Извадок: ПАДОТ НА БЕРЛУСКОНИ

„Извини Ландолфи, ќе сакаш ли да ми објасниш што всушност се случи минатата вечер?“

Агентот Марко Ландолфи, шеф на патролата „Монфорте бис“, сè уште е преморен. Во очите е како претепан. Премногу ноќни смени. Како и да е, се гледа од него дека нешто друго го јаде. Нешто што се случило вечерта на 27 мај. Вистински пекол. „Сакаш да се кладиме дека некој ќе ме преебе?“

„Што има Ландолфи, кажи?“

Едмондо Капечелатро, главен раководител на одделението за внатрешни работи на улица „Пома“, подобро познат како комесаријатот Монфорте – историско седиште на полицијата од Милано – разлистувајќи ги утринските весници, штотуку ја запали својата прва цигара. Му фалат шест месеци до пензија и не може да дочека да поминат за да може конечно да се посвети на својата вистинска страст. Театарот.

Тука, пак, во комесаријатот, цело време е како во филм. А на Капечелатро му е здосадено да биде режисер на сценарија за кои знае како почнуваат, но никогаш не знае како ќе завршат.

„Минатата ноќ се случи вистински хаос“, вели Ландолфи, кој знае дека може слепо да му се довери на својот шеф. Затоа што Капечелатро е човек со прав ’рбет. А покрај тоа, секогаш го штител достоинството на својата позиција и на своите луѓе, без разлика на цената.

„Сакаш кафе? Ајде, раскажи“.

Ландолфи се смести пред бирото на шефот. Капечелатро си ја мазни брадата и ги трга своите oчила за блиску. Кога е неопходно убаво да се погледнат нештата, нему не му требаат очила.

Карима Ел Махруг

„Ви текнува ли шефе на таа девојката што ја донесовме тука во четвртокот вечер, од авенијата „Буенос Аирес“?  Таа што беше облечена во костим за капење… па, таа што повеќе од облечена беше соблечена…“

„Да, да, ајде, помини на конкретното“.

„Е, па, од тука ја однесовме во станица, за фотографија и отпечатоци, како што ни нареди јавниот обвинител за малолетници. Ви текнува? Онаа, или ќе ја испратите во заедница или кај вас ќе ја чувате. Е, па, кога пристигнавме во ,Фатебенефратели’, додека бевме во Техника за сликање, каде половина станица се собра за да свети над убавицата, видно возбудена пристигна една службеничка. Онаа младата, Јафрате. Мавташе со мобилниот и ни се дереше: Доста е дечки! Запрете се! Оваа овде е важна! Се јавија од премиерскиот кабинет. Треба веднаш да ја пуштиме“.

„А бе ајде?“

„И тоа како, докторе. Службеничката тврдеше дека оваа била дури и внука на Мубарак“.

„Чија внука?“

„На Мубарак, претседателот на Египет“.

„А вие, тогаш, што направивте?“

„Тотален хаос шефе. Ништо повеќе не се разбираше. Службеничката изгледаше полудено. Продолжи да прима повици шефот на кабинетот на надзорникот, доктор Остуни. Затоа што тој пренел до кабинетот на премиерот дека девојката била веќе ослободена. Меѓутоа, таа сè уште беше таму и ние сакавме барем да ја фотографираме. Накратко, кланица беше. И како требаше ние да се поставиме? Се обидовме и понатаму да постапиме по процедурата. Шефе, оваа беше малолетничка. Јасно ви е каква калакурница?“

„На крај, како ја решивте работата?“

„Ништо. Некое време се обидовме да се инаетиме, успеавме да штракнеме фотки, но потоа бевме приморани да ја пуштиме да си оди. Затоа што велеа дека од кабинетот на премиерот било испратено овластено лице. Некоја си советничка на премиерот. Некоја си Минети. Нејзе требаше да ù ја довериме. Ништо од заедницата што ја нареди јавниот обвинител. И сакате да знаете уште нешто? Ни следуваше дури и да ù потпишеме записник за доверување на таа Минети“.

„А службеничката?“

„Ја замоливме и неа да се потпише. Беше загрижена. Додека се подготвуваше да се потпише, пристигна еден постар службеник и ù го грабна записникот од рака: нема потреба повеќе…“ Ландолфи застана на секунда за пауза. Сега тој е загрижениот. Зема воздух. Со далеку посериозен тон, го додава својот заклучок.

„Шефе, овде работата смрди. Не се вклопуваат работите. Не сакам да завршам во неволја“.

„Не се секирај Ландолфи. Во меѓувреме, само подготви ми еден детален извештај. Треба да наведеш сè што се случило таму внатре, секоја подробност е важна. Потоа јас ќе се погрижам“.

Догмата на Капечелатро е проста, универзална: „Законот е еднаков за сите“. За него, вели шефот на Четвртиот округ: „тој став не е само слоган, туку фактичка реалност. Моите последни две истраги, пред да заминам во пензија, се однесуваа на приказни кои наводно беа приказни за антиподни страни. Едната, околу некаква си измама на штета на неколку бездомници. Другата, во врска со премиерот на државата. Сметав за нужно и во двата случаи да се однесувам на истиот начин. Според законот“.

Два дена подоцна, извештајот на Ландолфи слетува на бирото во канцеларијата на раководителот, на првиот кат на улица „Пома“. Сè уште не е „деталниот“ извештај кој Капечелатро го побара затоа што Ландолфи веќе го закажа својот одмор и мора да тргне на пат.

„Шефе, ова е тоа. Па, кога ќе се вратам од одмор, ќе го препишам детално“.

„Оди, оди Ландолфи, забавувај се. Оти тука јас се забавувам“.

 

Карима Ел Махруг / Силвио Берлускони

 

Тоа што Ландолфи го остави се две и пол густо напишани страници. Во совршен записничарски стил:

Предмет: придружна белешка што се однесува на интервенцијата проследена од патролата Монфорте бис, прв турнус, каде споменатата оперативна единица постапуваше во правец на канцеларијата на локалната полиција, кон придружување на малолетничката Ел Махруг Карима, родена во Мароко на први ноември 1992 година, живеалиште во Летоџани, провинција на Месина, на улица „Контрада Сан Филипо“… До господинот раководител на комесаријатот на ПС (државна полиција) Монфорте – Виторија; до господинот раководител на канцеларијата за Општа превенција; до господинот раководител на канцеларијата за Имиграција…

Воведот е за институционална меморија. Ландолфи всушност вака го почнува својот отчет:

Подолу потпишаниот агент на Судската полиција, помошник на Државната полиција, Ландолфи Марко, заведен во служба во својство на шеф на патрола на брзиот полициски одред под назив Монфорте бис, четврти турнус, придружуван од агентот на Државната полиција, Фераѕано Луиџи Антонио, испратени на службена должност на датум 27 мај 2010 година во смена 18.30/00.30 часот, ве известува вас господа за тоа што следува:

Во суштина, токму ова е првиот обвинителен акт во „Рубигејт“. Сто и дваесет реда во кои еден обичен агент на полицијата почнува да ги наведува, црно на бело, некои од процедуралните недоследности што биле извршени кога малолетничката Карима Ел Махруг, позната како Руби срцекрадачката, била ослободена од полициската станица како резултат на интервенција од страна на самиот премиер на државата во функција, Силвио Берлускони. Конечно, врз основа на овој извештај, неколку дена подоцна, главниот раководител на комесаријатот Монфорте, Едмондо Капечелатро, одлучува да отиде во посета на Јавниот обвинител. За лично да ги предаде трите странички во рацете на заменик јавниот обвинител Антонио Санџермано.

 

Карима Ел Махруг како сведок на судењето на Берлускони

 

 

Извадок од „Падот на Берлускони: 120 денa кои го уништија Берлускони“

 

 

Advertisements

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s