Зошто треба да почнеме повторно да читаме хартиени книги

read more books za blog-01

Мислење

Читањето на обични книги доаѓа со голем број на здравствени придобивки што ги нема кај електронските книги

Читањето само по себе има огрoмен број придобивки за нашиот ум: Истражувањата покажуваат дека читањето во текот на животот (или дури и доколку почнете да читате редовно во вашите 60-ти или 70-ти) може да спречи ментални проблеми. Покрај тоа што го одржувате умот во добра состојба и си ја зголемувате базата на знаење, читањето исто така може да ви го зголеми и чувството за емпатија. Како што покажува едно истражување од 2013 година, кога луѓето се идентификувале со емоционалните премрежиња на ликовите од книгите, тие станувале посочувствителни во вистинскиот живот.

Затоа, се разбира, актот на читање е одличен. А да не заборавиме и дека читањето исто така влијае и на вашето физичко и психичко здравје. Во денешниов свет, што е придвижуван од страна на технологијата, хартиената книга се замени со електронска – со „Киндл“ и „Нукс“, па дури и читање на лаптоп или на паметен телефон. Добрите старомодни книги веќе не се гледаат како практични.

Сепак, постои нешто едноставно и посебно околу читање на класичнa хартиена книга што електронските книги го немаат. Неодамна, читав в кревет пред да испијам шолја чај од камилица и сфатив дека тоа не само што ме опушти туку и речиси веднаш заспав и спиев убаво скоро цела ноќ и се разбудив освежен. Сфатив дека размислував за настани и сцени од книгата, а сликите ми светеа во умот наместо вообичаените исцрпувачки нервози. Сакам да верувам дека тоа не било случајност: Со тоа што го тргнав телефонот настрана – што, покрај испраќање пораки, ме вовлекува во бесконечниот лавиринт на „Фејсбук“, „Инстаграм“ и „Снепчет“ – и се сосредоточив на приказната што ме воздигна надвор од моето битие, на некој начин, без да можам да објаснам зошто, тоа ми помогна да се чувствувам подобро на многу различни начини.

Читањето го изострува умот и во борбата со деменцијата. Истражувачите ги проучуваат разликите помеѓу читање на обични и електронски книги со години. Голем број истражувања покажуваат дека читањето на старомодни книги има голем број предности од читањето на електронски книги, што можат да бидат порти кон други електронски занимации што ќе ви направат проблем со спиење. Затоа треба да го баталите екранот и да се одлучите за печатените страници.

1. Испуштате важни информации

Едно истражување од 2014 г. покажа дека оние што читаат на „Киндл“ помалку се сеќаваат на сижето и на настаните во книгата отколку оние што читаат класични книги. Истражувачите сè уште не се сигурни зошто се случува ова, но можно е да е поврзано со можноста да можете и физички да гледате до каде сте со читање како кај вистинските книги.

„Во истражувањето, дојдовме до заклучок дека оние што читаат хартиени книги дадоа повисоки оцени за мерки поврзани со емпатија и со пренесување и внесување, а и со наративната кохерентност, отколку оние што читаат на ајпад“, истакна Ан Манген од Универзитетот „Ставангер“ во Норвешка, автор на истражувањето, според „Гардијан“. „Кога читате од хартија можете да почувствувате со прстите како купчето страници од левата страна се зголемува, а како се намалува од десна. Имате опипливо чувство на напредок, покрај визуелното. (…) Можеби ова некако му помага на читателот, се добива повеќе чувство на фиксност и цврстина кај чувството на читателот на откривање и напредок во текстот, а на тој начин и кај приказната.“

Дигитализацијата на текстот исто така може да значи дека тој е и порасцепкан, полн со безредија и линкови што можат да ве однесат некаде на интернет. Читајќи на ајпад, со можност да се провери „Фејсбук“, дава премногу можности за правење на пречести „паузи“. А за да можете да ги запомнете информациите морате да читате во долги временски интервали без вознемирување.

2. Електронските книги го попречуваат спиењето

Едно недамнешно истражување на Универзитетот „Харвард“ покажа дека читање на електронски книги пред спиење го намалувало производството на важниот хормон за спиење познат како мелатонин. Како резултат на тоа, на луѓето им требало многу повеќе време да заспијат, помалку имале длабоки соништа и биле поуморни изутрина.

„Светлината што ја емитуваат повеќе електронски читачи свети директно во очите на читателот, додека кај печатената книги или кај оригиналниот ’Киндл‘, читателот е само изложен на светлината одбиена од страниците на книгата“, изјавил Чарлс Чеизлер, главен автор на истражувањето за Би-би-си. „Докажано е и дека недостигот на сон го зголемува ризикот од кардиоваскуларни заболувања, метаболички болести како дијабетес, дебелеење и рак. Од таа причина, нè загрижува потиснувањето на мелатонинот, што го покажа ова истражување кај испитаниците кога читаа од електронски читач што емитува светлина.“

Од друга страна, кога читате старомодна книга, таа може дури и да ви помогне подобро да спиете. Со тоа што си ги оттргнуваме мислите од тоа што нормално ни причинува стрес пред да заспиеме, книгата може да ни ги разбистри мислите и да нè натера да се почувствуваме сонливо, со што полесно ќе потонеме во мирен сон. Згора на тоа, нежната светлина што се одбива од страниците на една книга не му дава сигнал на мозокот дека е време да се разбуди како силно осветлениот екран на електронската книга или на телефонот.

Ако ги тргнете електронските уреди и се фокусирате на хартиена книга добивате многу поголема сосредоточеност.

3. Екрани = стрес

Според едно истражување во 2009 г., читањето ви помага да се ослободите од стресот побрзо или еднакво брзо како да слушате музика, како прошетка или како пиење кафе или чај. Кога истражувачите мереле пулс и напнатост во мускули увиделе дека луѓето се опуштаат по само шест минути читање

Но, читање на уред може да го нема тој ефект и дури може негативно да влијае на нивото на стрес. Постојана употреба на мобилни телефони или лаптопи навечер се поврзува со депресија, високи нивоа на стрес и замор кај младите. Постојаната употреба на технологија не само што ни ги нарушува навиките за спиење и ни го нарушува биоритамот туку и ни го намалува вниманието и ни го расцепкува фокусот додека сме онлајн, па скокаме од меме на меме, линк на линк и постојано го проверуваме „Фејсбук“. Социјалните медиуми и технолошките новитети со себе секогаш носат и вина и жалење и пред да се освестиме, веќе сме потрошиле три часа и мозокот ни е како каша.

Тешко е точно да одредам што точно ме влече кон хартиени книги, а што ме тера да ги избегнувам електронските. Можеби тоа се опипливите квалитети: Вртењето на страниците на книгата ми помага да гледам до каде сум и потцртувањето на прозата што се истакнува ми го прави искуството на читање многу интимно. Можно е и да е до научното објаснување зад сето тоа: дека обичните книги нè опуштаат за да заспиеме. Но, веројатно е до тоа што читањето ме тера да се потпрам на еден фокус што ќе ме пренесува во еден нов свет, оставајќи ги моите стресови и лични проблеми зад мене. Го запрев себичниот циклус на технологија што се ориентира околу проверување „Фејсбук“ или „Инстаграм“ или правење селфи (самослик), додека чекам мозокот да добие награда од известувањата и лајковите. Вистинските книги ми дозволуваат да се оттргнам од себеси и да влезам во нечиј туѓ свет. Сепак, модерниот свет може да биде напорен.

Читање на старомодни хартиени книги може да се чини како да е надвор од шема, бесцелен или непрактичен. Но, немојте да ја потценувате едноставноста на држење на физичка книга во вашите раце, да вртите страници и да немате нешто друго што ви го одзема фокусот. Посветете се на класичните хартиени книги и ќе добиете целосно, поздраво искуство.

Advertisements