Можете да го сакате или да го мразите – но статистиката зборува во негово име: седумкратен Формула 1 шампион, рекордна 91 гран-при победа, единствен возач во историјата што во една сезона (2002) не завршил ниту една трка под третото место. Накратко: уште пред четириесеттата година од својот живот, Михаел Шумахер е една од најголемите легенди на најбрзиот спорт!
Во „Врвот на величественоста“, Џејмс Ален, некогашниот коментатор за Формула 1 на ITV и актуелен дописник за BBC News F1 и BBC Radio 5 Live, во ексклузивна соработка со најблиските соработници на Шумахер, ни ја открива двојната историја на создавањето на оваа легенда: онаа за благодарниот и хуман татко и пријател и онаа за екстра-талентираниот, препреден и суров Формула 1 шампион.
Македонскиот превод на книгата „Михаел Шумахер: Врвот на величественоста“ е дополнет со разговор со авторот Џејмс Ален, направен специјално за ова издание и првпат објавен овде, на македонски јазик. Целта на разговорот е изданието да биде осовременето преку осврт на настаните поврзани со Михаел Шумахер од појавата на меѓународната верзија на книгата во 2008 година до денот на издавањето на македонското издание во 2015 година. Оттука, во моментот на печатење, македонското издание е најосовременетата биографија за Михаел Шумахер на кој и да е светски јазик.
Книгата „Михаел Шумахер: Врвот на величественоста“ од Џејмс Ален, со превод и предговор на Александар Табаковски, е веќе во продажба! Достапна е на сите продажни места на МПМ во земјата.