Сакав да ги раскажам приказните од моето минато

Интервју со турскиот писател Бурхан Сонмез, авторот на „Невини“

 

Многу мали приказни сочинуваат една голема што се случува помеѓу Турција и Кембриџ (Обединетото Кралство) во која се испреплетени спомени и прогонства.

 

Бурхан Сонмез е млад турски писател којшто со години е присилен да живее во егзил во Кембриџ, Англија, поради политички причини. За време на своето враќање во татковината тој одигра важна улога во протестите на плоштадот Таксим. Неговиот последен роман „Невини“ ја поврзува болката од егзилот со спомените, со митовите и легендите од неговото детство поминато на Хајмана, јужно од Анкара.

Првите зборови од романот одат вака некако: „Мојата татковина беше моето детство“, израз со кој може да се поистовети секој бегалец. Тоа е приказна за алтер егото на авторот, Брани Таво, којшто во една книжарница во Кембриџ среќава друг прогнаник, Ферузе, жена од Иран. Двајцата, коишто подоцна се заљубуваат, минуваат низ својот прогон, си ги култивираат спомените и ги облагородуваат со своето читање и култура.
burhan_sonmez

Улогата на спомените е мошне значајна во вашиот роман која во различни поглавја се движи од сегашното време во Кембриџ до сеќавањата од минатото, дури три генерации наназад.

Да, романот се развива на три нивоа, сите врзани со спомените. Првото е во земјата на потеклото од каде што двајцата протагонисти избегаа во егзил. Второто е нивното детство. Третото е за животот и смртта, бидејќи протагонистот преживеа одреден степен на насилство.

 

Дали тоа насилство му предизвика несоница?

Да. Протагонистот беше нападнат од полицијата… но, не е тоа целта.

 

Можете да објаснете?

Една турска изрека вели: „Ако некој премногу често се навраќа на зборовите од Алах, тогаш човек треба да се посомнева дека тој арно не мисли“. Денес сме сведоци како Владата на Ердоган постојано ја споменува традицијата, Отоманската Империја, Турската војска и големата мината култура на државата, а во реалноста паралелно работи да го уништи минатото, збришува цели древни шуми, загадува стари реки, ја покрива земјата со цемент под името на екстремниот индустријализам. Ние тоа го толкуваме вака: ајде да го уништиме минатото за да ја изградиме иднината.

 

Навраќајќи се на тоа на кое се сеќава вашиот дедо и на војната помеѓу Грција и Турција, книгата опфаќа долг, високо поетичен преглед на минатото, со многу литературни референци.

Поезијата е можеби најважниот елемент, бидејќи токму таа го претставува минатото, а не сегашноста. Мојата земја и моето детство се врзани за поезијата. Еден реалистичен елемент што го вметнав во приказната е графит на кој наидов во еден подземен премин во Кембриџ. Некоја анонимна рака почнала да пишува: „Уметноста на поезијата…“, кога некој или нешто ја прекинала таа рака. Кога одам на терапија поминувам секој ден низ тој премин, ја читам таа прекратена реченица и размислувам како можам да ја завршам. Еден ден некој ја беше завршил и прочитав: „Уметноста на поезијата е умирањето“. Тоа беше важен момент од мојот живот, симболичен момент. Почнав да размислувам за оваа книга, за која имав многу приказни и сакав да испадне како приказна во приказна. Тоа е целта на литературните референци, да се вклопат во секвенцата без да засметаат.

 

Што претставуваат Англија и Кембриџ, каде што се среќаваат двајцата протагонисти? Брани Таво ја прашува Феноре: „Да те закопаа овде, што ќе беше за тебе оваа земја“?

Тоа прашање е цитат од Руперт Брук, поетот кој кога почина беше закопан во Грција, на Скирос. Мислам дека тоа е прашање што многумина азиланти си го поставуваат. Ферузе дава одговор на тоа прашање кога се враќа во Иран и на себе си тетовира една роза, розата од Книгата на тајните, за да умре со таа трага од Иран врз своето тело. Тоа е референца на традиција од Стара Персија, сè уште широко распространета во Иран каде што секој си има своја Книга на тајни. Тоа е книгата што секој од нас ја избира како водич за својот живот – наутро ја отворате произволно, читате некој израз и тоа ви кажува што ви претстои тој ден. Нешто слично на начинот на кој Библијата се користеше на Запад, ја отворате за да прочитате што било.

 

091Која е вашата лична Книга на тајни?

(Бурхан Сонмез, засрамен, се вцрвува.) Ги имам многу, ама сите се поетски книги.

 

Во романот има една реченица од Витгенштајн. Протагонистот оди кај гробот на филозофот и среќава една жена која открила дека мажот ù ја изневерувал откако прочитала фраза во Tractatus Logicos-Philosophicus (Логичко-филозофска студија): „Дека сонцето ќе изгрее утре е хипотеза; а тоа значи дека не знаеме дали ќе изгрее“. Дали го избравте Витгенштајн бидејќи тој е погребан во Кембриџ?

Не, во Кембриџ има премногу гробови на познати луѓе. Се решив за него поради неколку причини. Филозофијата се занимава со целото и со поединечните делови. Историски, имаше такви кои почнуваа од целото за да дојдат до деловите и такви кои почнуваа од деловите, ги составуваа, за да дојдат до целото. Витгенштајн, како и Аристотел, верувал дека целото не е ништо друго освен целина составена од дела на различни поети. Ова значи дека малите делови, кога ќе се состават, го сочинуваат целото и токму тоа е значењето на мојата книга: во неа има бројни мали приказни кои кога ќе се состават сочинуваат поголема приказна. Филозофијата на Витгенштајн беше корисна за да ја објасни структурата на мојата книга.

 

Дали Кембриџ претставува нешто друго, во роман што во својата суштина е за Турција?

Понекогаш го бараме најдобриот начин да ја кажеме својата приказна. А понекогаш токму тоа се случува кога зборуваме за нешто друго. Дон Кихот е приказна за еден голем витез, идеалист и мечтател, но половина книга е за Санчо Панса, едноставен човек, без мечти, тотална спротивност. Преку Санчо Панса читателот подобро го разбира Дон Кихот. Сакав да ги раскажам приказните од моето минато, местата од моето детство на рамнината Хајмана, и ми требаше спротивност – таквата улога ја доби Кембриџ.

 

Автор: Диего Зандел

 

Оригиналниот текст можете да го прочитате тука.

Advertisements

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s