Извадок: „Напред: Како Старбакс се бореше за неговиот живот без да ја изгуби својата душа“

„Овој датум е многу значаен за мене“, им реков на бармените и на нивните раководители на продавници, што седеа окулу мене во малиот ресторан. „Пред точно 28 години, на седми септември 1982 година, почнав да работам во првата продавница Старбакс, вашата продавница, овде на пазарот Пајк плејс“.

Посегнав во мојот џеб и извлеков клуч. „Сè уште го чувам мојот од влезната врата“. Не беше нешто што би очекувале дека ќе го носи со себе генералниот директор на Старбакс, но јас го зачував на мојот приврзок за клучеви, како постојан потсетник на одговорноста што ја имам во оддавањето почит кон наследството на компанијата и на луѓето кои биле тука пред мене. Од своето отвoрање во 1971 година, излогот на продавницата Пајк плејс остана непроменет, вклучувајќи го и оригиналното лого.

Неколку недели порано, Чад Мур, раководителот на продавницата, ме контактираше преку е-пошта за да го пофали неговиот тим за постигнатата рекордна продажба, осум недели по ред. Видно импресиониран, побарав дозвола да го однесам целиот тим на вечера. Така сите би можеле да присуствуваат, и бармените од другите локации и неколкуте реонски раководители, на кои, додека прославувавме, им беше понудено да работат во продавницата Пајк плејс. Сега, во оваа топла сиетелска вечер, ние, 27-темина, го имавме ресторанот само за нас.

Во текот на вечерата, седнав и разговарав со луѓето од секоја маса. Возраста на групата се движеше од 28 до 40 години, па разговорите беа лесни и живи. Во еден момент, некој побара од мене да раскажам малку за сопствената историја. Не можев, а да не се насмеам.

***

Пораснав во сиромашните квартови на Бруклин, Њујорк. Го завршив колеџот со сопствени средства и се преселив во Сиетл заедно со сопругата Шери, вработувајќи се како шеф на маркетинг во една мала компанија за кафе која се викаше Старбакс. Ги поминав првите недели работејќи во продавницата Пајк плејс, учејќи сè за кафето, oдделувајќи им свежи зрна на купувачите и продавајќи им ги во мали кесички. Но, дури на едно работно патување во Италија, ја открив, сосема случајно, мојата вистинска страст.

Посетувајќи мали барови за еспресо низ Милано и Верона, бев обземен од моќта која може да ја има вкусувањето на само еден филџан кафе во поврзувањето на луѓето и во создавањето заедница меѓу нив; и оттогаш бев решен да го донесам кафето од светска класа во Соединетите Држави, како и романтиката на италијанските барови за еспресо. Тоа беше искуство за кое страсно верував дека може да им го збогати животот на луѓето. Но, многумина не веруваа во мојата визија – во тоа време продавниците на Старбакс не продаваа пијалаци, туку само цели зрна и мелено кафе. Така, го напуштив Старбакс и отворив сопствена компанија за кафе, Ил џорнале.

Отворивме два бара за еспресо во Сиетл и еден во Ванкувер, Канада. И тогаш, во 1987 година се најдов во позиција, но без доволно пари, да откупам од моите поранешни работодавци шест продавници и пржилница за кафе. Со поддршка од неколку инвеститори, ги споив двете компании и одлучив да го задржам името Старбакс, компанија за кафе.  До крајот на истата година, веќе имавме 11 продавници, 100 вработени и сон да создадеме национален бренд.

Есента, 2010 година, Старбакс ги објави своите најдобри финансиски резултати во својата речиси 40-годишна историја – наспроти претходните предвидувања на критичарите, дека нашите најдобри денови се зад нас. Сепак, бизнис-позицијата на Старбакс никогаш не била толку здрава, подготвена за профитабилен раст, не само преку отворање нови продавници низ светот туку и преку зајакнување на врските со купувачите, иновативни понуди и повеќе места за продажба на нашите производи. Денес, Старбакс остварува повеќе од 10 милиони долари во годишни приходи и им служи на речиси 60 милиони посетители неделно во 16.000 продавници во 54 земји. Повеќе од 200.000 луѓе, кои ние ги нарекуваме партнери, го претставуваат Старбакс.

Star22

Иако овие бројки се едно од мерилата за успехот на нашата компанија, сепак, тие не се она што го прави Старбакс навистина успешен, барем не според мојата дефиниција. Како деловен лидер, гостите никогаш не сум ги гледал само како средство за победа и за правење пари, тие секогаш биле истовремено и средство за градење голема, издржлива компанија, чија цел отсекогаш била да постигне рамнотежа меѓу профитот и социјалната совест. Ниту еден бизнис не може да биде добар за неговите акционери без претходно да направи добра средина за сите што се засегнати од тој бизнис. За нас, тоа значи да правиме најдобро што можеме за да ги третираме сите со почит и со достоинство, од земјоделците што произведуваат кафе и бармените до купувачите и соседите. Разбирам дека звучи возвишено настојувањето да се оствари профитабилност без да се жртвува хуманоста. Но, јас отсекогаш настојував да не ја напуштам таа цел – дури и кога Старбакс и јас го загубивме својот пат.

Со децeнии доживуваа успех акционерите и партнерите на Старбакс. Ние бевме првата компанија во САД што нудеше истовремено целосна здравствена заштита, како и можност за капитал во форма на акции за работниците со скратено работно време, и постојано бевме прогласувани за предвесници на тоа што значи одлично место за работа. Во 2000 година се повлеков од функцијата извршен директор (од почетоците на Старбакс, досега ги намаливме сите работни места) и станав претседател, оддалечувајќи се од секојдневните активности и фокусирајќи се на глобалната стратегија и на проширувањето. Во следните години, го забрзавме растот на продажбата и на нашата самодоверба, а вредноста на нашите акции се зголемуваше како што се зголемуваа нашите плати и профит, квартал по квартал, по квартал. Сè до кварталот во кој не се зголемија.

До 2007 година, Старбакс веќе почна да се изневерува себеси. Опседнати со растот, го тргнавме погледот од активностите и се оддалечивме од јадрото што го сочинуваше нашиот бизнис. Ниту една лоша одлука, или тактика, или личност не беше виновникот. Штетата беше бавна и тивка, во пораст, како една лабава нишка што го расплетува џемперот котелец по котелец. Одлука по одлука, продавница по продавница, купувач по купувач, Старбакс почна да губи некои од основните карактеристики врз кои беше создаден. Уште полошо, нашите самоиндицирани проблеми беа усложнати од надворешни околности, како што светот поминуваше низ промени, без преседан, на неколку фронта.

Најзначајно, економијата се движеше со огромна брзина кон катаклизмична финансиска криза, која би можела да уништи трилиони долари во лично богатство; да поттикне кредитна криза и високо ниво на невработеност; и на крај да се претвори во развиена глобална рецесија. Во исто време беше во тек сеизмичка промена во однесувањето на потрошувачите. И луѓето не само што имаа посвесен однос кон цените туку и стануваа посвесни за животната средина, насочени кон здравјето и беа движени од етичкиот кодекс. Потрошувачите бараа од компаниите со кои соработуваа повисоки стандарди, вклучувајќи го и Старбакс.

Тогаш се случи и дигиталната револуција и море од промени во движењето на информациите – пролиферација на електронските медиуми и на социјалните мрежи, како и издигнување на блог-сферата. Премногу често, размената на мислења и на вести во светот во реално време се чинеше дека го следи секој чекор на Старбакс.

Конечно, навалата од нови конкуренти на кафе – од мултинационални корпорации па сe до независни кафетерии – брзо навлегоа на пазарот и со тоа Старбакс стана нивна цел, кон која многу често беше насочено тешко непријателство и критика, без извинување. Ова би биле застрашувачки предизвици за секоја компанија. А, кога се работи за Старбакс, ги земам сите закани многу лично. Старбакс тече низ мојата крв. Таа е таков дел од мене што да ја оставам незаштитена, едноставно, не беше опција. Премногу луѓе работеа напорно за да создадат компанија што ги наградува своите вработени и инвеститори, а тоа со години носеше моќен производ и искуство. Како претседател, се сметав за одговорен за проблемите што ги креиравме самите. И, иако не знаев како точно да ги адресирам различните притисоци насочени кон нас, знаев дека, без дневна контрола на бизнисот, во суштина, бев немоќен да го спречам потонувањето на Старбакс.

Така, во јануари 2008 година, изненадив многу луѓе, враќајќи се на позицијата генерален директор. НАПРЕД! – е приказна за она што се случи понатаму.

Starbaks - Hauard Sulc

 

Извадок од книгата „Напред! Како Старбакс се бореше за својот живот без да ја изгуби својата душа“ од Хауард Шулц

 

 

Advertisements

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s