Бестселер автобиографијата за бездомниот уличен пејач Џејмс Бовен, во која тој раскажува за своето опоравување од зависноста со помош од еден напуштен мачор, ќе добие филмска адаптација.
Тоа беше приказна со мошне скромен почеток, приказна за патот до опоравувањето на еден човек од бездомништвото и зависноста со еден напуштен мачор за пријател до себе. Сега, бестселер автобиографијата на Џејмс Бовен, во која се опишани детали за неговиот живот поминат во пеење по улиците на Ковент Гарден со еден црвеножолтеникав мачор со име Боб ќе биде прикажан на големото платно.
Снимањето за адаптацијата на првата книга на Бовен, Уличниот мачор Боб, ќе започне во октомври. Британскиот автор Лук Тредвеј, кој освои награда Оливиер за неговата улога во театарската верзија на Необичниот инцидент на кучето среде ноќ, ќе ја игра главната улога – иако кастингот за Боб допрва треба да почне.
Приказната за Бовен и неговиот мачор стана хит кога беше објавена во 2012 и помина 76 недели на врвот од листата бестселери во ОК на Сандеј Тајмс – подвиг во кој успеале само 10 книги откако се води таа евиденција – и оттогаш е преведена на барем шеесет и два јазици. Сценариото го адаптираше британскиот писател Тим Џон, а Роџер Спотисвуд, режисерот на Утрото никогаш не умира, ќе биде на кормилото на проектот.
„Неверојатно сум трогнат што мојата и приказната на Боб ќе биде раскажана преку филм“, рече Бовен. „Мошне е нестварно, навистина, но Боб е неверојатно возбуден како и јас.“
Книгата започнува во 2007, кога Бовен се обидуваше да ја надмине својата зависност од хероин со помош на една програма со метадон и живееше во едно сместувалиште за немоќни лица во Тотенхем. Кога се врати една ноќ од улично пеење, затекна еден запуштен црвеножолтеникав мачор во својот ходник со инфицирана нога и го однесе на ветеринар да го излечи.
Мачорот почна да го следи и откако заклучи дека е напуштен, Бовен му даде име Боб, по Килер Боб од телевизиската серија Твин Пикс. Невообичаената двојка почна да патува со автобус до Ковент Гарден и Пикадили, каде што Бовен пееше и свиреше на гитара по улиците и наскоро станаа нешто налик на феномен откако туристите и минувачите прикачија видеа на интернет.
Поврзаноста со Боб исто така го охрабри Бовен бавно да се повлече од користењето метадон и да ја победи својата зависност и подоцна му ја препиша таа заслуга на мачорот бидејќи тој му дал „решителност да си ги засука ракавите и да ја надмине зависноста. Користењето дрога е себична работа; Боб ми даде нешто друго на кое се фокусирав.“
Откако нивната приказна беше објавена во еден локален весник, на Бовен му понудија договор за книга во 2010 и оттогаш тој има објавено шест бестселери во кои тој подробно раскажува за својот живот и патувања со својот црвеножолтеникав мачор. Боб исто така прерасна во нешто налик на славна личност сам по себе, добивајќи повеќе пошта од кој било друг автор на Хачет и може да се пофали со 72.000 следбеници на Твитер. Во едно интервју за Гардијан, Бовен предложи дека Боб може да се игра самиот себеси во филмот: „Кој друг може да го глуми? Тој е таков лик“. Кастингот на Тредвеј во филмот доби званично одобрување од официјалниот Твитер профил на Боб со твитот: „Најпосле, официјално е. Лук Тредвеј е совршениот Џејмс.“
Покрај тоа што напиша шест книги, Бовен неодамна успешно собра по пат на краудфандинг повеќе од 150.000 фунти за да отвори кафетерија за мачки, наречена Светот на Боб, која ќе прерасне во „дом за бездомни, малтретирани или непосакувани мачки.“ Тој допрва треба да најде локација, но се надева дека таквото место ќе пружи друштво за „други истомисленици што ќе сакаат да влезат и да се напијат чај, кафе или некое друго освежување во друштво на мачки“.
Тука може да го погледнете краткиот документарец „Уличниот мачор Боб“: