Моја библиотека: Илина Јакимовска
Илина Ј., или Илина Букбокс, или професорката Илина – како милувате. Девојка чиј ведар лик го знаат и оние генерации кои „на времето“ киснеле во Галерија и Безистен, цел твитер МК, студентите на етнологија кои не може да не ја споменат „омилената“ професорка… и секако сите оние кои ја љубат книгата и не пропуштаат да ги прочитаат нејзините текстови во Букбокс.
Ја баравме за друго, па „патем“ ја прашавме дали сака да биде дел од Моја библиотека. Немаше каде, па прифати :). Еве ги нејзините одговори.
Има ли книга што си ја препрочитала повеќе од три пати, која и зошто?
Тоа се главно книги поезија кои ги читам по принципот „каде што ќе ми се отвори“, и во тоа која песна ќе ми се падне наоѓам извесна симболика за тоа како ќе мине или како минал денот. Борхес, јапонска поезија, Шимборска, Леонард Коен, Ален Боске…Но убедливо најраспадната книга од прелистување ми е „Каква корист од наслов“, подарок од пријател кој сега живее во Швајцарија, збирка поезија на Буковски. Еве, ја отворам, и читам: „Задоволството помеѓу агониите е еликсир на постоењето“.
Кој лик од книга ти бил ноќна мора?
Тешко ми е да одговорам на ова прашање, затоа што ниту еден книжевен лик не може да биде толку страшен колку што може тоа да биде неговиот еквивалент во реалноста. Затоа, ги бирам Ричард Хикок и Пери Смит, од „Ладнокрвно убиство“ на Труман Капоти, кои во 1959 без око да им трепне навистина убиле цело семејство во Канзас, за што по судењето биле обесени. Морниците фаќаат кај репликите од типот: „Не сакав да го повредам, мислев дека е многу фин џентлмен со мил глас. Го мислев тоа баш до моментот кога му го пресеков гркланот“.
Koja e најскапата книга што си ја купила во животот? И дали спиеше после тоа со книгата под перница, или ја чуваше во витрина? Каде е таа книга денес?
Најскапата книга во домашната библиотека ни е (внимание): „Динамички симетрии за наноструктури: имплицитни симетрии во транспорт на единечен електрон низ реални и вештачки молекули“ од група автори, која чини 140 евра. Но за мои не скапи, туку скапоцени книги ги сметам оние кои ми се потпишани од драги пријатели или од автори кои ги почитувам, особено ако сум учествувала во нивното преведување и/или издавање. Ми стојат во витрина, блиску до креветот.

Милчо Манчевски, сценариото за „Прашина“ и Борис Дежуловиќ, збирка колумни „Во потрага по загубеното време“
Кој ти е омилен наслов од Арс Либрис?
„Фауст“ и „Дон Кихот“, графичките новели од Фликс, затоа што му се допаднаа на син ми (7). Вака ја раскажува првата: „Еден човек си го даде срцето на лошиот за пари“.