Интервју со Игор Маројевиќ, автор на романот „Белграѓанки“
Авторот смета дека ова мрачно четиво станало бестселер зашто „публиката посакала мрак по сите комерцијални наративи кои ни продаваат лаги за убавината на животот”. Игор Маројевиќ ќе биде гостин на штандот на Арс Либрис во рамки на Саемот на книгата 2015 во Скопје.
Циничен и духовит, српскиот писател Игор Маројевиќ (46) со „Белграѓанки” (која неодамна се појави на македонски јазик, во издание на Арс Либрис, дел од Арс Ламина публикации) создаде мрачен бестселер за Белград на 21. век, виден низ очите на жените. Вели дека успехот на книгата е баш во отсуството на хепиенд. „И најдобрите американски серии како ’Фарго’ и ’Брејкинг бед’, кои се појавија последниве години, зборуваат за негативни јунаци, a постигнаа приличен успех. Мракот можеби е понепријатен, ама е поточен. Особено во услови на вечната српска транзиција”.
Можат ли „Белграѓанки” да бидат и скопјанки и љубљанчанки?
Можат. До некаде. Иако ми е најпрагматично да кажам дека можат во целост и така да измамам некоја читателка да ја купи книгата. Но, никогаш не мамев во интервјуата во смисла: „купете ја книгата, во неа се ’пука’ од хепиендови, кој ќе ја прочита би можел многу да се смее и уште повеќе да плаче”. Секогаш назначував дека станува збор за приказни со „мрачни” теми и дека во нив не ги штедам своите хероини. Белграѓанките, скопјанките или љубљанчанките би биле слични толку, колку што ова четиво е универзално. Но, ако зборуваме за она локалното, мислам дека приказните на овие хероини се главно белградски зашто тоа е сепак единствениот неспорен велеград меѓу другите големи градови во регионот. Со самото тоа мислам дека тие би биле „побрзи” од скопјанките, зашто метропола како Белград со несреден сообраќај кој го „јаде“ времето” тера на голема брзина во неговото надоместување.
„Мнозинството луѓе се глупави и подли, а мнозинството животни ситуации се непријатни. Апсолутно мнозинство.“
Но, тие не би биле побрзи и од љубљанчанките кои се поблиску до Западот, зашто брзината во производството на информации и во извршувањето на обврските е тоа што средиштето на Духот на времето примарно го диктира. Затоа, пак, на љубљанчанките животот им е просторно постеснет, па на некој начин се можеби пофрустрирани. Од друга страна, бидејќи од тие три градови Белград во последните 25 години најмногу ги исцрпе своите жители, веројатно белграѓанките се помалку женствени од љубљанчанките и од скопјанките. Ех, понекогаш премногу генерализирам. Тоа се само синдроми.
Што им е заеднички именител на модерните жени во големите градови?
Поголема или помала брзина. Борба на време да ги завршуваат обврските и во исто време да ја сочуваат женственоста. Тоа не е лесно, особено на Балканот каде што ја имаат и препреката на мачизмот. He ни е лесно ни нам, зашто таму каде што постојат правила на играта мора да се заработува, а мажјаците кои не го прават тоа – излегуваат од играта. Уште потешко ни е ако не се служиме со мачистички палки, освен во кревет. Сè би било многу полесно ако родителите во својата заслепеност со социјалистичкиот псевдокомфор, можноста за летување и
свинските полутки, не нè мамеа дека животот е убав и дека мнозинството луѓе се добри. А, не е така.
Дали беше потребна храброст за разбирање на жените?
За разбирањето на жените беше потребно толку храброст колку што е неопходна и за одлуката да останам жив, и покрај сите непријатности кои животот великодушно ги нуди. За тоа, освен таков вид на свесност, е потребна и храброст, иако самоубијците се похрабри, често и помудри и попрагматични.
Зошто избравте да го прикажете Белград на 21. век низ женска визура?
Да го парафразирам Алфред Деблин, писателот на „Берлин Александерплац” – граѓата го диктира пристапот кон пишувањето. Машкиот агол на прикажувањето на Белград на 21. век од мојата визура би бил целосно губитнички, што би укинало каков било позитивен ориентир, а потоа би имал проблем и со квалитетот на идеологијата и драматургијата на делото. Српските мажи во 90-тите се повеќекратно поразени во војната, а во 21. век, дефинитавно, и економски. Затоа, мачизмот кај нас сè повеќе пука, а насилството и психопатските гестови спрема жените се последните средства на последните мачисти. Жените, пак, се повитални, зашто не носат одговорност за поразот и не се толку економски победени. Освен тоа, ја користат интуицијата што е единствен можен модел за опстојување во нејасни времиња како транзицискиве. „Белграѓанки” се всушност книга за вечната транзиција со посебен акцент на 21. век.
Интервјуто е преземено од „Теа модерна“

Интервју со Игор Маројевиќ, авторот на романот „Белграѓанки“, во Теа Модерна, објавено на 29 април 2015
Пингување: Literatura.mk