На 15 април 2015 година во Менада се одржа трибина посветена на неодамна починатиот писател Тери Прачет, насловена „СМРТТА ЗБОРУВА СО ГОЛЕМИ БУКВИ“.
Тери Прачет, кој почина на 12 март годинава, е најпознат по епското дело – хумористично-фантастичниот серијал „Дисксвет“. Трибината, освен што претставуваше мал омаж на авторот и неговиот опус, преку повеќе поттеми се опфатија и следните прашања: хуморот како еден од начините на разгледување на универзалните прашања: религиозни, општествени, политички, морални; хумористичниот поглед на животот и смртта; предизвиците на преводот на книжевен хумор, особено предизвикот за превод на делата на Тери Прачет.
Модератор на настанот беше Ана Зафирова, а учесници : Д-р Александар Таковски, Анета Мострова-Јованова, М-р Дејан Василевски и Д-р Милан Дамјаноски.
На трибината се отворија неколку прашања околу Прачет и неговото творештво. Најпрвин се пристапи кон запознавање со авторот, каде што преведувачите зедоа централно место. Потоа се обработуваа новите преводи на Прачет и се разговараше за односот на лекторот кон делото на Прачет, а најмногу за неговата интерпункција во однос на македонскиот литературен јазик и какви решенија можат да се најдат. Се говореше и за ликот на Смртта во делата на Прачет и околу тоа зошто авторот ѝ дава на Смртта да зборува само со големи букви.
Ова беше и повод да ги промовираме третиот и четвртиот дел од серијалот Дисксвет („Еднакви ритуали“ и „Морт“).