Сите имаме некоја скриена тајна, нешто што го чуваме длабоко во себе за другите да не можат да го видат. За жал, Сејџ Сингер ја нема таа можност.
Нејзината тајна, нејзината вина е испишана низ нејзиното лице, една грозна лузна која таа дозволува да го контролира нејзиниот живот.
Поради таа лузна Сејџ не сака да има контакт со луѓе и ги избегнува на секој можен начин. Затоа работи во пекара, секогаш ноќна смена, за никој да не ѝ го нарушува мирот. И затоа се гледа со оженет маж, бидејќи мисли дека никој друг нема да ја сака и не заслужува подобро.
Во пекарата го запознава Џозеф Вебер, маж кој веќе е на залезот на својот живот, но нешто сѐ уште го држи на земјата. Како што го запознава подобро, Џозеф ѝ вели на Сејџ дека од неа сака една огромна услуга.
Да му помогне да умре.
А за да разбере зошто сака да го направи тоа, тој мора да ѝ ја каже својата приказна.
Приказната за неговиот живот како дете, а потоа како нацист, во служба на Хитлер.
Сејџ во тој момент разбира зошто го бара тоа токму од неа. Бидејќи таа потекнува од еврејско семејство. Всушност, нејзината баба го преживеала холокаустот.
Значи, од една страна ја дознаваме приказната на младиот Германец, ги гледаме ужасите кои ги направил во текот на војната, а од друга страна ја имаме приказната на Минка, бабата на Сејџ, младата Еврејка и ужасите кои таа ги претрпела за време на војната во различни концентрациони логори.
Како овие приказни ќе се спојат?
Плус, испреплетена низ страниците е приказната на Сејџ, нејзината борба со простувањето, со наоѓањето на нејзиното место под сонцето.
На почетокот нејзиниот лик не ми беше воопшто симпатичен, но понатаму се менува и се развива во приказната, нешто што Џоди Пико го има усовршено.
Одлична приказна, морам да признаам дека ме остави без спиење, а и по читањето ужасни слики ми се мотаа по главата. Има навистина детални описи од логорите и од маките и стравовите низ кои Евреите поминувале во тоа време.
Џоди Пико завршила прекрасна работа со книгава и дефинитивно Раскажувачката на приказни ми е најдоброто нешто од неа.
Автор: Читателка – sakamknigi.mk/
Оригиналната рецензија можете да ја најдете овде.