каде што го дадов рецептот.

Таму, жената во бел мантил беше малку пољубезна.

„Колку е убав“, рече. „Мајка ми еднаш имаше портокалов мачор. Најдобар пријател што некогаш го имала. Неверојатен карактер. Имаше обичај да седи покрај нејзините нозе и мирно да го набљудува светот околу него. Можеше и бомба да експлодира, ама тој не се одвојуваше од неа.“

Ги внесе податоците и ми направи сметка.
„Тоа ќе биде дваесет и две фунти фунти, душо“, рече. Се разочарав.

„Дваесет и две фунти! Навистина?“ реков. Сè што имав во тој момент беа триесет фунти.

„Се плашам дека е така, душо“, рече сестрата, гледајќи сожалително, но и неумоливо во исто време.

Ù дадов триесет фунти и го земав кусурот.

Тоа беа многу пари за мене. Една дневница. Но, знаев дека немам избор: Не можев да го изневерам мојот нов пријател.

„Изгледа дека ќе мораме да бидеме заедно следните две недели“, му реков на мачорот додека излегувавме надвор и тргнавме на долга прошетка до станот.

Тоа беше вистина. Немаше шанса да се ослободам од него најмалку две недели, не додека не му заврши терапијата. Никој друг нема да се грижи дали ќе ги испие лековите, а не можев да го оставам на улица за да не добие некоја инфекција.

Не знам зошто, но помислата дека треба да бидам одговорен за него до некаде ме возбудуваше. Се чувствував како да имам уште една цел во животот, да направам нешто добро за некого – или за нешто – освен за себе.

Попладнето отидов во блиската продавница за домашни миленици и купив храна доволна за неколку недели. Во центарот ми дадоа примерок на пропишана храна и се обидов да му ја дадам претходната вечер. Му се допадна, па купив цела вреќа. Му купив и храна за мачки. Сето тоа ме чинеше околу девет фунти, што всушност беа последните пари што ги имав.

Вечерта морав да го оставам сам и да одам во Ковент Гарден со мојата гитара. Сега имав две усти за хранење.

Advertisements

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s