Цонга е стројно момче од 90 килограми „суви“ мускули, еден од најголемите и најсилните тенисери, а сервисот му достигнува брзина и до 225 км/ч. Кога целата тежина ќе ја внесе во ритернот, топчето ви се враќа „тешко“, со таква комбинација од брзина и топспин што ви се чини дека ќе ви го избие рекетот од рака. Од друга страна, пак, по теренот се движи исклучително брзо. Тој ден, во флуоресцентната маичка, ми беше голем колку сонцето и подеднакво немилосрден. Првиот сет го доби со 7:6, по исцрпувачки тај-брејк, што публиката постојано ја креваше на нозе.
Но, во вториот сет моите опсесивни подготовки, конечно, почнаа да покажуваат резултати. Го добив со 7:6, а потоа почнав да ги контролирам поените, го шетав Цонга ваму-таму по должината на основната линија. Терените за сингл се широки 8,23 метри, а јас одлично ја покривав таа должина.
Лесно го добив третиот сет, со 6:1. Беше мој.
А, тогаш повторно се случи тоа. При водство на Цонга од 1:0 во четвртиот сет, невидливата сила повторно удри. Не можев да дишам. Кога го добив следниот гем, нешто ми запна во грлото, го молев главниот судија да ми дозволи да одам во тоалетот. Не сакав мојот противник да го види она што ќе го сторам.
Потрчав кон соблекувалната, влетав во тоалетот и паднав на колена. Се фатив за веце-шолјата, стомакот ми се грчеше и имав чувство дека ќе ја повратам целата своја сила.
Кога се вратив на теренот, бев сосема друг играч.
Цонга виде дека телото ме издава, го зачува својот сервис и ме шеташе ваму-таму по теренот како да сум играчка. Почувствував дека публиката застанува на негова страна, а сервисот како да му беше сè побрз, сè потежок – или, пак, јас бев сè побавен, сè послаб. Како да играв против џин. Не еднаш од неговите удари нозете ми остануваа залепени за сината подлога „плексикушион“ (plexicushion), едноставно не можев да ги помрднам. Го доби четвртиот сет со 6:3.
На почетокот од петтиот сет на сите во паркот „Мелбурн“ им беше јасно како ќе заврши овој меч. Сервирајќи на 0-40, при водство на Цонга од 3:1, паднав најниско во кариерата.Тоа беше брејк поен и точка на прекршување, во секоја смисла.
Морав совршено да сервирам за да го исфрлам од рамнотежа, да ја вратам контролата. Ако воопшто постоеше шанса да се вратам во мечот, тогаш овој сервис мораше да биде подобар од сите безброј, стотици илјади, што дотогаш сум ги сервирал.
Тап – тап. Го фрлив топчето во височина. Се обидов длабоко да вдишам за да го проширам торзото и максимално да се истегнам, но целите гради ми се стегнаа. Како да замавнував со чеканот на Тор, а не со тениски рекет.
Ми се кршеше телото.
Сервис-грешка.
Ми се кршеше духот. Тап – тап. Сервис.
Двојна сервис-грешка.
Гем за Цонга.
Крајот, за среќа, дојде брзо како егзекуција. Откако се ракувавме на мрежата, тој танцуваше по теренот и ја распалуваше публиката, полн со сила и со енергија. А, јас бев исцеден. Седумнаесет години тренирање секој божји ден, а, сепак, не бев ни физички ни психички доволно силен за да им парирам на најдобрите играчи.
Имав знаење, талент, мотив. Имав средства да ги испробам сите познати видови тренинг, психички и физички, имав пристап до најдобрите светски доктори. Никогаш воопшто не се посомневав што, всушност, ме попречува. Правилно вежбав и тренирав.
Но, се хранев сосема погрешно.
Извадок од Новак Ѓоковиќ „Сервирај за победа“