Моја библиотека: Лидија Капушевска Дракулевска
Професорката Лидија Капушевска Дракулевска, како што ја опишуваат нејзините студенти, е многу добра и скромна личност, секогаш отворена и достапна, и е една од омилените професори на катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје.
Освен што е професор на Филолошкиот факултет, Лидија е книжевен теоретичар, критичар и голем љубител на книжевната фантастика, романтизмот и надреализмот. Ја поканивме да биде дел од „Моја библиотека“ и таа со задоволство одговори на нашиот прашалник…
Првата книга што ти оставила некаков печат и која ќе ја памтиш цел живот: која е и како ти дојде в раце?
Бидејќи бајките не се сметаат (не се наведени како можен избор), првата книга за која имам свест (не сметајќи ги и лектирите) е „Црното лале“ од Александар Дима. Веројатно затоа што ја добив како подарок од најдобрата другарка по завршување на второ одделение, кога се разделивме и кога јас се преселив со моите родители од Штип во Скопје. Книгата уште ја чувам и таа за мене е нешто најскапоцено од детството.
Која книга во одреден период од животот влијаела на твоите ставови и начин на размислување, односно ти направила „пресврт“ во животот?
Додека растев и созревав, има неколку книги кои ги сакав: „Игра во р’жта“ од Селинџер, „Демјан“ од Хесе, „Quo vadis“ од Сенкиевич… А вистинскиот „пресврт“ во животот мислам дека го направи средбата со Достоевски и неговите романи: „Злосторство и казна“, „Браќа Карамазови“, „Идиот“… не би можела да издвојам само еден.
Има ли книга што си ја препрочитала повеќе од три пати, која и зошто?
Како дете, сакав да ги препрочитувам книгите кои ми се допаѓаа, така што многу често сум читала исти книги и повеќе од три пати. Денес, со оглед на мојата професионална ориентација, ги препрочитувам книгите што ми се дел од наставниот процес.
Кој наслов од Арс Либрис го сакаш во твојата библиотека?
Не би можела да издвојам, но сигурно неколку од едицијата „Ѕвезди на светската книжевност“.