Интервју со Александар Илиќ, автор на романот „PR“
Роден во аналоген, а израснат во дигитален свет, овој млад писател ги спои тие два светогледи во една книга, која откако стана бестселер во Србија, штотуку е преведена и на македонски. Александар Илиќ ќе биде гостин на Арс Либрис за време на Саемот на книга 2015.
За Александар Илиќ (33) велат дека е новиот „енфан терибл“ на српската книжевност. Тој е коавтор на нај бруталниот српски роман во третиот милениум – „Српски психо“ и автор на хит-книгата „Пи-ар“, која во издание на Арс Либрис, дел од Арс Ламина публикации, е преведена и на македонски јазик.
„Пи-ар“ е најавен како роман кој ги истражува границите на љубовта и бесконечноста на интернетот. Нели беше обратно пред појавата на глобалната мрежа кога љубовта беше бесконечна, а комуникацијата ограничена?!
Пред интернетот светот беше поголем, со интернет е побесконечен. Поголем, зашто сè беше помалку достапно, а бесконечен зашто стана непрегледен во својата целосна достапност. Претставата на љубовта како нешто бесконечно ми се чини како непотребна идеализација. Интернет не ја промени љубовта. Љубовта е, главно, смртна, луѓето се вљубуваат и одљубуваат, раскинуваат и се разведуваат, повторно се вљубуваат… Дигиталноста и интернетот се конститутивни елементи на современиот свет и негово проширување во комуникацискиот сектор. Светот во кој денеска живееме се разликува од својот претходник, не во тривијална смисла која може да се детектира на обично минување на времето. Промената е суштинска. Како што некогаш од камена преминавме во бронзена доба, така и сега сосем сигурно влегуваме во нова епоха – дигитална доба. Светот е проширен, поголем е за интернет. Главната одлика на тоа ново подрачје е комуникацијата. Затоа во романот се занимавам со пи-арот, како вештина која најдобро завладеа со тоа ново говорно подрачје. Покрај тоа, комуникацијата е услов на едно од базичните чувства – љубовта – а со појавата на интернет и на социјалните мрежи создадена е цела низа на нови тунели како за размена на емоции и љубовни (не)успеси, така и за изградба на разни емотивни и љубовни формации. Кога тие два аспекти на комуникацијата ги споив го добив заплетот – љубовен триаголник во пи-ар агенција.
Мислам дека суштинска разлика меѓу е-книгата и традиционалната не постои. Сеедно ми е.
Јасно е што добивме со тоа ново поврзување на пи-арот и интернетот. Што изгубивме?
Интернетот го смени начинот на комуникација, но не и тоа што го чувствуваме. Создаде ново подрачје за дијалог, а со самото тоа и за љубов. Некогаш за запознавање, одржување на врските и размена на нежности се користеа телеграми, писма, фиксни телефони, честитки. Денес за тоа ни служат мејлови, Фејсбук и Вибер. Лај- кови, меншни, шерови и твитови се патот до инбоксот, инбоксот до излегување на состанок, а состанокот до љубов. Понекогаш излегувањето изостанува. Кога некому нешто лајкувате, сте го направиле среќен. Лајковите се допамински инјекции. Тој податок луѓето денес често го користат за додворување: наместо рози подаруваме лајкови. Веројатно со едно шерување може да се компензира трошокот и ефектот на цел букет. А, нема опасност романтиката да се лизне во патетика. Се трудев да ги прикажам луѓето кои без носталгија за офлајн-обичаите целосно уживаат во современите видови на комуникација. Тоа се луѓето на новото време. He му се радуваат само на лајкот, туку со помош на интернетот пронаоѓаат љубов.
Кога некому нешто лајкувате, сте го направиле среќен. Лајковите се допамински инјекции. Тој податок луѓето денес често го користат за додворување: наместо рози подаруваме лајкови.
Можете ли да поминете ден без интернет?
Можам, иако сметам дека офлајнот е чист каприц. Изложеноста на интернет, пред сè, е изложеност на информации. Во поглед на социјалните мрежи, тие се главно небитни и на подолг рок – оптоварувачки. Во таа смисла, заминувањето или потонувањето во офлајн-статус го доживувам како нужен луксуз: како некој вид туризам лишен од авантура. Да скратам – некогаш луѓето оделе во бањи, се капеле во сумпор и се мачкале со кал. Денес одиме онлајн и се нервираме ако нема безжичен нет. Интернетот победи. Ни требаат дигитални бањи. ■
Интервјуто е преземено од „Теа модерна“
Пингување: Literatura.mk