Каде сме ние? Што е ова? Каде нè однесе сонот? Самрак, дожд и нечистотија, огнено руменило на матното небо кое непрестајно рика од тешкиот грмеж, влажниот воздух е исполнет и раскинат од остро пеење, со бесно рикање како да лаат сите пци на пеколот, рикање кое завршува со распрснување, бликање, кршење и пламења, со јачење и писоци, со татнење на трубите што речиси ќе прснат и со удирање на барабаните што сè побргу и побргу даваат знак за напад… Онаму има шума од која избиваат безбојни глутници и трчаат, паѓаат и скокаат. Онаму се влече ридеста бразда на оддалечен пожар, чиј жар понекогаш се крева во лелеав пламен. Околу нас е брановидна ораница, изриена, размекната. Се протега каллив друм, покриен со скршени гранки, сличен на шума; полски пат, избразден и разриен, се извива од него како лак накај бреговите каде што на студениот дожд стрчат стебла, голи и без гранки… Овде има патоказ – но бесполезно е да го загледуваме; полутемнината би ни го скрила неговиот натпис дури кога таблата не би му била назабено пробиена и раскината. Исток или запад? Тоа е рамнината, тоа е војната. А ние сме плашливи сенки на патот, срамежливи во сенчестата сигурност, не ни помислувајќи да се впуштаме во фалбаџиство и ловечки приказни; нас нè донесе овде раскажувачкиот дух и желбата меѓу другарите што трчаат, јуришаат и напаѓаат на знак од барабаните излетувајќи од шумата, уште еднаш да му погледнеме в лице на еден од нив кого го познаваме, кој ни беше сопатник толку многу години, на добро- душниот грешник, чиј глас толку често го слушавме, да го погледнеме во едноставното лице пред да го изгубиме од пред очи.
Ги доведоа ваму нив, другарите, да го зададат последниот решавачки удар во битката што траеше цел ден и требаше одново да ја освои онаа позиција на брегот и запалените села зад него што пред два дни му паднаа в раце на непријателот. Тоа беше еден полк добро- волци, млада крв, најмногу студенти што не се долго време на фронтот. Ги алармираа ноќе, се возеа со железница до изутрината и маршираа по дождот сè до попладнето по лошите патишта – по речиси никакви патишта; друмовите беа затрупани, се одеше по ораници и мочуришта цели седум часови во искиснати шинели, со багажот за јуриш, а тоа не беше пријатна прошетка; зашто ако човек не сакаше да ги изгуби цокулите, мораше речиси на секој чекор да се наведнува и да го вовлекува прстот во копецот од цокулата и така да го извлекува стапалото од калта. Така им требаше цел час за да минат преку една мала ливада. Сега се тука, нивната млада крв совлада сè, а нивните возбудени и веќе исцрпени тела, што останаа напрегнати користејќи ги длабоките животни резерви, не бараа ни сон што им беше одземен, ни храна. Нивните влажни лица, испрскани со кал, обрабени со ремен под сивиот, затегнат шлем, гореа како оган. Гореа од напор и од глетката на загубите што ги претрпеа при преминот низ мочуришната шума. Зашто непријателот, известен за нивното навлегување, отвори кон нивниот пат препречен оган од шрапнели и гранати со голем калибар, оган што со распрснати парчиња биеше врз нивните редови и рикајќи избиваше и пламено ја шибаше угарената нива.
Мораат да се пробијат, овие три илјади трескави момчиња; како засилување, тие мораат со бајонетите да го решат јуришот на рововите пред и зад падината, јуришот на запалените села, и да помогнат тој да допре до одредената точка од наредбата што нивниот водач ја носеше в џеб. Тие се три илјади, за да станат две илјади додека да стигнат до ридот и до селото; тоа е смислата на нивното мноштво. Тие се тело, сметано на тоа уште да дејствува и да победува и по големи загуби и сè уште да може да ја поздрави победата со илјадногласно ура – без оглед на оние што се осамиле отпаѓајќи од стројот. Понекој од нив се беше осамил, отпаднал од стројот уште во текот на забрзаниот марш за кој се покажал премногу млад и нежен. Пребледуваше и се тетеравеше ги стискаше забите настојувајќи машки да издржи, а сепак најпосле изостануваше. Се влечеше уште извесно време покрај колоната што маршираше, го престигнуваа чета по чета и тој исчезнуваше останувајќи да лежи онаму каде што не беше добро да лежи. А потоа дојде шумата што ги косеше со парчиња од гранати. А сепак има многумина што се пробиваат и натаму; триилјадамина можат да издржат да им се пушти крв, та и тогаш да се цел вриеж. Веќе го изминаа она наше од дождот ишибано земјиште, друмот, полскиот пат и калливите ниви; ние, загледаните сенки покрај патот, сме меѓу нив. На работ од шумата секогаш се натнува бајонетот, со извежбани движења, трубата дава знак за тревога, барабанот бие и одекнува со длабок грмеж, а тие се пробиваат напред, колку што се може, со рапави извици, а нозете натежнале како во мачен сон, зашто наслаги од кал како олово им висат на несмасните цокули.
Се фрлаат ничкум кога ќе зарикаат проектили за пак да скокнат и да побрзаат натаму, со младешко грдо викање кога не ќе го погодат. Кога ќе ги погодат, паѓаат, мавтајќи со рацете, погодени в чело, в срце, в џигер. Лежат, со лице во калта и веќе не мрдаат. Лежат на грб, малку поткренат од раницата, со тил пропаднат вземи и со рацете грабат во воздух. Но шумата исфрла нови момчиња што се фрлаат, скокаат и извикуваат, или немо се препинаат меѓу отпаднатите од стројот.
Млада крв со своите раници и бајонети, со своите калливи шинели и цокули! Набљудувајќи ја, човек би можел на хуманистички и заносен начин да си вообрази и други слики. Би можел да си ги замисли момчињава како ги доведуваат и ги капат атовите во некој морски залив, како шетаат со љубените по плажата, со усните на увото од нежната свршеница, или како среќни се учат другарски меѓу себе да ракуваат со лак и стрела. Место тоа, лежат овде со нос во калта. А тоа што младата крв го прави радосно, иако со безграничен страв и со неискажлив копнеж по мајките, тоа е возвишено и засрамувачко нешто, само што не смее да биде причина да се доведува во ваква состојба.
Извадок од Томас Ман, ВОЛШЕБНИОТ РИД, ТОМ 2 (наскоро во издание на Арс Либрис)