Либи и Литература.мк дел од „Тинтири Минтири Филм Фест“
Под мотото „Филмови на големото срце“ ќе се одржи првото издание на меѓународниот филмски фестивал за деца „Тинтири Минтири Филм Фест“, во периодот од 5-ти до 7-ми јуни 2015 година во Кинотека на Македонија, а во организација на ДКЦ Тинтири Минтири, Аурипигмент продукција и Кинотека на Македонија.
Во борба за официјалната награда се пријавија 96 филмови за деца од цел свет, од кои организаторите одбраа 10 што ќе и бидат прикажани на македонската публика. Новитет на македонската фестивалска сцена е прикажувањето на осум краткометражни филмови изработени од 70-тина деца, членови на ДКЦ Тинтири Минтири.
Најдобриот филм на фестивалот ќе биде прогласен по гласањето на детската публика. Во рамки на Тинтири Минтири филм фест ќе бидат организирани и две работилници – едната за архивирање на филмовите, на која децата ќе можат да видат како се чува македонското филмско наследство за идните генерации. Втората работилница е за изработка на анимирани ликови и е наменета за деца од 6 до 11 години. Билетите за проекциите се бесплатни за сите посетители.
Во план е во втората фаза, програмата да биде прикажана низ повеќе градови во Република Македонија, со цел што повеќе деца да можат да ги видат филмовите. Поради големиот интерес на децата, ДКЦ Тинтири Минтири ќе се обиде да отвори свои клонови низ државата.
На фестивалот ќе биде објавен и конкурс за најдобро сценарио напишано од деца на возраст од 6 до 14 години, а наградата за најдоброто сценарио ќе биде снимање на филм според истото. Сценариото треба да е со должина најмногу до 10 страници А4 формат, напишано со големина на фонт 12. Сценаријата треба да се испратат на е-маил адресата: kc.tintirimintiri@gmail.com и на адресата: „В. Мачуковски“ 17 1/1 1000 Скопје.
Либи и Литература.мк ќе го поддржат настанот преку доделување книги од своите изданија на децата кои учествуваа во изработката на краткометражните филмови на овој филмски фестивал.