Дваесет нешта што (веројатно) не сте ги знаеле за Стивен Кинг

 

sjaenje_700x420

Ајде да си играме асоцијација со зборови. Добро, почнуваме: писатели на хорори… Е, сега, доколку првиот автор кој ви доаѓа на ум не е Стивен Кинг, тогаш или а) вие сте многу попривлечни и поначитани од нас, или б) лажете.

Стивен Кинг е како биг-мек кај писателите (ова се негови зборови, а не наши). Неизбежен – како човек-институција. Сепак, за разлика од рестораните за брза храна, Кинг е барем добар за вашата душа. Неговата проза е досетлива, длабока и, во зависност од тоа колку години имате кога ги читате неговите книги, таа на генијален начин ве држи во неизвесност и ви влева страв во коски.

Но, колку знаете за човекот кој стои зад „Кери“, „Сјаење“, „Мртвата зона“, „Мизерија“, „Тоа“, „Гробишта за миленици“ и многу, многу други наслови?

Во продолжение се дваесетте работи што веројатно не сте ги знаеле за Стивен Кинг.

1. Мјузикл „Кери“? Да, во 1988 година навистина постоеше. Прво кај Кралската Шекспирова трупа во Стратфорд на Ејвон, а подоцна истата година и на Бродвеј. Реакциите беа екстремно различни, иако претставите беа распродадени речиси секоја вечер, а осуммилионското шоу беше прекинато по 16 претстави и 5 изведби. Беше вратено накратко во 2012 година, независно од продукцијата на Бродвеј.

2. По речиси фаталната незгода во 1999 година, медицинските сестри кои се грижеле за Кинг во неговиот дом биле предупредени од нивниот претпоставен дека во никој случај не смеат да прават шеги поврзани со „Мизерија“.

3. Роналд Мекдоналд бил инспирација за кловнот Пенивајз.

4. Според некои, Кинг присуствувал на прикажувањето на филмот „Лавиринтот на Пан“ и седел до режисерот Гилјермо дел Торо. За време на озлогласената сцена со бркотницата на Бледиот Човек, Кинг нервозно се преместувал во столчето, што Дел Торо го опишал како „најдоброто искуство на светот“.

5. Кинг толку го сакал филмот „28 дена подоцна“, што ги купил сите 275 билети за едно од прикажувањата. За волја на иронијата, режисерот на „28 седмици подоцна“ сега можеби ќе го режира римејкот на „Гробишта за миленици“.

6. Во една пригода луѓето помислиле дека Кинг е вандал кога почнал да потпишува книги при ненајавена посета на австралиска книжарница.

7. „Бес“, неговиот прв роман објавен под името Ричард Бачман, се работи за ментално нестабилен средношколец кој ги држи соучениците на нишан. Откако се откри дека Јефри Лин Кокс, ментално нестабилен средношколец кој ги држеше соучениците како заложници, бил инспириран од книгата, а потоа и дека таа инспирирала уште три слични инциденти – Кинг решил да ја повлече книгата во САД.

8. Оригиналниот наслов за „Сејлемс Лот“ било „Второто доаѓање“, но сопругата на Кинг, Табита, му посочила дека звучи како „лоша секс-приказна“, па затоа го сменил.

9. Кинг ја фрлил првата верзија од „Кери“, што оригинално била замислена како кратка приказна, но неговата сопруга, која го видела потенцијалот, го убедила да продолжи со работата. На крајот, ѝ ја посветил книгата.

10. Кинг отсекогаш бил заинтересиран за драма и се има појавено во многу од неговите филмови. Бил човек кој вади пари од банкомат во „Максимум овердрајв“, поп во „Гробиштата за миленици“, гробар во „Месечарите“, Теди Вејзак во „Д Стенд“, Том Холби во „Ланголиерците“, Д-р Бангор во „Послаб“, Гејџ Крид во телевизиската верзија на „Сјаење“ и доставувач на пица во „Црвената роза“.

11. Како голем фан на „Рамонс“, ги има напишано белешките на обвивката за нивниот трибјут-албум наречен „Ние сме среќно семејство“ во 2003 година.

12. Кинг бил прогласен за неподобен за воена служба во Виетнам откако Комисијата му дала четири најниски оценки за: висок крвен притисок, ограничен вид, рамни табани и оштетени ушни тапанчиња.

13. Според „Гинис“, бројот на книгите на Кинг што биле адаптирани во филмови е поголем од кој било друг жив автор.

14. Кинг на својот пријател писател Најл Гејман му има кажано дека доколку има шанса да го почне животот од почеток не би променил ништо освен појавувањето во реклама на „Американ експрес“.

15. Кога се дознало дека писателот Ричард Бачман е всушност Стивен Кинг, тој го пензионирал псевдонимот, кажувајќи дека Бачман умрел. Причината за смрт била рак на псевдонимот.

16. Кинг и сопругата Табита поседуваат три радиостаници во државата Мејн, од каде што потекнуваат.

17. Сатиричниот веб-сајт „Онион“ има напишано статија дека Кинг не можел да се сети оти го напишал „Томинокерс“. Потоа Кинг навистина признал дека е вистина и дека не може да се сети на многу романи што ги напишал во текот на осумдесеттите поради алкохолизам, вклучувајќи го и „Куџо“.

18. Во интервју за Би-би-си Кинг кажал дека Џек Торанс („Сјаење“) бил најблиску до автобиографски лик. Во времето кога Кинг ја пишувал книгата пиел многу, исто како Џек. Џек го гледал како „херојски лик кој се бори со своите демони на начинот на кој им прилега на силните американските мажи“.

19. Една збирка на раскази од Х. П. Ловкрафт со наслов „Демначот на прагот“ често се споменува од страна на Кинг како катализатор за да стане писател. Тоа била книга на татко му, кој никогаш не бил дома, што ја нашол на таванот. На корицата на книгата имало илустрација на демон.

20. Тој има трискаидекафобија – страв од бројот 13. „Бројот 13 секогаш ме полазува со студени морници по ’рбетот. Кога пишувам, никогаш не престанувам со работа доколку бројот на страницата е 13 или нешто што е деливо со 13. Само продолжувам да отчукувам додека не дојдам до безбеден број. Секогаш ги качувам последните две скали од задниот влез како една за да не бидат 13, туку 12. Сè до 1900 година имало 13 скалила на бесилките во Англија. Кога читам, не запирам на страниците 94, 193 или 382, бидејќи збирот од тие цифри е 13.“

Advertisements