Книга е супер подарок!

…Особено кога можеш да најдеш баш за секого по нешто :). И за најмилите малечки, и за поголемките, и за откачените тинејџери, за љубителите на спортот, за вистинските книжевни сладокусци, за татковците, мајките, бабите и дедовците…

Оваа листа на нашите најнови изданија е баш тоа: предлог-подароци за различните типови на луѓе, за различни возрасти и секако, во различни жанрови.

За дечињата од четири до седум годинки ја препорачуваме серијата боенкиво издание на брендот за детска литература LIbi. Погледнете ги „Диносауруси“, „Принцези“, „Зошто доцни Дедо Мраз“ и „Чудовиштата од планетата Зорг“ и одберете го она што најмногу ќе му се допадне на Вашето малечко :).

 

Dedo Mraz mock up-01„Што сонуваше Дедо Мраз“ на Билјана С. Црвенковска е нашиот прв роман за деца од домашен автор, наменет за деца од 9 години нагоре и за оние што сакаат да сонуваат :).

Се ближи Нова година, но нешто необично се случува. Во сандачето на Дедо Мраз пристигнаа едвај неколку писма. Поштарот доаѓа ретко, а и на имејл се појави само една порака.

Само една?!

Да, само една, и тоа крајно вознемирувачка.

„Скандалозно!“ ќе извика Дедо Мраз, откако ќе ја прочита пораката.

А потоа следува една волшебна, и смешна и тажна, и возбудлива и опасна, авантура, што ќе го одведе Дедо Мраз во Земјата на соништата, а џуџињата Лутко, Буцко и Спанко ќе пропатуваат половина Земјина топка и назад… и сето тоа во само една единствена ноќ!

 

 

mock-up-web1

„Јавач на китови“ на Вити Ихимаера е емотивен и трогателен роман според кој е снимен и филмот од 2002 година.

Традиционално водено од маж-поглавар, маорското племе од Вангара – чиј митски предок Паикеа дојавал на брегот на грбот од еден огромен кит – се соочува со една непредвидена неугодност: првороденото правнуче и единствен вистински наследник на веќе стариот и изнемоштен поглавар Коро е широкоокото девојче по име Каху. Коро е растргнат пред својата должност да ги зачува традициите загрозени од налетот на модерното време и неможноста да ја продолжи средишната: лозата на моќни машки поглавари. Кризата се продлабочува кога на брегот на Вангара се насукува јато китови. Иако племето храбро се бори да ги спаси и да ги врати во океанот, тие еден по еден почнуваат да умираат. Настаните кулминираат со насукувањето на еден огромен кит со сребрена тетоважа на челото кој племето го смета за светиот кит на Паикеа. Меѓу вербата дека опстанокот на Маорите зависи од нивната способност да го спасат светиот кит и борбата на Каху за љубовта и одобрувањето на нејзиниот дедо, се разоткрива приказна за една од оние судбини во кои митското се прелева во реалното, а реалното постанува нов незаборавен мит.

 

Тинејџерските  бестселери Делириум“ и „Пандемониум“ на една од најдобрите писателки на дистописки тин романи Лорен Оливер, се одличен подарок и за момчињата и за девојчињата во овие години.

mock-up-web4Моќниот дистописки роман на Лорен Оливер – „Делириум“ (првиот дел од трилогијата „Делириум“) претставува свет страшен како Орвеловата „1984“ и една забранета романса споредлива со онаа на Ромео и Јулија. „Делириум“ е најпродавана книга според „Њујорк тајмс“ и еден од стоте најдобри тинејџерски романи на сите времиња според Народната библиотека во Чикаго.

Влезете во светот каде што љубовта е забранета и прогласена за опасна болест – делириум, а владата на САД ги присилува сите што ќе наполнат 18 години да бидат подложени на интервенцијата. Лена Халовеј живее во ваквото сигурно и диригирано општество, со нетрпение очекувајќи го денот кога ќе биде излекувана и безбедна од делириумот што го уништи животот на нејзината мајка.

mock-up-web7Но, 95 дена пред нејзиниот 18-ти роденден Лена го запознава Алекс, самоуверено и мистериозно момче кое доаѓа од Дивината и го претставува сето она од кое Лена досега стравувала… а од друга страна, секогаш кога ќе го сретне, нејзиното срце затреперува. Што ќе се случи ако таа се вљуби во него?

 

Во „Пандемониум“, вториот дел од оваа трилогија, Лорен Оливер ја става Лена пред сосема нови предизвици и во многу опасности. Новата Лена е Невалидна – таа е дел од Дивината и движењето на отпорот, но е и многу посилна, поодлучна и посигурна во себе… Овој брилијантен роман е полн со електрицитет, забранета љубов, силен отпор против „зомбијата“ од другата страна на оградата, а и најава за првите зачетоци на револуцијата…

 

 

mock-up-web2„Краткиот чудесен живот на Оскар Вао“ на Џуно Диаз, роман кој е добитник на Пулицеровата награда за проза.

Оскар, гето-бубалица со исклучително големи познавања за маргинализираната стрип, „гејмерска“ и нф-супкултура, но без никаков талент за приоѓање на девојка, го живее животот растргнат меѓу желбата да стане доминиканскиот Толкин и самотната реалност во која единствени пријатели му се оние што сакаат преку него да стигнат до неговата сестра. Иако израснати во Њу Џерси без татко и од строга мајка која нема четврто срце, Оскар и Лола се наследници на една историја коренито и неповратно подриена од страна на лудиот диктатор Трухиљо. Па, сепак, соочени со неизбежната трагедија на сопствените животи, тие пркосно се обидуваат од нив да извлечат убавина и љубов.

Долго подготвуван и уште подолго очекуван, Краткиот чудесен живот на Оскар Вао е првиот роман на популарниот, оригинален и критички уважен Џуно Диаз. Искрен и топол, трогателен и комичен, Краткиот чудесен живот на Оскар Вао е книжевен триумф, една од најдобрите книги напишани во текот на последната деценија.

Џуно Диаз е современ американски писател со доминиканско потекло, првиот книжевник од оваа островска земја со репутација на голем автор во САД. Истражувајќи ја двојноста на имигрантското искуство преку гласот на еден често присутен наратор со шпанглиски говор и селинџеровска присност, по само еден роман и две збирки раскази, Диаз веќе го има зацементирано својот статус на култен и обожаван автор – и меѓу читателите и меѓу критичарите.Bas Sakofon mock up

 

„Бас-саксофон“ на Јозеф Шкворецки е збирка од две новели кои ги поврзува џезот и тоталитарните режими. Во насловната се следи животот на еден џезер кој, заведен од моќта на музиката се вплеткува во низа надреални ситуации. Бидејќи е забранет од режимот, паралелно, импровизаторските моќи на џезот се проследени и како израз на протест против секаква тоталитарна политика. Заплетот во втората новела – „Легендата Емеке“ – настанува кога еден од продуктите на овие режими (постар партиски функционер) се вмешува во романтичната врска на младиот наратор со мистериозната Емеке. Одмаздата следува потоа.

 

 

„Ноќ во Европа“ од Полона Главан е омнибус од пет меѓуповрзани приказни, кој ја реактуелизира визијата на Џим Џармуш од неговиот веќе култен филм „Ноќ на земјата“ (1991): луѓе од различни делови од светот се сретнуваат во возот од Париз до Амстердам во текот на една августовска летна ноќ во 1998 година.

Протагонистите на романот се млади „бекпекери“ од различни делови од Стариот континент и од Америка, кои патуваат низ современата Европа со воз. Нивните лични искуства, нивните културни заднини – исто како и нивните купера – се подвоени и конституираат посебни светови: некои се трауматизирани од Југословенската граѓанска војна, други се вљубуваат, а трети пак се разделуваат на крајот од патувањето. Но секогаш остануваат ветувањата за повторни средби, за мултикултурна Европа, во која Истокот и Западот се обединуваат во идејата за наднационален европски идентитет. И токму овде, во оваа метафора, треба да се бара и наоѓа смислата на романот на Главан.

 

mock-up-web„Ноќна шума“, најпознатото дело на енигматичната Џуна Барнс, e еден од најраните романи од реномиран автор во кои експлицитно се обработува хомосексуалната љубов.

Делото минува низ цела одисеја од обиди и одбивања, редакции и цензури, сè додека Т. С. Елиот не ја препознае неговата несомнена вредност и не го препорача за објавување во годината на нацистичката Олимпијада.

Своето место во книжевниот пантеон го има обезбедено пред сè поради неговиот речиси непреводлив и уникатен стил, кој од првата страница го открива присуството на голем и неодминлив автор. Тешкиот, лирски евокативен, јакобински раскошен и декадентно готски јазик на Џуна Барнс искричаво се распрснува низ секоја од страниците на нејзиниот tour de force роман, нурнувајќи го читателот во превртениот свет на европските Бурни дваесетти и обликувајќи еден од најнезаборавните ликови во историјата на целокупната светска книжевност: доктор Метју О’Конор.

 

 

„Времето на жените“ на Елена Чижова е приказна раскажана од типично женски аспект.vreme-na-zenite-mock-up-za-ubavina-i-zdravje

Во „Мртви души“, Гогољ пишува дека постојат некои мали нешта што се чинат мали само кога ќе станат дел од книжевно дело; вон него – изгледаат небаре се најважни на светот. И буквално и симболично, „Времето на жените“ на Елена Чижова како да го тврди спротивното: постојат некои мали (намерно и немарно нарекувани) женски нешта – лупењето кромид, капењето постари жени, одбирањето материјал за нов фустан – што се поважни од големата (и машки извојувана) победа над фашизмот во Втората светска војна. Најпосле, – вистинската приказна за 872-дневната Опсада на Ленинград не ја знаат мртвите херои за кои се напишани пропагандистичките лекции во историите, туку нивните живи сопруги и сестри кои не само што ги гледале своите блиски како изгладнуваат до смрт, туку и го раздале сето свое злато за да откупат од профитерите доволно леб за своите деца — токму оние што на училиште нема никогаш да ја слушнат оваа верзија од историјата.

 

Привидно едноставна приказна за нетипичното израснување на едно навидум немо девојче – чија пожртвувана мајка работи двосменски за да обезбеди за потребите на сите – од страна на три баби што живеат во истиот стан, Времето на жените е приземен, емотивен и трогателен роман со нималку наивна претензија да ја подрие официјалната руска историја.

 

„Спортскиот амбасадор Новак Ѓоковиќ и подемот на Србија“  на Крис Бауерс можете да ја купите со Македонски спорт, на сите продажни места на МПМ.

Новак Ѓоковиќ не е само еден од најдобрите тенисери во светот – тој е и амбасадор на својата татковина, Србија. Нималку лесна работа, ако се имаат предвид многуте светски извештаи во кои редовно се наоѓа по некоја реченица за улогата на Србија во југословенските војни од 1990-тите.

Своето истражување за Новак Ѓоковиќ и за Србија, Крис Бауерс го проследува со исцртување на два моќни портрета. Првиот е оној на едно навидум обично момче од скромно опкружување, кое, по запознавањето на жената која ќе го научи да игра тенис и да се справува со притисоците на животот на една суперѕвезда, се впушта во непрестајна борба за оптимално здравје и за непрестајно надминување на себеси, од година во година правејќи ја сè погорда сопствената земја. Вториот, пак, е приказната на Србија, од нејзината улога во војните од 90-тите до надежите и аспирациите на луѓето што се наследници на ова проблематично минато. Комбинирајќи ги двете претстави, книгата се заокружува со ставовите на Ѓоковиќ врзани со неговото сфаќање за сопствената татковина и нејзината репутација – споделени токму со авторот на оваа впечатливо дело.

Бауерс ги испреплетува овие спортски и геополитички нишки со цел да направи разумен портрет на еден човек и на неговиот народ и да покаже како решителноста, разумноста и талентот можат да создадат еден наднационален спортски амбасадор.

Mak-Sport-01

Advertisements