Извадок: „Те чекам“ од Џенифер Л. Арментраут

Имаше две нешта во животот што можеа да ме извадат од памет. Едната беше да се разбудам среде ноќ и пред себе да видам дух внесен со своето проѕирно лице кон моето. Не е баш многу веројатно да се случи, а сепак прилично бизарно да се помисли. Втората работа беше да задоцнам и да треба да влезам во преполна училница.

Навистина мразев да доцнам.

Мразев кога луѓето ќе се свртеа и ќе зјапаа, што секогаш го прават кога ќе влезеш во училница по една минута откако почнал часот.

Затоа, во текот на викендот, на мапата на „Гугл“ опсесивно го пресметував растојанието помеѓу мојот стан во Јуниверсити хајтс и паркингот предвиден за студенти. И всушност, двапати возев по таа рута в недела, кога има помалку возила, за да бидам сигурна дека „Гугл“ не ме води во погрешна насока.

Да бидам прецизна 1,9 километри.
Пет минути со автомобил.
Дури и тргнав петнаесет минути порано, за да пристигнам десет минути пред да почне мојот час од девет до десет. Она што не го планирав беше еден километар долгиот сообраќај пред знакот стоп, бидејќи, за несреќа, имаше вистински семафор во стариот град, како и фактот дека воопшто немаше слободно место за паркинг на кампусот. Морав да паркирам на железничката станица во непосредна близина на универзитетскиот комплекс и да изгубам скапоцено време барајќи монети од по 25 центи за броилото.

„Ако планираш да се преселиш на другиот крај од државата, барем смести се во еден од домовите. Има домови таму, нели?“

Гласот на мојата мајка ми продираше низ мислите кога застанав пред научната зграда „Роберт Бирд“, без здив, од искачувањето на најстрмниот и најтешкиот рид во историјата.

Се разбира, не избрав да останам во студентски дом, бидејќи знаев дека понекогаш моите родители неочекувано би се појавиле и би почнале да судат и да зборуваат, а јас попрво би си шутнала волеј в лице отколку да изложам некој невин набљудувач на такво нешто. Наместо тоа, ги искористив моите крваво заработени пари и изнајмив двособен стан во близина на кампусот.

Господин и госпоѓа Морганстен го мразеа тоа. A тоа ме направи неизмерно среќна. И сега некако зажалив за мојот мал чин на побуна, бидејќи додека брзав утрово од спарната горештина кон климатизираната зграда, веќе беше девет часот и единаесет минути, а мојот час по астрономија беше на вториот кат. И зошто, бестрага, избрав астрономија?

Можеби затоа што помислата да седам на уште еден час по биологија ме натера да сакам да го сторам тоа? Да. Тоа беше тоа. Трчајќи по големите скали, влетав низ двојните врати и се удрив директно во ѕидот од тули. Тетеравејќи се наназад, рацете ми се занишаа, како на зашеметен сообраќаец. Мојата преполна торба се лизна, повлекувајќи ме на едната страна. Додека се тетеравев, косата ми се разлета пред лицето и како костенлива завеса ми покри сè што можев да видам.

Oф, леле, одев надолу. Немаше запирање. Визии на скршен врат ми играа во главата. Ова ќе боли…

Нешто силно и цврсто ме фати за половината, ме запре да не паднам. Сепак, торбата ми падна и од неа се истурија скапоцените книги и пенкала, тркалајќи се по блескавиот под. Моите пенкала! Mоите прекрасни пенкала се истркалаа насекаде. Секунда подоцна бев притисната кон ѕидот.

Ѕидот беше некако необично топол.
Ѕидот се насмевна.
„Ехееј“, рече еден длабок глас. „Добра си, срцка?“

Ѕидот не беше баш ѕид. Беше маж. Срцето ми застана и во една застрашувачка секунда почувствував притисок во градите и не можев да се помрднам или да мислам. Се вратив пет години назад. Заглавена. Не можев да мрднам. Воздухот ми излета од градите, а морници ме полазија по задниот дел од вратот. Секој мускул ми се вкочани.

„Еј“, гласот омекна, полн со загриженост. „Дали си добро?“

Се обидов да земам длабок здив – за да дишам. Требаше да дишам. Да вдишам. Да издишам. Го вежбав ова, одново и одново пет години. Немав веќе четиринаесет години. Не бев таму. Бев тука, на другиот крај од државата.

Два прста ме притиснаа под брадата и ми ја подигнаа главата нагоре. Впечатливи, длабоки сини очи врамени со густи, црни трепки се фиксираа на моите. Толку жива светлосина боја и таков остар контраст во однос на црните зеници, што се прашував дали се вистински.

А потоа ми текна.

Ме држеше момче. Никогаш порано не ме држело момче. Не го броев оној пат, бидејќи тој пат не сакам ни да го споменувам. Бев притисната до него, бут на бут, моите гради на неговите. Како да танцувавме. Сетилата ме гореа како што го вдишував нежниот мирис на колонска вода. Ox. Мирисаше убаво и скапо, како неговиот

Одеднаш ме обзема лутината, таа слатка и позната работа, оттурнувајќи ја претходната паника и збунетоста. Очајнички ја зграпчив и си го пронајдов гласот. „Пушти ме.“

Синоокиот веднаш ја спушти раката. Неподготвена за ненадејното губење на поддршката, се занишав настрана, соземајќи се пред да се сопнам на торбата. Задишана како штотуку да сум истрчала километар, ги турнав густите прамени коса од лицето и конечно убаво го погледнав Синоокиот.

Ох, леле, Синоокиот беше…

Беше прекрасен на сите можни начини што ги тераат девојките да прават луди работи. Беше висок, глава или две повисок од мене, со широки рамена, но тенок во струкот. Спортски градено тело – како на пливач. Кадравата црна коса му паѓаше преку челото, допирајќи ги исто толку црните веѓи.

Широките јаболкца и широките изразени усни – само ја комплетираа сликата – совршен фраер создаден за да им потечат лиги на девојките. И со тие очи со боја на сафир, ох, леле…

Кој би помислил дека место наречено Шепардстаун би криело некој што изгледа вака?

А јас налетав на него. Буквално. Фино. „Се извинувам. Брзав да стигнам на час. Доцнам и…“

Кога клекна, усните му се раширија во насмевка. Почна да ми ги собира работите и за момент почувствував дека ќе заплачам. Можев да почувствувам како солзите ми го стегаат грлото. Сега навистина доцнев многу и никако не би можела да влезам на час. Па, уште првиот ден на училиште. Катастрофа.

Се наведнав и ја пуштив косата да ми падне напред и да ми го заштити лицето, додека ги грабав пенкалата. „Не мораш да ми помагаш.“

„Нема проблем.“ Тој крена еден лист хартија, а потоа погледна нагоре. „Астрономија 101? И јас одам натаму.“

Супер. Целиот семестар ќе треба да го гледам момчето кое за малку ќе го убиев во ходникот. „Доцниш“, несмасно реков. „Навистина ми е жал, се извинувам.“

Кога сите мои книги и пенкала беа назад во торбата, се исправи и ми ја подаде. „Во ред е.“ Неговата шеретска насмевка се рашири, откривајќи дупче на левиот образ, но ништо од десната страна. „Навикнат сум девојки да се фрлаат врз мене.“

Трепнав, мислејќи дека не сум го слушнала правилно синоокото шеќерче, бидејќи сигурно тој не кажа нешто толку излитено. Кажа и не заврши тука. „Сепак, да се обидат да ми скокнат на грб е нешто ново. Ми се допадна.“
Почувствував како ми горат образите и избувнав. „Не се обидував да ти скокнам на грб или да се фрлам во тебе.“
„Не?“ Шеретската насмевка остана. „Штета. Да беше така, ова

ќе беше најдобриот прв ден на училиште во историјата.“Не знаев што да кажам додека ја стегав тешката торба во прегратката. Момчињата не флертуваа со мене дома, во Тексас. Повеќето од нив не се осмелуваа да погледнат во мене во средно, а малкутемина кои го правеа тоа, не флертуваа.

Погледот на Синоокиот падна врз листот хартија во неговата рака. „Ејвори Морганстен?“

Срцето ми излета. „Од каде го знаеш моето име?“

Ја навали главата настрана и насмевката полека му се рашири. „На твојот распоред е.“

„Ох.“ Ги турнав наназад кадравите прамени коса од лицето што ми гореше. Тој ми го подаде распоредот, го земав и го ставив во торбата. Ме облеа чувство на непријатност, додека несмасно го закопчував каишот од торбата.

„Моето име е Камерон Хамилтон“, рече Синоокиот. Но, сите ме викаат Кам.“

Кам. Го изговорив името, ми се допадна. „Благодарам уште еднаш, Кам.“

Се наведна и го крена црниот ранец, што не го забележав претходно. Неколку локни од темната коса му паднаа преку челото и, исправајќи се, ги турна наназад. „Па, ајде да влеземе во стил.“

Нозете ми беа заковани во местото каде што стоев, а тој се сврти и направи неколку чекори до затворената врата на просторијата 205. Посегна по кваката и погледна наназад, чекајќи.

Не можев да го сторам тоа. Немаше врска со фактот дека се бапнав во можеби најзаводливиот тип на кампусот. Не можев да влезам на час и сите да се свртат и да зјапаат. Доволно е што бев во центарот на вниманието секаде каде што одев изминативе пет години. Челото ми го облеа пот. Стомакот ми се стегна во моментот кога направив чекор наназад, подалеку од училницата и од Кам.

Тој се сврти, ги подигна веѓите, а лицето му доби љубопитен израз. „Одиш во погрешна насока, срц.“

Изгледа се движам во погрешна насока половина мој живот. „Не можам.“

„Не можеш, што?“ Направи чекор накај мене.

И јас спраштив. Всушност, се свртев и се стрчав како да бев на трка за последната шолја кафе на светот. Додека трчав кон тие проклети двојни врати, го слушнав како ми го извикува името, но јас продолжив.

Лицето ми гореше, брзо се симнував по скалите, бев без здив додека излегував од зградата. Моите нозе продолжија да се движат сè додека не седнав на една клупа надвор пред соседната библиотека. Раното утринско сонце изгледаше премногу светло во моментот кога ја кренав главата и силно замижав.

Лелеее.

Каков начин да се остави прв впечаток во нов град, ново училиште… нов живот. Поминав над илјада километри за да почнам сè од почеток и веќе уништив сè за само неколку минути.

Извадок од книгата „Те чекам“ од Џенифер Л. Арментраут.

Advertisements

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s